Kако Министерство и како Влада ќе покажеме дека нашите деца имаат еднаков потенцијал како и децата од развиените земји, кои постигнуваат високи резултати на меѓународните тестирања, порача денеска министерската за образование Мила Царовска, при нејзината посета на основното училиште „Исмаил Ќемали“ во скопски Чаир, каде што локалната самоуправа во соработка со А.Д. МЕПСО обезбеди 19 смарт табли.

„За да имаме квалитетно образование потребни се добри, квалитетни и современи наставни програми, обучен и квалитетен наставен кадар и инвестиција во инфраструктура и опрема во училиштата и на сето ова интензивно и посветено работиме. Може да се види дека најголем дел од општините интензивно инвестираат во нова дидактика, во нови материјали – табли, таблети, компјутери како и во нови наставни материјали коишто им се потребни за да имаме современо образование“, рече министерката, додавајќи дека нема силна држава без квалитетното образование.

Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, рече дека инвестицијата во вредност од 1,6 милиони денари е важна за квалитетен образовен процес според современи стандарди.

„Светот брзо се отвора кој дигитализација. Инвестициите во училиштатата, следствено на тоа и во знаењето, се највредната работа што може да ја направиме како општина“, рече Ганиу.

За генералниот директор на АД МЕПСО, Куштрим Рамадани, инвестицијата во смарт табли е помош за учениците, кои треба да се насочуваат кон иновативните смарт технологии.

makfax.com.mk