За прв пат по осамостојувањето, Македонија е избрана во едно од водечките тела на Обединетите нации (ОН). Ова е огромен успех за државата и македонската дипломатија.
Македонија е избрана со 174 гласа за, во друштво со Португалија, Германија, Франција и други 10 држави.

Екосок е Економски и социјален совет на ОН. Како еден од шесте главни органи на ОН, тој служи како централна платформа за дебатирање на меѓународни економски, социјални и еколошки прашања и за координирање на различните специјализирани агенции, програми и комисии на ОН.
Основни функции
Интеграција на политики: Делува како главно тело за координација, преглед на политиките и дијалог за политиките за економски, социјални и еколошки прашања.
Одржлив развој: Претставува централен центар за следење и преглед на Агендата за одржлив развој 2030 и Целите за одржлив развој (ЦОР).
Глобална соработка: Дава препораки до земјите-членки и ги здружува владите, граѓанското општество, приватниот сектор и академијата за решавање на сложени глобални предизвици.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека овој избор е потврда дека државата може да постигнува резултати кога работи плански, сериозно и со јасна дипломатска цел.
- Тоа е признание за трудот на нашата активната дипломатија и за довербата што ја градиме со нашите партнери. Во изминатиот период Македонија стана членка на Советот за човекови права на Обединетите нации, како и на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје. Денешниот избор во ЕКОСОК е продолжение на тој позитивен тренд и доказ дека нашето присуство во меѓународните организации станува посилно и повидливо. Нашата цел е Македонија да биде држава која не стои на маргините, туку активно учествува, гради партнерства и придонесува во решавањето на прашањата што се важни за граѓаните и за меѓународната заедница. Овој успех е резултат на работа, доверба и одговорен пристап, наведува премиерот Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата