Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) одлучи да поднесе пријава до Јавното обвинителство против поранешни членови на управен и надзорен одбор на ТЕЦ „Неготино“.
Целата документација ќе биде поднесена за постапување до Јавното обвинителство, одлучи ДКСК за предметот, кој на денешната седница го соопшти членот на ДКСК, Сервет Демири.
- Во ДКСК пристигна пријава од непознат поднесител против лица од поранешниот управен одбор на АД ТЕЦ „Неготино“. Пријавените лица наведени во пријавата биле членови на поранешниот управен одбор на АД, воедно и распоредени на директорски позиции во организациски единици во ТЕЦ „Неготино“. По статусната промена и соединувањето на АД ТЕЦ „Неготино“ кон АД ЕСМ - Скопје, по престанок на функциите, како членови на управниот одбор овие лица останале во работен однос во АД, што било незаконски бидејќи вработувањето во трговските друштва во државна сопственост единствено е преку јавен оглас. Оправдување за таквиот начин на вработување биле менаџерските договори врз основа на кои им било овозможено да изберат дали ќе останат во АД или ќе се вратат на старите работни места од каде што дошле пред изборот. Дополнително во пријавата, лицата добиле средства во вид на апанажа врз основа на менаџерски договори во висина од целосни 12 плати, што претставуваат дополнителни приходи на редовната плата што ја добивале, а тоа значи дека како вработени во АД добивале редовна месечна плата и плус една плата во согласност со менаџерските договори. По разгледување на документацијата, ДКСК утврди дека наводите се потврдуваат и во согласност со Законот за спречување корупција и судир на интереси против пријавените лица ќе иницира постапка до надлежен орган - информира Демири, кој заедно со другите членови на ДКСК донесоа едногласна одлука за поднесување пријава до Јавното обвинителство против поранешни членови на управен и надзорен одбор на АД ТЕЦ „Неготино“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата