Бурни реакции во јавноста откако вчеравечер поранeшениот вицепремиер Артан Груби кој беше уапсен на граничниот премин Блаце доби куќен притвор.
Се јавија голем број револтирани поединци, но и експерти, кои велат дека судството секогаш има двојни аршини во земјава. Едни за политичарите, други за обичните луѓе.
На својот фејсбук профил се огласи и Јане Ченто, еден од осудените за нападот во Сообраниетo на 27 април 2017 година.
Еве што вели тој во својата објава:
„Артан Груби во куќен притвор, јас 28 месеци во притвор.
Мене ми наместија предмет дека сум го прекршил куќниот притвор и ме вратија во Шутка по само 20 дена дома.
Со камери во мојот дом докажав дека сум бил дома. Докази имаше. Снимки имаше.
Од МВР тврдеа спротивно – и никому ништо, помина нивното.
Сѐ беше џабе.
5 и кусур години ме влечеа по судови за нешто што знаеа дека не постои.
На крај – правосилна пресуда во моја корист.
Вистината исплива.
Но, изгубеното време, притисоците, понижувањето, кој ќе ги врати?
Кога ќе ги гледам денешните правосудни „аршини“, не можам да премолчам.
Правдата во оваа држава очигледно не е иста за сите.
Може да нѐ наречете како сакате неколку од нас што не губиме надеж за тоа дека еден ден ќе дојде правда, но тоа е, ние ќе се надеваме. И да, ми се гади од лицемерието. Толку.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата