Да работеле обвинителите и судиите според закон немало ни да се случи младиот бизнисмен Ртако Капушевски да увезува мазут сомнителен и заради својата токсичност, а и заради сомневањата дека се работи за корупција и перење пари во износ од 160 милиони евра.
Додека директорувал со спортскиот центар „Борис Трајковски“, Ратко Капушевски се запознал со рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Тогаш, Капушевски му се пожалил дека му било преку глава од државна работа, па Самсоненко му понудил да работи кај него и така станал управител на неговите компании, пишува неделникот Фокус.
Но, набргу потоа Самсоненко ќе го обвини Капушевски дека е дел од криминална организација, чија цел е да му го одземат деловно-хотелскиот објект познат како „Офицерски дом“. Притоа, Самсоненко поднесе и кривична пријава против Капушевски и други лица за измама, фалсификување, лажен исказ, злоупотреба на службена положба, меѓутоа основното обвинителство неколку пати носи решение за отфрлање, иако вишото обвинителство оценило дека обвинителот не навел доволно причини за фактите и патем некои од причините биле контрадикторни.
Сепак, Капушевски се извлече од оваа ситуација, но сега заврши во притвор за спорните набавки на мазут.
Бизнисменот Ратко Капушевски, кој заврши во притвор во рамки на истрагата за милионските набавки на мазут за ТЕЦ „Неготино“, претходно имаше кривична пријава во врска со изградбата на „Офицерскиот дом“ на скопски плоштад, меѓутоа таа беше отфрлена.
Самсоненко му понудил да дојде кај него во компанијата: “Јас барав управители и така почна. Сѐ беше добро до моментот кога дознав дека тој пред една година нудел непристојни понуди. Па, го избркав уште пред да дознаам за клаузулата“ – објасни Самсоненко во интервјуто направено во 2019 година.
Меѓутоа, нивната соработка за кратко време заврши, а Самсоненко испорача сериозни обвинувања на сметка на Капушевски, поврзани со проектот за изградба на деловно-хотелски објект во строгиот центар на Скопје, познат како „Офицерски дом“.
Во истото интервју за Фокус, рускиот бизнисмен го обвини поранешниот соработник дека, заедно со сопственикот на Кратер Миле Младеновски, склучиле фалсификуван договор со вметнување на извршна клаузула, кој потоа е основ за предизвикување на стечај на неговата компанија „Сис Инвест Груп“, со цел да му го одземат „Офицерски дом“.
– Се сомневаме дека се работи за организирана шема, во спрега со фирми, посредници и судот, како и обвинителство, позната во светот како организирано преземање објект со намалување на цената, негово фиктивно обезвреднување и нанесување штета на друг. Се ова ниту може да биде случајно, ниту, пак, може да се организира без спрега со надлежните органи – рече тој.
Адвокатката на Сергеј Самсоненко во овие предмети, Антита Бегова, која го застапува Самсоненко ни изјави дека сите кривични пријави против Ратко Капушевски и компанијата Кратер и нивните соработаници се основани, а отфрлени од истите актери кои последниве години му го дозволуваа и покриваа недозволениот увоз на канцероген отпад како мазут и богатење од истото над стотина милиони евра.
Да постапело обвинителството според законот во период 2022-2024 година до ова немало да дојде, а тоа е масовно труење на јавниот простор и граѓаните како ни овој криминал.
Но, истражувањето на Фокус од 2023 година откри дека Самсоненко ја загубил правната битка за кривична одговорност на Капушевски и Младеновски, но успеал да ја спаси фирмата од стечај и подоцна да издејствува пролонгирање на рокот за изведба на објектите, чија изградба е веќе при крај.
Документацијата до која дојдовме покажа дека Самсоненко до скопското јавно обвинителство поднел кривична пријава против споменатите Капушевски и Младеновски, како и против и други службени лица. Сепак, обвинителството во 2020 година ја отфрла кривичната пријава за измама, фалсификување исправа, давање лажен исказ, злоупотреба на службена положба и други кривични дела.
Но, Самсоненко се жали до Вишото јавно обвинителство, кое му ја уважува жалбата. Како што стои во решението со кое распола Фокус, обвинителот не навел доволно причини за фактите и патем некои од причините биле контрадикторни. Со други зборови, повисокото обвинителство оценило дека заклучокот на основниот јавен обвинител бил погрешен.
Меѓутоа, основното обвинителство на почетокот на 2022 година повторно носи решение за отфрлање на кривичната пријава, со образложение дека не постои основано сомневање дека пријавените ги сториле кривичните дела за кои се гони по службена должност.
На тој начин, заврши правната битка на Самсоненко за докажување на тврдењата дека бил незаконски изигран од соработници, здружени со нотари, извршители, стечајни управители. Просто кажано, обвинителството ги отфрли ваквите наводи како неосновани, па случајот никогаш не резултираше со обвинение пред кривичниот суд.
Меѓутоа, рускиот бизнисмен доби друга битка, успевајќи да ја извлече „СИС Инвест Груп“ од стечај по едногодишни маневри, со што доби можност да ги догради атрактивните објекти во најстрогиот центар на главниот град, наместо тие да бидат отуѓени за да се сервисираат побарувањата на доверителите.
Што се однесува до Капушевски, пак, тој се извлече од кривичната пријава на Самсоненко за „Офицерскиот дом“, меѓутоа сега „заглави“ во притвор во рамки на истрагата што ја отвори Обвинителството за организиран криминал во врска со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ за време на енергетската криза.
Како резултат на иницијатива на ДКСК, Обвинителството поведе предистрага, која сега резултираше со истрага по кривична пријава на МВР против 13 лица и едно правно лице, поради тоа што осомничените поднеле невистинита документација, не ги извршиле договорените обврски и оствариле имотна корист на штета на државниот буџет во вкупен износ од околу 167,5 милиони евра.
Притоа, осомниченото правно лице е добавувачот на мазутот „РКМ“, компанија основана во 2015 година од страна на Капушевски, но негов партнер во 2022 година станува Ерџан Сулкоски, зет на лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Порталот Пари ја анализира работата на фирмата на Ратко Капушевски уште во 2023та и забележува енормен раст на добивка во компанијата која нема потенцијал за тоа.
Раст на добивка од дури 2.746 насто има Друштвото за производство, трговија и услуги РКМ ДОО Скопје. Минатогодишната добивка (во 2022) на оваа компанија со нафтен бизнис изнесувала 6,2 милиони евра, додека добивката во 2021 година била 220.000 евра.
За една година има и драматичен раст на приходите, тие во 2022 година изнесувале 110,1 милиони евра, додека во 2021 година приходот бил „само“ 8,4 милиони евра, покажуваат податоците од платформата Бизнис мрежа, во анализата на порталот Пари што ќе има повеќе продолженија, а која се однесува на финансиските податоци за компаниите што работат со нафтените деривати во Македонија.
Растот на приходот и на добивката на РКМ во 2022 година не е за изненадување, ако се потсетиме на тоа дека компанијата е избрана од страна на ЕСМ за снабдувач со мазут на ТЕЦ „Неготино“ и дека за набавките на мазут има склучено два договори со вредност од околу 112 милиони евра. Во 2022 година и БЕГ склучи договор вреден 39,2 милиони евра со РКМ за набавка на мазут.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата