Триесет села на 62.705 хектари ќе влегуваат во заштитената зона на Шар Планина, која е на чекор да биде прогласена за Национален парк. Владата на вчерашната седница го утврдила текстот на предлог-законот подготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање, со што Шара би станала заштитено подрачје од втора категорија.

Откако Собранието ќе го усвои законот, Владата ќе треба да оформи јавна установа, национален парк, во рок од 3 месеци, за што веќе се обезбедени средства од буџетот.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини информираше дека додека трае постапката за донесување на законот, Владата донела одлука Шар Планина да биде под привремена заштита, со цел да се спречи донесување нови концесии на територијата на подрачјето. Ова решението треба да биде изготвено во рок од 2 недели.

„ Во однос на одлуките за градење мали хидроцентрали кои се веќе поминати, дадовме рок од една година надлежните министри да преговараат со инвеститорите со цел тие да се повлечат од градење, но истовремено да не биде финансиски оштетена државата. Нови концесии нема да има, тоа е впрочем и идејата, да се спречи давањето нови концесии“, изјави Нуредини.

Иницијативата Шар Планина да биде прогласена за национален парк датира од 1994 година.

„ Низ годините беа направени многу напори, но имаше и многу неуспешни обиди за да дојдеме до денешниот ден. зацврстувањето на брендот на Шара ќе има национално, регионално и меѓународно значење, а ќе го поттикне социоекономскиот развој, туризмот и органското производство“, рече Нуредини.

makfax.com.mk