logo
logo
logo

ДКСК ќе размисли дали ќе отвори предмет за набавката на „фингерпринт“ читачите

Vecer | 16.09.2021

ДКСК ќе размисли дали ќе отвори предмет за набавката на „фингерпринт“ читачите

Ќе ја разгледаме новонастанатата состојба и на колегиум ќе одлучиме дали ќе се отвори посебен предмет, изјавија за „Слободен печат“ од Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) во врска со аферата „Дермалог“.

Од ДКСК ќе почекаат да се изјаснат и други институции пред да излезат со став.

Македонија од буџетот на германската фирма „Дермалог“ ќе ѝ исплати околу 11 милиони евра за 2.000 апарати за читање отпечаток од прст, кои треба да се користат на претстојните локални избори на 17 октомври. Истражувањето на германскиот весник „Велт ам Зонтаг“ покажува дека во последниве години „Дермалог“ добивал владини договори со невидена леснотија, пренесе „Дојче веле“ на македонски јазик.

„Во некои случаи, воопшто немало покана за учество на тендер, иако тоа била законска обврска за спречување корупција. Во моментов во Северна Македонија, каде што изборите се закажани за октомври – имало тендер, но ‘Дермалог’ го добила договорот под чудни околности. Во повеќе наврати, локалните партнерски компании играле улога, очигледно добро поврзани со локалните политичари. Иако во Северна Македонија имаше конкурентска тендерска постапка, Комисијата за набавки одбила неколку конкуренти уште на почетокот, затоа што, наводно, не ги исполнувале условите на тендерот. На 11 август надлежните му одобрија на ‘Дермалог’ да ја достави биометриската технологија. Вредноста на договорот е речиси 11 милиони евра“, пишува „Велт ам Зонтаг“.

Уште кога се избираше фирмата што ќе ги обезбеди т.н. „фингерпринт“ читачи за претстојните избори во Македонија, се отвори темата за начинот на избор. Тогаш Државната комисија за спречување корупција посочи дека Државниот завод за ревизија треба да направи ревизија на набавката, а Бирото за јавни набавки да направи контрола.

Како што на 16 јули соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски, „Дермалог“ била оценета како најдобра од Комисијата за јавни набавки и ДИК потоа го направила изборот.

– „Дермалог од Германија е избрана со евалуација, ги исполнила условите, била најдобра, имала најдобра понуда, најдобар апарат, затоа предлогот го прифатив како веродостоен – рече тогаш Даштевски.

Од Државната изборна комисија потврдуваат дека фирмите „Симболико“ ДООЕЛ и „Алфазет-Македонија“ ќе работат на обука и спроведување на новата технологија, но за нивниот избор ДИК немала влијание, зашто за тоа одлучил германскиот добитник на тендерот.

„Дермалог“ најавила дека ќе ангажира двајца подизведувачи во Македонија. Обата ќе добијат по 14 проценти од целата сума – вкупно 3 милиони евра. Скопската компанија „Симболико“ ДООЕЛ е една до двете компании што го добила тендерот. Германците ја ангажирале како фирма-подизведувач, податок што се држеше во тајност по објавувањето на тендерот. Газдарица и основач на „Симболико“ е Елена Соленаји во 2007 година. Во 2014-та оваа компанија ја менува дејноста и почнува да се занимава со повикувачки центри. Лани фирмата на Соленаји прикажала добивка од 20.000 евра.

Во бизнисот за читачи на отпечатоци е вклучена и фирмата „Алфазет“ од Белгија, која во земјава ја донел поранешниот македонски одбојкарски репрезентативец Јовица Симовски. „Алфазет-Македонија“, како партнерска фирма од областа на биометријата на скенирање, ќе добие 1,5 милиони евра за надгледување на употребата на читачите набавени од германската „Дермалог“ на денот на изборите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk