logo
logo
logo

ЧЕТИРИ КЛУЧНИ ПОРАКИ ОД ЛИДЕРОТ НА ВМРО-ДПМНЕ НА 36-ТИОТ РОДЕНДЕН НА ПАРТИЈАТА: Дали ќе бидеме сведоци на времето или творци на времето?

Vecer | 17.06.2026

ЧЕТИРИ КЛУЧНИ ПОРАКИ ОД ЛИДЕРОТ НА ВМРО-ДПМНЕ НА 36-ТИОТ РОДЕНДЕН НА ПАРТИЈАТА: Дали ќе бидеме сведоци на времето или творци на времето?

Четири главни пораки испрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денес од Струмица по повод 36 роденден на ВМРО-ДПМНЕ кој се одбележува во градскиот стадион под мотото „Македонија забрзува, наша обврска“.

- СЈО СО СДСМ ГО ПРАВЕШЕ ИСТОТО ШТО И УДБА ДО 70-ТИТЕ ГОДИНИ ВО ЈУГОСЛАВИЈА ПРОТИВ ВМРО-вски организации ВО ВРЕМЕТО НА ЈУГОСЛАВИЈА

- НЕМА ДОГОВОР СО СДСМ ЗА ДА НЕМА АПСЕЊА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА ЌЕ ИМА ЗАСИЛЕНО ТЕМПО, НО НЕ СО СПЕКТАКЛИ

- ТРГНУВАМЕ ВО РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ВЛАДАТА, МОЖЕБИ ЌЕ ИМ СЕ ИСПОЛНИ ЖЕЛБАТА НА СДСМ ЗА ПРЕДВРЕМЕНИ

- НАШЕТО МЕСТО Е ВО ЕВРОПА, НЕМА УСТАВНИ БЕЗ ГАРАНЦИИ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ

Одиме по ред.

Околу 20 илјади граѓани, поддржувачи, симпатизери, како и голем број партиски активисти и функционери, јавни личности, пратеници, министри и други владини функционери, вечерва во Струмица прославуваа 36 години од основањето на партијата.

Централната роденденска прослава се одржа на стадионот „Младост“ во Струмица, каде беше поставена спектакуларна бина, на која настапија бројни македонски уметници, со препознатливи, патриотски македонски песни. Беше прикажан документарен филм, за почетоците на историската ВМРО, како и документарен филм за основањето и развојот на современата партија ВМРО-ДПМНЕ.

Во пригодниот документарец за историското ВМРО беа користени фотографии од историски личности, анимирани со алатките на вештачка интелигенција. Вториот документарец содржеше архивски снимки од почетоците на партијата ВМРО-ДПМНЕ и нејзината борба за самостојна и независна Македонија.

По завршувањето на културно-уметничкиот дел на настанот, Мицкоски одржа говор во кој се осврна на историјатот на создавањето на Македонската револуционерна организација, низ сите нејзини фази, од основањето, илинденскиот и поилинденскиот период, периодот на голема внатрешна криза и борба на различните крила на партијата, се до повоениот период и страдањето на приврзаниците на идеалите на ВМРО од комунистичките служби УДБА и ОЗНА.

– Првата фаза, од основањето 1893 година до 1905 година била времето на подемот и единството на Организацијата, кога таа во своите редови ги обединила македонските револуционери со различни идеолошки гледишта и ставови кои воопшто не биле доминантни во споредба со идејата за создавање на автономна Македонија. Слободата на Македонија била обединувачката алка за сите револуционери, а авторитетите на Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Јане Сандански, Христо Татарчев биле поттикнувачки фактор за масовноста на ВМРО и нејзиното ширење на целата територија на Македонија”, рече Мицкоски, додавајќи дека освен Македонци, во ВМРО се зачленувале и луѓе од други народи кои ја прифатиле идејата на Организацијата за создавање на автономна македонска држава.

Втората фаза во историјатот на ВМРО, од Рилскиот конгрес до завршување на Првата светска војна во 1918 година е период на внатрешни поделби, непријателства, но и дилеми по кој пат да тргне Организацијата. Состојбите се влошувале и заради балканските пропаганди кои се заканувале да дејствуваат погубно врз постоењето на ВМРО. Се создале два спротивставени табори во организационите редови: на едната страна Јане Сандански и Димо Хаџи Димов кои се залагале за децентрализација на ВМРО и постепена преобразба за време на Младотурската револуција во легален политички субјект, а на другата страна Христо Матов и Тодор Александров со своите приврзаници кои барале да се продолжи со оружената револуционерна борба со цврста централизираност во внатрешната поставеност на Организацијата – истакна претседателот Мицкоски.

И покрај поделбата на две теченија, рече Мицкоски, расправиите и фракционерските борби и создавањето на неколку различни организации и една политичка партија кои произлегле од самата ВМРО, без разлика на полемиките и различните мислења во македонската историографија, останува фактот дека и во тие тешки времиња Организацијата опстанала на историската сцена и под нејзиното име продолжила да дејствува и во времето до завршувањето на Првата светска војна.

Третата фаза на дејствувањето на ВМРО, рече Мицкоски, е временски најдолга, од 1919 година до расформирањето на ВМРО на 19 мај 1934 година.

- После трагичните настани, во ВМРО од крајот на 20тите години на минатиот век до 1934 година, многумина политички и воени фактори на Балканот и Европа помислиле дека македонската организација е готова, дека е завршено со неа и дека таа станала далечно минато. Но, годините по Втората светска војна, кога се исцртувале новите светски геополитички граници покажале дека идеологијата на ВМРО и историското сеќавање за организацијата има многу длабоки корени на тлото на Македонија. Семето посеано на 23 октомври 1893 година, не било уништено од плевелот што растел околу него. Вмровската идеологија повторно воскреснала во намачената душа на македонскиот народ. Низ целата територија на федерална Македонија, секојдневно се создавале групи и поголеми организации кои дејствувале илегално, повикувајќи се на идеалите на старата гоцеделчева ВМРО, јасно декларирајќи дека ќе се борат Македонија да се отцепи од југословенска федерација и да се конструира како независна држава во срцето на Балканот. Бројот на тие вмровски групи и организации од ден на ден се зголемувал и опфаќал најголем дел од средношколската и студентската младина, а голем дел и од македонските интелектуалци, посебно докторите, професорите и учителите создавале организации и групи, кои во своето име ги содржеле најсветите македонски букви: В.М.Р.О.

СЈО и СДСМ од 2017 до 2019 година го правеа истото што и УДБА во доцните 40-ти години, па се до средината на 70-тите години

- Стравувајќи од опасноста дека може да се изгуби контролата врз политичките прилики во Македонија, републичката и сојузната УДБА, уште во доцните 40-ти години, па се до средината на 70-тите години спроведе темелни истраги за откривање и апсење на вмровските групи, со цел за нивно целосно елиминирање. За да се види огромната раширеност на вмровските организации во тој период, говори и податокот од МВР, според кој во периодот од 1945 до 1985 година, во Македонија биле откриени 105 илегални организации и групи со над 1200 членови. Според овие податоци, во наведениот период под обвинение дека се членови на вмровски групи, биле уапсени и околу 7300 средношколци, а во затворот Идризово биле затворени околу 2500 затвореници, најголем дел од нив осудени и затворени под обвинението дека се членови на организации и групи со името ВМРО. Во доцните 80-ти години на минатиот век, пред самиот распад на тогашната југословенска федерација, службата за државна безбедност УДБА имала зачувано околу 14.500 политички досиеја, најголем дел на членови на вмровските групи, со напомена дека постојат јасни индиции дека голем дел од досиејата се скриени или целосно уништени - посочи Мицокоски.

Мицкоски направи осврт и на жестокиот политички прогон на партијата во поново време, во 2017 година, кој кулминирал со барањето да се смени името на партијата, односно да не се користи името ВМРО. Но, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ ја демонстрирало својата издржливост, и праша „каде се сега тие што поставуваа такви барања“.

 - Сакам да споменам и една друга работа, во 2017, 2018 и на почетокот на 2019 година, ВМРО-ДПМНЕ беше под жесток политички прогон. Во тоа време имаше и отворени предлози од челниците на тогашната владејачка СДСМ, за укинување на името на ВМРО и тоа со закон. Замислете во 21 век. Но, еве 8 години подоцна, историјата е добра учител, треба само да се постави прашањето: каде се тие, каде е ВМРО-ДПМНЕ? - посочи Мицкоски на спрегата на владејачката СДСМ со неуставното Специјално јавно обвинителство кое изврши прогон и затвори стотици членови и сипматизери ан партијата.

– На овој роденден сакам да посочам дека ова е сведоштво дека една идеја родена пред 36 години продолжува да живее, да расте и да се развива. Ова е доказ дека кога една политичка организација е создадена од народот, за народот и во служба на народот, тогаш ниту времето, ниту предизвиците, ниту нападите не можат да ја скршат. Вечерва ја славиме истрајноста. Ја славиме вербата, надежта и љубовта кон Македонија – рече Мицкоски.

Мицкоски се наврати и на улогата и значењето на ВМРО-ДПМНЕ за извојувањето на самостојноста на Македонија, и излегувањето од југословенската федерација. Тој се заблагодари на сите активисти и политичари кои придонеле за тој подвиг, како и за формирањето на партијата на 17 јуни 1990 година. Затоа, рече Мицковски, ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе ја продолжи таа идеја.

Мицкоски истакна дека идејата родена пред 36 години продолжува да живее, да расте и да се развива.

– Во овие 36 години имаше многу тешки моменти. Имаше порази, имаше неправди, имаше разочарувања, имаше моменти кога многумина мислеа дека е полесно да се откажеш отколку да продолжиш понатаму. Но секогаш кога некој мислеше дека сме паднале, ние станувавме посилни. Секогаш кога некој мислеше дека сме поразени, народот ни даваше нова сила. Секогаш кога некој сакаше да ја оттурне Македонија назад, се појавуваа луѓе кои беа подготвени да водат, да поведат напред” истакна Мицкоски.

Потребни се јасни гаранции за европскиот пат

Понатаму Мицкоски зборуваше за актуелните политички теми, патот на Македонија кон Европа и односите со опозицијата.

Мицкоски нагласи дека разликата е јасна, опозицијата мисли дека се родени за да бидат на власт, а ние од ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека сме предодредени да работиме и се жртвуваме за својот народ, граѓаните, каузата и татковина.

– И јасно се отцртува границата и разликата. Тие од опозицијата мислат дека се родени за да бидат на власт, ние од ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека сме предодредени да работиме и се жртвуваме за својот народ, граѓаните, каузата и татковина. Затоа и нашата сила доаѓа од народот. Тоа е така сега, но тоа така било и низ вековите. Нашата задача е борба во она што веруваме и се додека сме силни обединети и правиме добро за државата тогаш татковината ќе има сила” нагласи Мицкоски.

Тој уште еднаш упати порака „до секој еден во Европската престолнина во Брисел“, дека местото на Македонија е таму, на масата со нив, како полноправна членка на Унијата, но тоа нема да биде спринт или кратка трка, туку маратон, зашто, како што рече, мора да го исправиме предавството што го извршила претходната, најкорумпирана влада на Македонија.

Би сакал да се осврнам сега на две теми, кои што се многу значајни и важни на моменталната политичка сцена во Македонија. Првата е она национално несогласување, кое што го имаме со опозицијата околу спорот со нашиот источен сосед.  Морам да дадам еден пред текст, еден контекст, како дојдовме до оваа состојба. Во услови кога ветуваа дека ќе донесат живот, во услови кога ветуваа дека Македонија ќе биде достоинствена, модерна, европска држава, со европско здравство, со европско образование, со богати граѓани, донесоа криминал, донесоа буквално уништување на се што значи Македонија и македонско.  Во услови кога не успеаја, со своите ветувања, единственото нешто кое што им преостануваше, а беа жедни, беа лакоми за власт, за моќ, да продолжат да ја празнат Македонија, да продолжат да ја уништуваат Македонија, прифатија да потпишат бел лист хартија. Тие мислеа дека ако ги гланцаат чевлите таму на некој европски бирократ и ќе коленичат и ќе потпишуваат бел лист хартија, дека тоа ќе им донесе победа на изборите во 2024-тата година. Ене каде се тие, на политичката маргина и уште долго ќе останат таму. Им прети уништување.

Но создадоа голем проблем, создадоа проблем на нашиот пат кон Европа. И да не беше тој проблем, со реформите, политиките кои што ги испорачува оваа Влада, веќе ќе чукавме и ќе тропавме на портите на Европа. Но пред нас имаме договор којшто не обврзува на нешто кое што никој од нас, не помислува да го направи. Тој договор ќе не посетува вечно, на тој бел лист хартија која што претходната влада го потпиша, мислејќи дека на тој начин ќе остане во владата и ќе ја добие милоста од тие, коишто не гласаат, туку во суштина, бира и казнува народот. А народот, нив ги казни и ги прати во опозиција.

Но, сакам јасно и гласно, од овде, на овој 36 роденден на ВМРО-ДПМНЕ, да испратиме една силна порака, која што ќе допре до секој еден до европската престолнина во Брисел, дека местото на овој народ, на граѓаните на нашата Македонија е таму на масата во Брисел со нив, како полноправна членка на ЕУ.

Но, драги браќа и сестри, тоа нема да биде спринт или кратка трка. Подгответе се за маратон, затоа што ќе мора да се бориме да го исправиме она предавство и онаа капитулација, која што претходната најкорумпирана во историјата македонска влада го направи за овој народ и за својата татковина. Подгответе се да се бориме и да се избориме, за нашите од другата страна на границата да го остварат своето човеково право, да регистрираат конечно своја институција, под која што ќе можат културно да се организираат. Во раката имаме договор којшто го потпиша претходната влада, но исто така нашиот источен сосед на маса има 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права, коишто велат, веднаш да ја регистрираат организацијата на Македонците кај нашиот источен сосед, ОМО Илинден Пирин.

Не може само за нас да важат правила и договори. Или за сите, или за никој. Бидејќи ни велат, дека ова било последно, дека немало да има повеќе вакви, тогаш ајде сите гласно да испратиме порака до тие што ни велат, донесете заклучок дека нема повеќе билатерални прашања, дека е константа и факт, македонскиот многувековен идентитет, култура, традиција, обичаи, јазик, и дека нема повеќе да ја отвора таа тема.

Нема цена, нема слава, нема моќ, која што може да ме убеди дека без овие работи, ќе прифатиме било што. Ова е нашата црвена линија. Сите треба да не слушнат гласно и јасно: Нема пазарење со идентитетот наш македонски. Доста беше.

Затоа, подгответе се за борба. Овие пред нас, нашите предци, не случајно одземав неколку 10-тина минути од вашето време денеска, во Струмица, на овој 36-ти роденден на ВМРО-ДПМНЕ. Да направиме една ретроспектива на организацијата од 1893 па наваму. Тоа е тој габарит за којшто зборував. Таа е таа тежина што секој член на ВМРО-ДПМНЕ и секој еден Македонец, но и оној кој што е наш сограѓанин во Македонија, а не е Македонец, треба да го носи со себе. Ја имаме честа и привилегијата да бидеме светилникот и чуварите на тој голем габарит, којшто ни го оставија нашите предци и аманетот за ВМРО, посочи Мицкоски.

За борбата против криминалот и корупцијата и обвинувањата за договор со претходната власт

- Втората тема, за која што сакам да зборувам, а за која што честопати добиваме и критики, дека сме се договориле, дека сме имале пакт со претходната влада, па затоа не сме ги гонеле, немало прогон, не сме апселе. Сакам многу јасно и многу прецизно тука да кажам и да повторам, тоа што веќе неколкупати сум го кажал. Ние не сме во театар, ние не сме естрадни уметници и да правиме естрада од она кое што го работиме. Ние сме политичари, ние сме луѓе коишто од политиката не смеат да прават естрада и реално шоу. Изминативе две години, се изведоа пред лицето на правдата, врховни судии, обвинители, претседатели на Совет на обвинители, поранешни вицепремиери, министри, директори и сето тоа помина без да влегуваат во нивните домови, специјалци, во 3 наутро, пред очите на нивните најблиски, на нивните сопружници, на нивните деца. Тоа го правиме за да не биде понижен никој. Но, сакам да испратам јасна порака од Струмица, ќе ги гониме каде и да се, со криминалот и криминалците, пакт и сојуз нема. Затоа се немирни, затоа се нервозни. Последниот нивен жилав бастион, се малкумина, корумпирани судии и обвинители, и нив ќе ги проазиме наскоро. И ќе одговараат од прв до последен, најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски зборуваше и за работата и она што е постигнато од владата на ВМРО-ДПМНЕ во нејзиниот последен мандат.  Тој ја најави и реконструкцијата на владата. Притоа упати остри критики до, како што ги нарече, дел од ешалоните на власта, кои скршнале од зацртаните принципи и на кои како што рече, фотелјите им станале помили од работата, и дека станале несдостапни на народот.

- Сакам да се осврнам и на промените кои следат. Следува реконструкција на Владата. Од утре ќе започнам да работам на оваа тема. Откако сме во финишот на екипирањето и промените кои се случија во партијата, каде што имаме околу 30 проценти нови претседатели на комитети, можам да кажам дека кога станува збор за Владата многу прецизно го детектирам и следам феноменот што дел од ешалоните, морам да признаам, со жалење, скршнуваат од она што треба да биде кодекс на однесување и принципи на Владата. И за ова зборував, на последната седница на ЦК на партијата. Очигледно има и такви на кои фотелјата им стана помила од контактот со народот.

Добивам поплаки дека дел од министрите и директорите се недостапни за народот, а има и такви на кои приватните патувања им станаа помили од посетата на селата и градовите. Заборавија од каде дојдовме и како започнавме.

Еве јас, сакам да споделам од овде од Струмица, работа за која што до сега не сум зборувал. Пред отприлика 8, токму од овде, од Струмица, од еден објект, којшто за жал веќе не постои, кога бев избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, почнав со моите активности, со посета на месните комитети, со еден партиски автомобил, што неретко се расипуваше, со една наследена истрошена камера, со блокиран партиски имот и со двајца тројца околу мене. Но желбата за успех беше голема.

Ова време не треба да го заборави никој. И ова е порака дека нема да има толерирање занес во привилегиите што ги нуди власта. Ние сме овде да му служиме на народот. Чистиот образ тешко се одржува, а лесно се губи.

Кога јас можам да одговорам во текот на денот на стотици луѓе, на пораки, можеби ќе задоцнам по некој ден, може секој тоа да го прави, и секој заслужува одговор, овој стопати ми пратил, 101 ќе одговорите.

Честопати соработниците ми велат дека сум бил со многу мек карактер. Точно е. Јас на човек скоро и да не сум му повишил тон. Мојот праг на толеранција е огромен, кон секого се однесувам со почит и разбирање, бидејќи ги заслужува, тоа е впрочем и мојата домашна култура и воспитување , но тоа не значи, никако не значи, дека сум наивен и дека ќе толерирам несовесност и скршнување од принципите.

Не прифаќам оправдувања од ниту еден именуван функционер дека е уморен. Ако е уморен, чесно е да си оди. Ние сме тука да работиме и ќе работиме до последниот атом од силата, се додека не служи.

Сите отстапувања прецизно ги нотирам и ќе има промени. Тие промени треба да ги подобрат капацитетите и да го дадат максимумот од секој поединец. Секој сакам од вас да остане посветен на народот, достапен и чесен.

Ние не се тркаме со опозицијата. Тие одамна не се никаков репер. Ние се тркаме да бидеме подобри за народот, за оние луѓе коишто се со нас и кои што не поддржуваат. Но, и оние кои што не гласале за нас, кои што не гледаат, кои што воопшто не излегле на избори. Сите тие заслужуваат, да се арчиме, и да работиме секој ден за нив, и за нашата заедничка татковина Македонија.

Сега ќе работам на реконструкцијата на Владата, но она што можам во меѓувреме да го забележам е дека оние од опозицијата, можеби се единствен таков пример во светот, уплав имаат од избори. Кога ќе им спомнеш избори, уплав ги фаќа. Држат прес-конференции, лажат, манипулираат, се силат. Па ќе ги слушнете како ќе речат дека биле реконструирана, дека нови млади сили им се придружувале, се приклучувале, а кога ќе им спомнеш избори, одма држат прес-конференции и исплашени, бледи како крпа.

Сакам да им испратам една порака: да внимаваат што изјавуваат во однос на изборите, да не се силат, затоа што знаеме дека во себе носат, срце на кукавици, затоа што може и да им се оствари тоа што го посакуваат. А кога го гледам овој народ овде, пораката е јасна. Ние сме подготвени, подготвени сме за секое сценарио. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е подготвен за секое сценарио. Мојата визија е Македонија да стане држава на можности, а не на изговори. Држава во која институциите работат за граѓаните, правдата важи за сите, а успехот се мери според знаењето, трудот и резултатите, посочи Мицкоски.

– И потполно сум свесен дека има и такви кои ќе речат дека сето она што го правиме е недоволно. Дека може повеќе. Дека трпението е помало, затоа што проблемите кои ги наследивме се многу пoголеми. Морам да се согласам со нив и да кажам дека ги разбирам. Но не барајте од мене да не кажувам вистина, или да не бидам искрен. И би сакал, да имам, но немам магично стапче со кое преку ноќ ќе ги решиме проблемите создавани со децении. А тие кои го ветуваа тоа, видовме како завршуваа, со голем дебакл и уште поголемо разочарување. Можам јас да кажам дека правиме чекори напред. Мали, можеби не толку големи, но сигурни, и покрај стотиците, илјадниците проблеми кои ни се оставени, и покрај тоа што камен на камен не беше оставено, и се беше уништено, секоја жртва и енергија за заедничката иднина на граѓаните е достојна и ќе биде дадена. Затоа што Македонија забрзува и тие мали чекори во времето кое доаѓа ќе бидат уште поголеми чекори но сигурни – нагласи Мицкоски.

За постигнатите резултати за Македонија

– Покажавме дека со скромни ресурси можеме да направиме многу. Во овој кус период направивме Македонија да биде во топ пет во Европа по раст на БДП. Постигнавме историски рекорд од 1,255 милијарди евра странски директни инвестиции. Работиме на шест нови автопатски решенија. Проекциите се дека тие ќе бидат завршени до крајот на 2027 година – изјави Мицкоски.

Ги потенцира десетте милијарди евра во капитални инфраструктурни проекти и инвестиции во наредните 10 години, во нови автопати, експресни патишта, пруги и обнова на постојните, здравствени и енергетски капацитети.

Ги спомена автопатот Кичево–Охрид, Букојчани–Кичево, ја објави работата на нов експресен пат Радовиш Струмица, како и најавата за почетокот на делницата Блаце–Скопје, следната година.

Во овој контекст ги наброја и делниците Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани, Прилеп–Битола, а како новост, важна за источниот регион на државата, го наведе експресниот пат Кочани–Виница–Делчево, кој е во фаза на проектирање, а значително ќе го скрати патот Кочани–Делчево.

– Во овие проекти се надоврзува и експресниот пат Романовце–Страцин. Денес конечно овде, во Струмица, се заокружи проектот за реконструкција и изградба на струмичката болница, што беше ветуван и заглавен со децении. За ова се инвестираа 280 милиони денари, рече Мицкоски.

Говореше и за образованието, нагласувајќи дека втора година по ред, има учебник за секое дете, буџетот за високото образование во 2022 година бил помалку од 3 милијарди денари, а во 2026 година за универзитетите има 8 милијарди денари. Буџетот за наука од 380 милиони денари во 2024 година, додаде тој, го зголемивме на 773 милиони денари во 2026 година.

– За две години исплативме една милијарда денари повеќе субвенции за земјоделци отколку претходната влада за три години. Оваа Влада, за две години, има исплатено околу 15 милијарди денари, што значи една милијарда денари повеќе отколку што тие исплатија за три години. Тоа е вистината и ова се бројки, изјави Мицкоски во говорот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk