Премиерот Христијан Мицкоски денеска при посетата на општина Шуто Оризари рече дека оваа Влада ја препознава оваа општина и сака да помогне во реализирањето на инфраструктурни проекти.
– Градоначалникот спомена дека станува збор за 58 проекти со вкупна вредност отприлика 4 и половина милион евра, некаде околу 275 милиони денари. Но, и покрај проектите кои што се финансирани преку првиот и вториот повик од Министерството за локална самоуправа, за што му благодарам и на министерот кој што е денеска со нас, имаме проекти кои што се реализираат и преку други ресори во Владата, како што е Министерството за транспорт, за што му благодарам на заменик-претседателот на Влада и министер за транспорт. Исто така му благодарам и на градоначалникот на Град Скопје којшто заедно со градоначалникот на Шуто Оризари придонесува понатаму да имаме јасни планови за развој на општина Шуто Оризари – рече Мицкоски.
Тој додаде дека со доаѓањето на пролетта градилиштата повторно се формирале и дека сега има градежна механизација и оператива на околу 1.200 точки низ целата држава која што работи на реализирање на проекти од првиот и од вториот повик.
Премиерот им порача на градоначалниците да се подготвуваат бидејќи догодина повторно ќе има повик за проекти.
Мицкоски го честита Светскиот ден на Ромите 8 Април и им посака на сите сограѓани Роми успех, здравје и среќа во животот.
– Денеска е ден во кој што треба да се потсетиме на сето она коешто можеби во годините и децениите во минатото сме го пропуштиле. Истото тоа да го препознаеме и во иднина сето она кое што е пропуштено да го надоместиме, односно да го реализираме – додаде премиерот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата