Повеќе од 220 јавни фонтани за пиење вода повторно се ставени во функција низ Скопје, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, посочувајќи дека станува збор за мерка што треба да им обезбеди на граѓаните полесен пристап до вода во периодот на високите летни температури.
Ѓорѓиевски преку објава на Фејсбук истакна дека градот мора да обезбеди основни услови за граѓаните, особено во летниот период кога потребата од пристап до вода за пиење е значително поголема.
– Со години, поради неажурност, ситни дефекти и негрижа, голем дел од фонтаните беа оставени надвор од функција. Во координација со ЈП „Водовод и канализација“ ги мапиравме, сервисиравме и повторно ги ставивме во употреба повеќе од 220 фонтани за пиење вода – наведе Ѓорѓиевски.
Според него, обновените фонтани повторно ќе им бидат достапни на децата, повозрасните граѓани, спортистите, велосипедистите, рекреативците, работниците, туристите и на сите што секојдневно се движат низ главниот град.
Градоначалникот најави дека покрај обновувањето на постојните фонтани, веќе се работи и на поставување нови на повеќе фреквентни локации во Скопје.
– Ова е враќање на редот, грижата и функционалноста во градот. Скопје мора да биде чист, уреден, достапен и хуман град. Продолжуваме со работа до секој детал, за секој граѓанин – порача Ѓорѓиевски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата