Ако за Балканците постоела “ветена земја“ за миграција, тоа била Германија. Од шеесеттите, кога почнува миграцијата од нашиве простори, над еден милион Балканци од бивша Југославија се иселиле кои, потоа, создале свои семејства, бизниси и со децата останале таму па така сега гледаме трета генерација на тие иселеници дополнета со милион нови.
Дел од нив не се веќе “Балканци“. Со прием во германско државјанство, или со раѓање таму, тие станале полноправни Германци и ги нема веќе во списоците за мигранти од Балканот.
Моментално во Германија живеат околу 1,3 до 1,5 милиони луѓе со потекло од поранешна Југославија, вклучувајќи ја и првата генерација имигранти и нивните потомци кои во значителен дел се изјануваат како Германци а не како “балканци“.

Оваа бројка вклучува неколку бранови на миграција што се случија во период од повеќе од шест децении. Главните бранови на миграција вклучуваат: Економска миграција (1960–1973): За време на периодот на „гастарбајтери“ (Гастарбајтери), СФРЈ и Западна Германија потпишаа договор за вработување во 1968 година, што резултираше со речиси 700.000 работници од Југославија кои живееја во Германија до 1973 година.
За време на војните во Југославија (1990–1995) во Германија заминаа над половина милион луѓе кои побараа статус на бегалци.
Иако многу од нив подоцна се вратија во своите матични земји, значителен дел остана трајно. Од 2015 година до денес со либерализацијата на прописите за вработување за работници од Западен Балкан доведе до нов бран на економска емиграција во Германија.
Според податоците од Германскиот федерален завод за статистика (Дестатис) и Централниот регистар на странци (AZR), вкупниот број на граѓани на земјите основани на територијата на поранешна СФРЈ е над 1,1 милион.

Во Германија живеат 161.044 луѓе со потекло од Македонија. Лани Бугарите биле побројни од Хрватите, а Хрватите ги има во поголем број од косовските граѓани.
Податоците на Дестатис, покажуваат дека на крајот на 2025 година во Германија живееле 421.895 Бугари, а бројот на Хрвати бил 413.480. Регистрирани се 323.260 косовски граѓани и 271.285 Срби. Од училиштата за странски јазици велат дека последниве две години зема замав учењето германски јазик, баш поради желбата на луѓето да се преселат во Германија.
„Возрасните покажуваат голем интерес за учење германски. Го бараат основниот курс за германски, прв и втор степен. За жал таква е ситуацијата, учат за иселување. Има кандидати на кои им се брза и си бараат индивидуални часови“, велат од охридско училиште за странски јазици.
И од агенциите за посредување при вработување очекуваат дека работната сила од Македонија и натаму ќе заминува во Германија.
„Се очекува дека Германија и натаму ќе привлекува работна сила од Македонија. Како што беше досега, очекуваме дека дури бранот ќе биде поголем во иднина. Во некои други држави платите се и повисоки, но тие за жал не се толку отворени за визи. Германија без разлика на тоа колкава е платата, сепак е отворена и пристапот до визи е полесен. Ако и други држави во иднина ги отворат вратите за визи како Германија, луѓето ќе мигрираат и таму“, вели Елена Илиевска, управител на агенцијата за посредување при вработување Футурум.

Кај повеќето нации кои живеат во Германија бројките од 2019 година досега се стабилни, а нагло зголемување има кај Украинците. Ако во 2019 година во Германија имало 143.545 Украинци, во 2025 година нивниот број изнесувал 1.409.565.
Вкупната бројка на странци лани во Германија изнесувала 14.070.225, а за споредба во 2019 година во земјата имало 11.228.300 странци.
Во 2018 година, во државата имало 10.915.455 странци. Во Германија голема е и романската заедница која лани броела 903.770 припадници, додека полската заедница броела 839.660 луѓе. Зад нив следни по бројност се Италијанците со над 620.000 луѓе. Унгарци во Германија има над 200.000, а истото важи и за Шпанците.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата