Владата прави потрошувачко портфолио, кое треба да го усогласи со дистрибутерот „ЕВН хоум“ и со државниот производител ЕСМ и оваа или следната недела ќе имаат заеднички работен состанок, со што би се обезбедила просечна цена на струјата од 5 до 10 отсто поевтина од сегашната, најави денеска од Виница премиерот Христијан Мицкоски, кој одговараше на новинарски прашања за проектите за искористување обновливи извори на енергија и како може да влијаат врз цената на електричната енергија.
- Така што, ние сега практично ги подготвуваме сите индикатори за да може тие на крајот од годината да го распишат огласот и веќе за следната година да обезбедиме, можеби еден од ретките случаи ќе биде во Европа, ако не и единствен, каде што граѓаните би добиле до 5 проценти, а можеби и повеќе, пониска цена на електричната енергија. Тоа ќе биде нешто што досега не се случило - да ги искористиме поволностите на обновливите извори на енергија, тоа е сонцето, и во тој микс во текот на целата година да обезбедиме просечна цена на електричната енергија, која, еве, јас сум умерен оптимист, би била од 5 до 10 проценти поевтина од сегашната. Но, ајде да видиме како сето тоа ќе го операционализираме - рече Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата