Со 81 глас „за” и ниту еден против или воздржан, Собранието на денешната 97. седница донесе одлука за проследување на натамошно второ читање на Предлог-законот за Советот на јавните обвинители.
Заменик-министерот за правда, Ален Деребан во образложението пред пратениците истакна дека со Предлог-законот се воведуваат суштински новини насочени кон зајакнување на независноста, професионалноста и транспарентноста во работењето на Советот на јавни обвинители и на јавното обвинителство во целина.
– Меѓу клучните решенија се: јасни и мерливи критериуми за избор на членови на Советот; обврска за целосно и аргументирано образложение на одлуките: доследна примена на мерит-системот при избор, унапредување и разрешување; поголема транспарентност преку јавни седници и објавување одлуки, двостепеност во дисциплинските постапки и обезбедена судска заштита; постапки и рокови за разрешување и зајакната улога на Советот во избор и разрешување на Јавниот обвинител – рече заменик-министерот.
Според Деребан, овие решенија имаат за цел да воспостават јасни правила, да ја намалат можноста за арбитрарност и да ја зголемат довербата на граѓаните во правосудниот систем.
– Законот е дел од поширокиот реформски процес и е усогласен со европските стандарди, што претставува значаен чекор напред во процесот на европска интеграција – рече замениик-министерот Деребан.
Пратеничката на Нова социјалдемократска партија, Соња Мираковска истакна дека овој закон е далеку од реформски закон. Најави дека ќе поднесат амандмани.
– Во основа преедлог-законот нема да го даде очекуваното затоа што еден реформски закон треба да обезбеди независност во јавнообвинителската работа и Советот за јавни обвинители да биде гарант дека преголемите овластувања кои им ги дадовме на јавниот обвинители, некаде ќе има барем некоја брана која ќе овозможи контрола над оваа хиерархија, која не е само организациска, туку е и суштинска. Она што можеме да го направиме за Собранието да има некаква контрола, практично Собранието да ги даде луѓето кои ќе имаат некаква контрола над работата на Советот на јавни обвинители и да не испадне она што на почетокот го предлагаше министерот пред воопшто да дојде законот во собраниска процедура, тој во еден момент побарал да не бидат професионално ангажирани членовите на Советот на јавните обвинители и тоа јасно кажува на кое место доаѓа Советот на јавни обвинители и колку уште повеќе неговата улога и функција се намалува – рече Мираковска.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов нагласи дека мнозинството во Собранието има најголема одговорност бидејќи ги носи законските решенија, но затоа смета дека опозицијата треба да има најмногу аргументи при напаѓање или поддржување на законско решение.
– Од она коешто можев да разговарам со дел од колегите пратеници, веќе неколку амандмани излегоа на површина како потребни со цел да имаме еден подобар закон кој ќе го поддржиме сите политички чинители во Собранието. Јас сум убеден дека тоа ќе биде така, исто како што беше со претходниот Закон за јавниот обвинител. Ова е тема на која не треба да се делиме, не треба да водиме политика, уште помалку политиканство, туку да застанеме сите заедно да ја преземеме одговорноста како власт и опозиција со цел да имаме еден соодветен и кредибилен јавнообвинителски систем – рече Пренџов.
На второ читање беше проследен и Предлог на законот за изменување на Законот за здравственото осигурување, со кој се врши усогласување со Законот за меѓународна и привремена заштита каде е уредено дека лицата под привремена заштита имаат право на престој и згрижување во Република Северна Македонија во согласност со економските можности на земјата и со одредбите на Законот за административни службеници, со што ќе се усогласат работните места на вработените во Фондот за здравствено осигурување кои имаат статус на административни службеници.
Собранието го заврши претресот за Годишниот извештај за работата на Оперативно-техничка агенција за 2025 година и ја донесе Програмата за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во 2026 година.
Пратениците дадоа поддршка за Финансискиот план за 2026 година на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија, за Одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход, за Финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија за 2026 година, Одлуката за објавување на јавен оглас за избор на член на Државната комисија за спречување на корупцијата, Одлуката за именување на директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Одлуката за објавување јавен оглас за избор на член на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца,
Собранието го заврши општиот претрес по членовите 22, 45, 61, 62,64, 75,89, 95, 96, 97 и 101 од Дополнетиот предлог на закон за Jавното обвинителство во второ читање.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата