Непосредно по пожарот во Кочани во Македонија дојдоа неколку специјализирани медицински екипи од развиените европски држави да помогнат за се што е потребно околу евакуација на најтешко повредените и да дадат совет и насоки за нашите лекари и болници што и како се презема во такви ситуации. Тие имаат развиени медицински системи, најдобро опремени и со долгогодишни искуства за вакви ситуации.
Македонскиот бизнисмен Стојан Ангелов кој живее во Чешка, но има свои бизниси и во Македонија, организираше доаѓање и престој на врвна екипа воени доктори и експерти од Чешка кои, помеѓу останатото, се дел од елитен медицински тим за кризни состојби од таков вид и во НАТО.
Специјалистите од Чешка имаа средби со медицински тимови од Скопје, посетија неколку болници и организираа дел до повредените да се транспортираат на лекување во Чешка. Во тие денови извршија увид во капацитетите и квалитетот на лице место, од прва рака.
Накусо, заклучокот им е дека во Македонија има квалитетен персонал, но во повеќето болници нема добри услови за работа. Единствена клиника која, според европскиве експерти, има и услови и стручен кадар според потребните европски стандарди – е Клиниката Жан Митрев, од Скопје.
Зошто е ова битно за овој текст? Затоа што ние, дезориентирани и олошени до коска како последица на уривање секаков општествен, морален и правен стандард во седумте години владеење на СДСМ и ДУИ, нивната корупција, диктатура преку СЈО, обвинителството и судството, перење мозоци и хајки преку партиски “невладини“ организации, прогон на политичари, новинари, лекари, рекети на бизнисмени, понижување и прогон на уметници... загубивме претстава што е добро, а што е лошо, кој е крив а кој е невин, што е машко а што е женско, заблуда дека сите ние сме никакви и расипани а народот е без систем на вредности. Загубен во хајките и постојаните плукања по се и секого преку социјални мрежи. Дека животот се состои од скандали, а не од работа и успеси.

Во таков амбиент, токму Клиниката Жан Митрев и основачот на кардиохирургијата во Македонија, доктор Жан Митрев, ја плаќаа цената на рекети, хајки од партиските “невладини“ организации, притисоци од обвинителство и судство со само една цел, да му се земе Клиниката за мали пари а тој, следователно, може слободно да ја напушти државата и да си оди, ако не - да заврши во затвор.
Патем, никој не даде алтернатива, ако најуспешниот кардиохирург во регионов отиде во затвор, или попушти и ја загуби Клиниката и замине од државава, кој ќе врши над 1.000 операции на срце кои се вршат од него лично во таа Клиника?
Дали требаше да дојдат врвни медицински експерти од Европа и да кажат дека во државава само Клиниката Жан Митрев има соодветни услови и кадар за работа според европски стандарди за да ни стане јасно на што удираат рекетарите, обвинителството и судството кои се тука како остаток од минатата власт?
За да се разјасни судирот до наједноставни граници: партиските “невладини“ разоткриени од Вашингтон како перални на пари и платени политички рекетари, бизнисмените на ДУИ (а и СДСМ) заинтересирани за мали пари да му ја земат клиниката на Жан Митрев се поразени на јавна и политичка сцена. Тотално. Обвинителството и судството кои им помагаат во тоа се со рејтинг и доверба во јавноста од скандалозни 2-3%! Тоа е тимот кој е од таа страна.
Од другата страна, нападнатата, е кардиохирургот Жан Митрев, неговата Клиника за која европските експерти по личен увид тврдат дека е врв во Македонија, и иљадници пациенти кои од Жан Митрев и Клиниката очекуваат спас на животот и здравјето. Кој ќе победи во таа битка, каков е јавниот интерес и законската правна сигурност за јавноста и граѓаните во процесот? Од финалето на тој процес зависат многу темелни и многу битни последици за секој граѓанин, не само здравствени.

Правната сигурност е само една од темите која јавноста со внимание ја следи затоа што не е на маса само правната сигурност на Жан Митрев, туку на секој од нас. Ако може против него да се тера правен прогон, за сите нас е уште полесно.
А прогонот го гледаме на секое ново рочиште на кое се редат правни злоупотреби од обвинителството и јасно пакување случај дури и со злоупотреба и на сведоците.
На судењето на кардиохирургот Жан Митрев се случувале работи кои што наведуваат на заклучок дека конструирањето на доказите и целиот процес не се ни прикривал. Сето тоа најдобро се воочува на повторното изведување на докази заради промена на судскиот совет и со јавна репродукција на видео материјалот.
Па така, на едно од рочиштата се појавил сведок на обвинителството кој што започнал да дава исказ така што пред себе на говорницата го има записникот што како сведок го има дадено во текот на истрагата пред јавниот обвинител. На приговор на одбраната дека сведок сведочи а не чита тоа што напишал обвинителот, јавниот обвинител одговара дека не е ништо спорно сведокот пред себе да има изјава за да се потсети, но судот почитувајќи го законот ја одзема изјавата барајќи сведокот да сведочи врз основа на сопствени забележувања, а не тоа што е запишано на записник од обвинителот.
На друго судење се репродуцира исказ на сведок кој што тврди дека на група од 30-40 сведоци кои се наоѓале во иста просторија обвинителката им објаснила за што се води постапка и дека додека обвинителот го пишувал неговиот исказ сите други сведоци биле присутни.

За експертите по право ова е типична ситуација која се нарекува контаминирање на доказите кои што поради тоа веќе немаат доказна вредност. Ниту еден сведок не смее да го слуша исказот на друг сведок, а сите што биле публика на судењето тоа го знаат без оглед дали се експерти или новинари дека додека еден сведок дава исказ другите сведоци се отстранети од судницата. Тоа значи дека обвинението против кардиохирургот Жан Митрев уште пред поднесувањето е засновано на невалидни сведочења. Таквите невалидни сведочења не содржат ниту еден релевантен факт со кој што би го поддржале обвинението.
Ова се само делови, целината е уште по груба, и подетална.
Во судењето на Жан Митрев се случува правен парадокс, има такви познати во историјата на правото: Обвинителството го обвинува Жан Митрев пред судот, а Јавноста го обвинува обвинителството и чека дали Судот ќе биде нивна алатка или нивен судија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата