Вкупно 43 случаи на западнонилска треска се потврдени во Македонија, а регистрирани се и први случаи во општините Центар и Чаир. Во Скопскиот Регион има 34 ризични подрачја, од кои 13 се високоризични - информира денеска на прес-конференција министерот за здравство, Сашо Клекоски.
Тој истакна дека има прва лоцирана мртва птица, гавран, со потврдена западнонилска треска во Скопје. Пцовисаните птици се собираат од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Министерот за здравство посочи дека има два критериуми за ризичност - застоеност на водата и високо ниво на органска материја. Високоризични, според него, се каналите за наводнување во Скопско Поле.
- Значи, река која е проточна, во која има риби, самата по себе не е ризик. Штом водата е проточна, ризикот од ларви е помал, а ако има жив свет, риби, нема многу органска материја и распадни материи, а и рибите се хранат со ларви. Водата треба да е застоена и да има отпад во таа вода. Примерите на високоризични води се, генерално, каналите за наводнување во Скопско Поле. Серава е дел од проблемот во Арачиново и Бутел, каналите во Илинден, Стајковци и Сингелиќ во Гази Баба, главниот канал во Илинден на Скопско Поле, каналите во Драчево, Батинци и Студеничани - истакна Клекоски.
Како визок ризик, истакна тој, се и септичките јами.
- Улиците и населените места со голем број септички јами влегуваат во висок ризик. Гробиштата - поради застоената вода во вазните и присуството на органски материјали во нив. И третата група се отпади за стари гуми или, генерално, старите гуми. Старите гуми и отпадите за стари гуми, ако не се соодветно чувани, се идеални престојувалишта за комарците - истакна министерот.
Тоа, според него, е видливо и е помалиот дел, но поголем дел се малите работи, како расипани хидранти, скршени јавни чешми, саксии со цвеќе што се чуваат надвор, стари буриња со дождовница...
Правилното наводнување, односно прскањето на парковите, министерот Клековски, истакна дека не е ризик, но ако се остави цревото и се поплави подрачјето, може да биде ризик.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата