Во интервју за mkd:mk др. Љума отворено говори за трагедијата во Тетово и за Ковид состојбата во Македонија.
Не е виновна само македонската Влада туку и СЗО со препораките за изградба на „стиропорни" ковид – болници кои, всушност, треба да се подигаат во воени услови надвор од населени места, вели д-р Илир Љума, според кого тетовската Клиничка болница секако дека имала услови во цврстата градба да адаптира дополнителен ковид-центар. Тетовската трагедија ја зголеми недовербата во здравствениот систем, вели тој и додава дека одговорност, секако има и поради присуството на лица однадвор во инфективното одделение. Љума не се согласува со дел oд протоколите за одвивањето на наставата во училиштата и особено во делот децата, кои се со недооформен телесен развој, со часови да носат маски на лицата. Во разговорот и размислувањата за (не)целосната заштита со вакцините.
Такви монтажни „стиропорни" болници, каква што беше тетовската, но и какви што се и другите модуларни во земјава, се градат во „не дај боже" услови, како во војна на пример, и тоа се градат по правило надвор од населени места, вели за МКД.мк познатиот лекар и поранешен заменик министер за здравство, тетовецот д-р Илир Љума. Тој објаснува дека тетовскиот Клинички центар не е точно дека немал простор за да се создаде дополнително ковид-одделение и тоа уште со поголем капацитет за лекување на болни од тој што го имаше сега изгорената модуларна болница во која смрт од огнот најдоа 12 пациенти и две лица, блиски на пациентите.
„Простор во цврстата градба на Клиничкиот тетовски центар бездруго има, можело да се создаде дополнителен ковид – центар на пример, при ушното, очното, хируршкото, интерното или пак при друго одделение. Па видовме колку пациенти биле стационирани вкупно за време на пожарот. Оттаму, дали треба да разговараме за, еве, дали било можно за четириесетина кревети да се најде просторија внатре во Клиничкиот центар и таа соодветно да се адаптира? Мислам дека нема дускусија дека било можно. Така требало да се постапи во ова време на пандемија и треба да се верува дека во таква цврста болничка градба изненадувачки и брзи хаварии од типот на пожарот од 8 септември не би биле можни. Да не зборуваме дека во еден клинички центар организацијата на работата, протоколите и можностите за евакуација се на многу повисоко ниво", вели Љума.
Тој сепак нагласува дека вината не треба да се бара само во македонската Влада. Одговорност, нагласува, за тетовската трагедија треба да понесе и Светската здравствена организација (СЗО).
„На многу театрален начин СЗО инстистираше на градба на вакви импровизирани мали болници низ светот. Одгласот од Тетово треба да допре и до оваа светска организација и таа да се наврати со анализа на своите досегашни постапки, одлуки и сугестии, зашто таквите рецепти не се за универзална намена. СЗО од почетокот на пандемијата имаше многу контроверзни одлуки, совети, укажувања. Да не ве потсетувам дека најпрво велеа дека не се потребни маските, па потоа дека се потребни па и неопходни, имаше лавирање од шамии, преку шалови, маски вакви или онакви, па по однос на вакцинините...".
Но трагедијата од Тетово, нагласува д-р Љума, освен што ги трауматизира семејствата, пријателите, познаниците на починатите и преживеаните од таа триминутна голема катастрофа, истрауматизира и илјадници луѓе не само во Тетово, туку и во целата држава. Вели, создаде поголема доза на недоверба кај граѓаните во здравствениот систем, во институциите на државата воопшто.
„Како сега ќе му кажете на болен или на негов близок, дека е безбедно и дека се дава одлична нега во болниците? Како ќе му влеете доверба на пациентот кого го носите да лежи во модуларна болница", вели Љума.
Тој го поставува и прашањето што сега ќе покаже надзорот што се спроведува во останатите модуларни болници и кому тоа воопшто ќе му послужи.
Според д-р Љума, добро е што има експерти и што ќе се испитуваат причините за пожарот, но нагласува дека е најважно да се најде директната причина, конкретниот доказ што е тоа што го предизвика огнот. Документацијата од министерствата, или таа, одземената од компанијата „Брако" како изведувач на овие монтажни болници, се нешто што подолго ќе се истражува и тоа ќе се престори во талкање кон некаква голема слика која е некаде, далеку, вели Љума.
„Но, што е тоа што првично го предизвика огнот, дали е тоа некаква искра или нешто друго, во еден затворен простор каде имало не само на кислород за пациентите, кој е како „брза храна" за огнот, туку веројатно во таа монтажна болница имало и лесно запалливи дезинфекциски средства. Има и луѓе кои се спасиле, секако и тие ќе ги кажат свои сознанија", вели Љума.
На информациите дека во болницата влегувале па и престојувале лица од надвор, Љума реагира дека и по дефиниција на медицинските протоколи како и според здравиот разум, особено кога станува збор за инфективни одделенија, освен медицински лица и пациенти, не може и не смее да има други лица.
„Тука лежи посебна одговорност. Независно дали станува збор за помош во негата, помош во поглед на секојдневните потреби, како што се носење храна и што и да е друго слично. Едноставно, тоа мора да е забрането. Истото важи и за ред други одделенија како за срцеви болни, одделенија за интензивна нега. Блиските на пациентите имаат право да бидат информирани за здравствената состојба на своите блиски, но не може да влегуваат, да седат, да се шетаат меѓу пациентите или да им помагаат на вработените. Дисциплината е во прашање. Но, треба да објаснам и нешто друго поврзано со нашиот менталитет. Блиските на пациентите знаат да бидат незгодни луѓе, упорно да вршат притисок па и да се закануваат. Знаат и да нападнат и удрат лекар, барајќи да влезат и да ги видат своите најблиски. И се успева често во таквите намери. Ви го кажувам ова како лекар со долгогодишно искуство. За жал, тоа е нашата реалност, но поуките мора да ги извлечеме за да не се повторуваат трагични настани и соодветните мерки конечно да бидат воспоставени", нагласува д-р Љума.
Целото интервју можете да го прочитате тука.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата