logo
logo
logo

Давидивиќ: МАКЕДОНИЈА ВО ШЕСТ СЛИКИ

Vecer | 11.04.2021

Давидивиќ: МАКЕДОНИЈА ВО ШЕСТ СЛИКИ

Не знае човек дали да се смее или да плаче, гледајќи што сè се случува кај нас и кој сè влијае врз нашите животи и иднина. Одамна прекинав да гледам комедии и бурлески во кино и на телевизија, наместо тоа гледам дневник, прес-конференции на политичарите и читам Фејсбук.

Ако ги слушаш политичарите и нивните политикантски и популистички изјави и погледнеш што навистина се случува, сфаќаш дека постојат две лица на Македонија, лажна на политичарите и вистинската што ја живее народот

Не постојат зборови со кои може да се опише групното лудило и глупавење по телевизиите и прес-конференциите и не може да се спореди со ништо досега видено. Ако ги слушаш политичарите и нивните политикантски и популистички изјави и погледнеш што навистина се случува, сфаќаш дека постојат две лица на Македонија, лажна на политичарите и вистинската што ја живее народот.

Слика 1

Излегува тип, надобуден, полна уста со грижа за народот, пред камерите и новинарите, држи прес. Темата сериозна, ситуацијата алармантна, а тој „лупa, ко Максим по дивизија“. Сиот надмен, важен објавува како здравствениот систем во државата функционира без проблеми и дека се справуваме како ретко кој.

Слика 2

Толпа пред болниците, ургенции луѓе на смрт да ги примат во болници, погреби по 50-тина луѓе дневно починати од корона, вакцини ниту за лек, колони на Табановце од македонски државјани, кои одат по спас во Србија.

Заклучок: Кој гради куќа, кому копаат вечен дом. Две Македонии по едно парче земја за секого.

Слика 3

Економијата во Македонија е мисловна именка, институциите нефункционални и разнебитени, корупција во секоја пора на општеството, судството клиентелистички цвета ко пупка, иселена пола млада популација, невработеност, презадолженост, животот пред замирање. Наместо да стават прст на чело за да го активираат барем она малку што им останало од мозочната маса и да се обидат да направат вистински корисно нешто, тие правец Лешок на отворање паркинг, а од паркинг во хеликоптер, а од таму најверојатно на ручек со некој тајкун или пробисвет, што бара место под криминалното небо што надвиснало над земјава.

Сè на сè млатење празна слама, особено кога како одговор на новинарско прашање за одговорност за состојбата, мртов ладен ќе каже прашаниот дека ваквите „ивенти“ го радуваат намуртениот и насекиран народ.

Слика 4

Фрлам ѓубре во контејнер и отворам кеса со остатоци од ручекот од вчера да им ги дадам на уличните кучиња и мачки. Во другиот контејнер човек пребарува по кесите, застанува, ме погледнува и прашува што имам во кесата. Храна за кучиња, му велам, дај ми ја тивко замолува. Како ќе ти ја дадам, прашувам засрамен да дадам остатоци од храна на човек. Ти треба ли, не можеш ли да ми ја дадеш, тивко продолжува…

Заклучок: Дојде животот и благосостојбата во Македонија, шведска маса за секого, некому сервирана во хотели, некому во контејнери.

Слика 5

Премиерот промовира набавка на два хеликоптера, кои ќе бидат наменети за помош на граѓаните, која ќе ја добијат во рок од 15 минути.

Хеликоптер го пробива воздухот над Прилеп и полека се спушта со својот драгоцен товар, првите функционери на извршната власт кој восхитено како мали деца се радуваат на летот над Македонија. . По извесно време повторно полетува да ги врати функционерите назад кон Скопје. Пилотите вежбаат, а политичарите само им правеле друштво, изјавуваат од Владата.

Слика 6

Студот ја прегрнал планината над кратовското планинско село Емирица, стеблата пукаат од студ, тишина која само од време на време ја прекинува офкање на Златко Божинов, кој лежи сам во бессознание. Животот полека згаснува и го напушта згрченото и смрзнато тело. Докторите го наоѓаат и 12 часа го носат низ планината, барајќи и надевајќи му се на хеликоптерот, еден од оние два за помош на граѓаните, но попусто гледаат кон небото. Хеликоптерот не е за вакви луѓе, едноставно не е надлежен. Животот згаснува во телото на Златко Божинов, хеликоптерот стои неподвижен далеку некаде на хелиодромот.

Заклучок: „Големите“ го гледаат „малиот“ човек од високо.

Е, моја чудесна Македонија, земја со две лица, две вистини, татковина наша, мајка за едни, а маќеа за друг.

Колумна на адцокатот Звонко Давидович за неделникот Фокус

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk