Во денешното издание на вестите на Сител телевизија гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој зборуваше за актуелната политичка ситуација во државата, посетата на Брисел, како и за плановите на ВМРО-ДПМНЕ за претстојниот период и локалните избори.

Мицкоски потенцираше дека Република Македонија четири години стагнира во однос на сите слоеви од општеството, владеат криминалот и корупцијата, а наместо приближување до ЕУ, Зоран Заев со неговите политики ја оддалечува Македонија од започнувањето преговори со Европската унија. Тој додаде дека несомнено Република Македонија ќе биде дел од Европската унија, но не додека Зоран Заев е на челото на Владата на Република Македонија.

Заев четири години велеше дека Македонија треба да постигне договори и да изнајде решенија за проблемите со соседите, а сега откако распродаде се што можеше да се распродаде, поразителен факт е дека она што мислевме дека е помош на патот кон ЕУ, испадна најголем проблем, односно блокада. Македонија има суштински проблем во однос на функционирањето, бидејќи економијата е на ниско ниво, правдата е заробена, а царува само криминалот и корупцијата. Тоа се големи аномалии кои не можат да ја движат напред Македонија, но тоа ќе го промениме, додаде Мицкоски.

Ние како ВМРО-ДПМНЕ на ваквите средби со претставниците од Европскиот сојуз ги соопштуваме нашите гледишта и проблеми кои ги нотираме, со цел луѓето од ЕУ да имаат јасна слика за тоа каков човек ја заробил Република Македонија и што всушност се случува тука. На луѓето во ЕУ им се јасни работите и знаат со што се соочуваме, но тие велат дека народот е тој кој треба да пресече и самиот да се спаси. Тоа значи дека народот треба сам на себе да си помогне, истакна Мицкоски.

За четири години сме сведоци на егзибиции, распродажби и понижувања, а за возврат не добивме ништо. Поразени сме и како народ и како држава, а ЕУ за жал е предалеку во овој момент. Мораме да се избориме за подобро утре и да работиме на проблемите кои ги имаме внатре во државата, а ЕУ ќе ги награди вистинските реформи и тогаш ќе станеме дел од европското семејство, заврши Мицкоски.