Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова даде поддршка за отворање Лекторат по македонски јазик во Анкара, оценувајќи ја оваа иницијатива како природен и стратешки чекор за негување и афирмација на македонските корени во Турција.
Оваа клучна порака претседателката ја упати за време на нејзината посета на Амбасадата на Македонија во Анкара, каде што оствари срдечна средба со припадници на македонската заедница, придружени од Севим Оздемир, претседателка на Здружението „Иселениците од Румелија“.
„Иницијативата на проф. д-р Мелахат Парс, раководителка на Катедрата по македонски јазик при Анкарскиот универзитет, за целосно етаблирање на истата и отворање Лекторат по македонски јазик во Анкара ја препознав како природен и стратешки чекор. Во земја каде што живее бројна заедница со македонско потекло, лекторатот ќе биде простор за изучување, негување и афирмација на македонскиот јазик“, објави претседателката Сиљановска-Давкова на Фејсбук.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата