logo
logo
logo

Обвинителот Савески од Париз: Скај ЕЦЦ“ е една од најважните алатки против прекуграничниот криминал

Vecer | 08.07.2026

Обвинителот Савески од Париз: Скај ЕЦЦ“ е една од најважните алатки против прекуграничниот криминал

Јавниот обвинител Ненад Савески учествува на состанокот на високо ниво во Париз, Франција, организиран од Европравда и Проектот за кривична правда на Западен Балкан, посветен на прибавувањето, анализата и ефикасното искористување на докази од Скај ЕЦЦ платформата во сложени случаи кои се од областа на организираниот прекуграничен криминал, соопштуваат од Јавното обвинителство.

Заедно со Савески на состанокот учествува и јавната обвинителка Милица Гаврилова од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, која е контакт-точка на обвинителството за прибавување на доказите од Скај ЕЦЦ платформата.

По пробивањето на криптираната комуникациска платформа, надлежните органи во повеќе европски држави и во земјите од Западен Балкан добија пристап до голем број пораки кои открија активности поврзани со трговија со дрога, перење пари, нелегална трговија со оружје, фалсификување документи и други форми на организиран криминал.

– Од досега анализираните податоци, јасно е дека во сите предмети оформени врз основа на доказите прибавени од оваа платформа станува збор за криминал кој ги надминува границите, за што зборуваат и неколку тековни прекугранични истраги поврзани со Скај ЕЦЦ на кои работиме и кои се една од најважните алатки во борбата против организираниот криминал во Западен Балкан – рече Савески, нагласувајќи дека во моментов, во ОЈО ГОКК во тек се повеќе предистражни постапки, во кои се обезбедуваат докази и за кои се поднесени барања за меѓународна правна помош до Република Франција за пристап до материјали од Скај ЕЦЦ.

Од ЈОРМ дополнуваат дека врз основа на доказите од оваа платформа поднесени се и три обвинителни акти од кои еден против корумпирани полициски службеници кои соработувале со организирана криминална група во делот на оддавање службени тајни и попречување правда со влијание врз сведоци.

Во тие предмети се донесени првостепени одлуки – сите осудителни, а во моментот се очекуваат  одлуките на повисокиот суд, каде се одлучува по жалба на ОЈО ГОКК во однос на висината на казната и по жалба на одбраната која приговара на законитоста на доказите од Скај ЕЦЦ платформата.

– Она што може да се заклучи е тоа дека платформата иако беше разбиена во 2021 година, анализата на милиони пресретнати пораки и понатаму резултира кај нас со нови истраги, обвиненија и судски постапки. Воедно, преку обезбедените докази забележителен е ист или сличен modus operandi на организираните криминални групи, што ни овозможува полесно предвидување на нивните инкриминирачки активности и разоткривање на криминалните конекции со групи од други држави од регионот и пошироко – наведе државниот обвинител Савески на форумот на кој учествуваат претставници на јавните обвинителства од Западниот Балкан, Словенија и Хрватска.

На маргините на состанокот се одржуваат и билатерални средби за меѓусебна координација и зголемување на ефикасноста на прекуграничните заеднички истражни тимови формирани за конкретни предмети за организираниот прекуграничен криминал во кои доказите произлегуваат од Скај ЕЦЦ платформата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk