Вицепремиерот и министер Иван Стоилковиќ од собраниската говорница потенцираше дека дури по неговото доаѓање на чело на Министерството за односи меѓу заедниците помалите етнички заедници почнаа истото да го чувствуваат како свое. Воедно одговарајќи на прашањето на Сали Мурати, пратеник од редовите на Движење на Турците на Македонија за правда и демократија, Стоилковиќ рече дека тој со прашањето за присуството на претседателот на Република Српска Додик на Свечената Светосавска академија всушност не сака да зборува за ништо добро, туку само за лошо.
„И вие се обидувате да станете дел од една приказна повикувајќи се на одбрана на едни темелни вредности, а всушност не сакате да зборувате за ништо добро, туку само за лошо. Имате право да фрлате сенка врз настанот и немам ништо против, но никогаш нема да можете, што и да направите, да ја избришете сликата на двајцата црковни великодостојници што ја виде целата јавноста. Што се однесува до присуството на претседателот на Република Српска, па тој доаѓаше и во изминатите 10 години и секогаш се обраќаше и никогаш немало проблем да дојде. Она што ви пречи вам, а можеби и мене е начинот на кој се обрати и тоа што неговото обраќање ја фрли во сенка оваа убава слика на двајцата црковни великодостојници. За тоа одговор даде и претседателот на Владата кој оцени дека говорот во една ваква прилика треба да соодветствува со неа“, рече Стоилковиќ уште еднаш потенцирајќи дека во целост се согласил со претседателот Мицкоски и потсетувајќи дека не му е јасно за каква недоверба зборува Муарти, особено ако станува збор за помалите етнички заедници кога тие за прв пат, односно дури по неговото доаѓање на чело на МОЗ почнаа истото да го чувствуваат како свое.
„Ве разбирам дека сакате да фрлите сенка на една убава манифестација и имате легитимно право, но не знам во чие име зборувате“, рече уште Стоилковиќ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата