logo
logo
logo

Демократскиот сојуз апелира да се престане со проширувањето на парламентарното мнозинство

Vecer | 18.01.2023

Демократскиот сојуз апелира да се престане со проширувањето на парламентарното мнозинство

Демократскиот сојуз (ДС) смета дека идејата за зголемување на парламентарното мнозинство, дополнително ќе го засили незадоволството кај граѓаните, дека ќе се заострат меѓуетничките тензии и сериозно ќе се нарушат уставните принципи за соодветна и правична застапеност на етничките заедници во власта.
-Инаку, и со сегашната композиција на Владата, прекршени се основните решенија од Охридскиот рамковен договор, како и нормите “Бадентер” и “Балансер”, произлезени од истиот. Доколку сакаме функционални институции, приоритетни услови за раководни функции во власта, мора да бидат стручноста, професионалноста, личниот интегритет и отпорноста од партиски и криминални влијанија. Партизацијата и етничкиот клуч, ги блокираа и ги криминализираа институциите. Ставот на Демократскиот сојуз е наместо сегашните преговори за приклучување на Алијанса во власта, СДСМ, а особено ДУИ, итно да ги консолидираат внатрепартиските состојби за да се продолжи со реформите, посебно во правосудниот систем и да се отпочне со силна и неселективна борба против корупцијата, велат од ДС преку соопштение.
Според нив, во скрининг процесот да се вклучат сите креативни потенцијали, а Парламентот континуирано да биде информиран.
Наместо граѓаните и партиите да се делат на поддржувачи и противници на ЕУ и да се најавуваат некакви нови сојузи, да се подвиткаат ракавите и да се работи на конкретни проекти, а не на сеење магла и продавање демагогија. Незадоволството, загриженоста и разочараноста од вкупните состојби во државата секојдневно се зголемуваат, поради што неопходни се промени, но и јакнење на одговорноста. Граѓаните очекуваат единство и сплотеност, како и заштита на стратешките и националните интереси, стои во соопштението од партијата на Павле Трајанов.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk