ВЛЕН обвини дека критиките од страна на ДУИ во врска со изградбата на автопатот Скопје-Блаце се мотивирани од приватни интереси, а не од грижата за граѓаните.
„Вресоците на ДУИ за автопатот Скопје-Блаце имаат само една причина – трасата не поминува таму каде што со години се правеле пресметки и се купувале земјишта со надеж за милионски добивки од експропријацијата“, велат од ВЛЕН.
Според партијата, за првпат од ваков проект корист ќе имаат граѓаните, а не партиските интереси. Тие тврдат дека обидите автопатот да биде ставен во функција на индивидуални интереси пропаднале и дека трасата се реализира врз основа на професионални решенија и во интерес на јавноста.
„Ова е вистинската причина за нивната врева. Обидот автопатот да служи на индивидуални интереси, а не на интересот на граѓаните, доживеа неуспех. Трасата се реализира според професионално решение и во корист на граѓаните, а не според плановите на оние кои сметале дека ќе се збогатат од овој пат“, наведуваат од ВЛЕН.

Од партијата посочуваат дека со години овој стратешки проект бил заглавен поради теснопартиски интереси, додека денес, како што велат, неговата реализација носи придобивки за граѓаните, бизнисот, економијата и за стратешкото поврзување со Косово.
„ВЛЕН не е во Владата за да штити приватни интереси, туку за да реализира проекти кои со децении биле користени само за политичка пропаганда. Автопатот Скопје-Блаце е еден од проектите што ја покажуваат разликата меѓу оние кои зборуваа за развој и оние кои го реализираат во пракса“, истакнуваат од ВЛЕН.
Од ВЛЕН оценуваат дека автопатот Скопје-Блаце е најдобар доказ за разликата меѓу двата политички пристапи – „24 години ветувања без реализација и 24 месеци ангажман што го водат проектот кон завршница“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата