logo
logo
logo

Бизнис, или..?

НАШИТЕ ФАБРИКИ ЗА КАНАБИС: Овие две профитираат, другите се во милиони евра загуба, но тука се!

Vecer | 24.04.2026

НАШИТЕ ФАБРИКИ ЗА КАНАБИС: Овие две профитираат, другите се во милиони евра загуба, но тука се!

Податоците што ги обезбеди потрталот Фактор, а се преземени од Централниот регистар, покажуваат дека 2025 година донела прв голем финансиски пробив во секторот за медицински канабис во Македонија.

По години во кои овој бизнис главно се поврзуваше со високи вложувања, големи очекувања, скапи капацитети и слаби резултати, една компанија (Синцеритас) прв пат се издвојува со добивка од над 5 милиони евра.

Станува збор за Синцеритас АД Скопје, чија фабрика се наоѓа во Росоман, единственото акционерско друштво во земјава во оваа група компании поврзани со производство и трговија со медицински канабис. Компанијата, чиј основач е Роберт Новески, повратник од Германија, во 2025 година остварила голема добивка од околу 5,2 милиони евра, односно 319,46 милиони денари што е раст од 1506 проценти.

Според анализираните податоци, ваква значителна добивка од компанија поврзана со медицински канабис досега немало во земјава. Синцеритас ја завршила годината со приходи од околу 11,07 милиони евра, односно 680,86 милиони денари, додека расходите изнесувале околу 5,81 милиони евра, односно 357,13 милиони денари. Компанијата има 93 вработени, што е раст од 36 проценти. Излегува дека профитната маржа во 2025 година на друштвото е безмалку 50 отсто.

Втор голем позитивен резултат има Охрид Органицс ДОО Охрид, со добивка од околу 1,84 милиони евра, односно 113,31 милиони денари. Приходите на оваа компанија изнесуваат околу 3,46 милиони евра, односно 213,06 милиони денари, а расходите околу 1,76 милиони евра, односно 108,31 милиони денари. Охрид Органицс има 32 вработени и раст на бројот на работници од 10 проценти.

Овие две компании јасно отскокнуваат од останатите во секторот. Кај најголем дел од другите фирми билансите покажуваат загуби, минимални приходи или големи трошоци кои со години ја јадат основната инвестиција.

Во групата со позитивен резултат е и НЈСК Холдинг ДООЕЛ Скопје, со добивка од околу 437 илјади евра, односно 26,88 милиони денари. Компанијата има приходи од околу 20,26 милиони евра, односно 1,25 милијарди денари, и 171 вработен.

На спротивната страна се фирми кои се основани уште во 2017 и 2018 година, а седум до осум години подоцна сè уште немаат позитивен финансиски резултат. Дел од нив имаат милионски основни главнини, дел имаат вработени и оперативни структури, но крајниот биланс останува загуба.

Најголем минус во анализираната група има Флауер Пауер ДОО Вевчани, основана во 2021 година. Компанијата ја завршила 2025 година со загуба од околу 4,5 милиони евра, односно 276,72 милиони денари. Приходите се само околу 668 евра, односно 41.085 денари, додека расходите достигнале околу 4,74 милиони евра, односно 291,25 милиони денари. Фирмата има 43 вработени и основна главнина од речиси 17 милиони евра.

Голема загуба има и Пјурели Плант ДООЕЛ Петровец, основана во 2019 година. Компанијата има приходи од околу 20,7 илјади евра, односно 1,27 милиони денари, а расходи од околу 3,99 милиони евра, односно 245,57 милиони денари. Загубата изнесува околу 4,03 милиони евра, односно 247,59 милиони денари. И покрај тоа, компанијата има 87 вработени, што покажува дека трошоците за одржување на капацитетот и работната сила остануваат високи.

Хапа Фарм ДОО Скопје, основана во 2018 година, е еден од најсилните примери за јазот меѓу вложениот капитал и реалниот приход. Компанијата има основна главнина од над 11,34 милиони евра, но во 2025 година прикажала приходи од само околу 1.038 евра, односно 63.827 денари. Загубата изнесува околу 2,29 милиони евра, односно 140,75 милиони денари. Седум години по основањето, компанијата сè уште нема добивка и има само еден вработен.

Во минус е и Мар Медика ДООЕЛ Куманово, основана во 2018 година. Компанијата има приходи од околу 98 илјади евра, односно 6,05 милиони денари, но расходите достигнале околу 1,73 милиони евра, односно 106,65 милиони денари. Загубата изнесува околу 1,02 милиони евра, односно 62,54 милиони денари. Фирмата има 20 вработени.

Њу Гарден Фарма ДООЕЛ Скопје, исто така основана во 2018 година, има значително повисоки приходи од дел од останатите фирми, но годината повторно ја завршува со минус. Приходите изнесуваат околу 2,83 милиони евра, односно 174,33 милиони денари, додека расходите се околу 4,2 милиони евра, односно 258,22 милиони денари. Загубата е околу 470 илјади евра, односно 28,89 милиони денари. Компанијата има 31 вработен.

Ендо Кана ДОО Старо Нагоричане, основана во 2019 година, има приходи од околу 84 илјади евра, односно 5,18 милиони денари, а загуба од околу 412 илјади евра, односно 25,36 милиони денари. Компанијата има 18 вработени.

Кај дел од помалите фирми загубите се помали во апсолутен износ, но приходите покажуваат многу ограничена активност.

Канабиноид ДОО Куманово, основана во 2018 година, има приходи од околу 1.470 евра, односно 90.458 денари, и загуба од околу 103 илјади евра, односно 6,36 милиони денари. Седум години по основањето, компанијата останува без позитивен резултат.

Канабис Про ДООЕЛ Струмица, основана во 2018 година, има приходи од околу 12 илјади евра, односно 738.375 денари, а загуба од околу 73,5 илјади евра, односно 4,52 милиони денари. И оваа компанија, по седум години постоење, сè уште нема добивка.

Оаза Алкалоиди ДОО Карбинци, основана во 2016 година, има приходи од околу 220 илјади евра, односно 13,53 милиони денари, но годината ја завршува со загуба од околу 66 илјади евра, односно 4,06 милиони денари. Компанијата има 18 вработени и, девет години по основањето, останува во минус.

Аура Фарм ДОО Кавадарци, основана во 2021 година, прикажала приходи од околу 59 илјади евра, односно 3,64 милиони денари, и загуба од околу 37 илјади евра, односно 2,28 милиони денари. Компанијата има 7 вработени.

Фарма Медика Канабис ДОО Валандово, основана во 2017 година, е речиси без деловна активност според билансот. Приходите изнесуваат само околу 62 евра, односно 3.784 денари, а загубата е околу 91 евро, односно 5.569 денари. Осум години по основањето, фирмата нема значаен приход и нема добивка.

Цанноби ДООЕЛ Скопје, Во 2025 година има приходи од околу 99,8 илјади евра, односно 6,14 милиони денари, а загуба од околу 26,9 илјади евра, односно 1,65 милиони денари. Компанијата има еден вработен.

Вкупната слика покажува дека секторот за медицински канабис во Македонија во 2025 година се дели на две јасни групи.

Првата ја сочинуваат Синцеритас и Охрид Органицс, компании кои конечно покажуваат дека овој бизнис може да донесе сериозна добивка. Втората ја сочинуваат фирми со големи вложувања, повеќегодишно присуство на пазарот, вработени и капацитети, но со загуби или симболични приходи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk