Државниот завод за ревизија денеска го објави Конечниот ревизорски извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Врховен суд на Република Северна Македонија за 2024 година на сметката на основен буџет (603).
Највисокиот суд во Македонија се соочува со сериозен недостиг на судии, финансиски проблеми, но и со тужби од вработени.
Во Врховниот суд во тек се 28 судски постапки. Судот се јавува како тужена страна врз основа на тужби од вработени по основ на надоместоци и права од работен однос, во вкупен износ од 4.280.000 илјади денари, односно околу 70 илјади евра.
Бидејќи станува збор за судски постапки кои се водат пред надлежните судови, до денот на ревизијата конечниот исход не е познат, при што постои неизвесност за финансиските импликации врз Буџетот на Врховниот суд во иднина, се наведува во ревизорскиот извештај.
-Напоменуваме дека е неопходно пополнување на испразнетите судиски места, кои согласно Одлуката на Судски совет се предвидени 28 места вклучувајќи го и претседателот на судот, а пополнети на крај на 2024 година се 11 судиски места. Ревизијата истакнува дека во месец мај 2025 година зголемен е бројот на судии на 14 вклучувајќи го и претседателот на судот – пишуваат ревизорите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата