logo
logo
logo

НАЈМАЧНОТО СУДЕЊЕ: „МАМА КЛЕКНУВАШЕ ЗА ДА СЕ ОДБРАНИ, А ТАТО ЈА ШУТИРАШЕ, ЈА ОСТАВИ СО ДЕТЕТО НОЌЕ НА АВТОПАТ!“

Vecer | 30.03.2026

НАЈМАЧНОТО СУДЕЊЕ: „МАМА КЛЕКНУВАШЕ ЗА ДА СЕ ОДБРАНИ, А ТАТО ЈА ШУТИРАШЕ, ЈА ОСТАВИ СО ДЕТЕТО НОЌЕ НА АВТОПАТ!“

Стојанче Joвановски се изјасни за виновен за тоа дека ѝ нанел физички повреди на сега починатата сопруга Ивана, но не се чувствува виновен за наведување на самоубиство, но Судот констатира дека признанието на вина за двете кривични дела не е дадено доброволно и не ја прифати изјавата за признание на вина.

Обвинителката Адела Бојчевиќ во воведниот збор го појасни обвинителниот акт што му се става на товар на Јовановски.

– На 2 март 2026 година, во временски период од 11 до 12.30 часот на повеќе локации во Скопје, со умисла, при вршење семејство насилство телесно ја повредил Ивана Јовановска. Откако се сретнале пред училиштето Нова ја удирал со шлаканици. Со него бил Мартин Саздов, па Стојанче ѝ се обратил со погрдни зборови и пак ја удирал. Сведокот се обидел да го оттргне, ама тој продолжил да ѝ удира шлаканици. Влегле во возилото на Саздов, се упатиле кон Кривичен, каде ѝ се обратил со зборовите: „Ќе те убијам“, па се свртел кон задното седиште, ја удирал со шлаканици и со тупаници, почнал да ја дави, по што Ивана се онесветила. Саздов застанал на Партизанска да види дали е жива, Стојанче рекол: „Остави ја, глуми, ништо не ѝ е. Гледај ќе ѝ го земам телефонот, ќе стане.“ Потоа продолжиле кон судот, каде пак ја тепал, ѝ направил три крвни подливи – реле Бојчевиќ објаснувајќи дека овие податоци се однесуваат на првото дело за кое се суди Јовановски, а тоа е Телесна повреда.

Второто кривично дело Загрозување на сигурноста, обвинителката го допрецизира со зборовите „со намера да ја вознемири и заплаши“.

– На 2.03.2026 на паркинг зад Кривичен, ѝ се заканувал на Ивана дека ќе посегне по нејзиниот живпт и тело. Ѝ рекол: „Ќе те уништам, нема Катја да ја видиш, ќе одам во затвор, ќе излезам, ќе те уништам“. Ѝ рекол да се оди со такси, ама Ивана не отишла. Тргнале кон основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, каде ја земале Катја. Стојанче ѝ рекол на Ивана: „Оди да се спакуваш, ќе видиш што ќе ти направам“ – го цитираше обвинението Бојчевиќ.

Во врска со третото дело Наведување на самоубиство и помагање на самоубиство, обвинителката наведе дека во периодот од 2023 до 2026 на јавни места пред сведоци, како и дома на улицата Теодосиј Гологанов 96, стан во сопственост на обвинетиот, обвинетиот сурово и нечовечки постапувал кон оштетената Ивана, која била во подреден однос и во егзистенцијала зависност кон обвинетиот, па Ивана извршила самоубиство, кое му се припишува на небрежност на обвинетиот.

– Во 2023 ја натерал да му го препише идеалниот дел од заедничкиот стан, а да остане да живее во него, заедно со детето по што, сѐ почесто и посурово ја тепал, пред ќерката, на јавни мета пред сведоци и дома, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка од дома и ќе ѝ ја одземе ќерката. На 2.03.2026 продолжило насилството, ѝ се заканувал дека нема да ја види ќерката, дека ќе ја исфрли од станот, навредувајќи ја и постојано викајќи ѝ погрдни зборови. На 2.03. 2026 кога стигнале пред зградата Ивана сакала да се качи сама со Катја, за да се спакува ранец за себе и за детето и да оди кај мајка ѝ, ама Стојанче не дозволил и тој се качил со неа, заедно со Саздов, па продолжил да ја малтретира, да ѝ вели „ќе те исфрлам од станот, ќе ја сменам бравата, ќе видиш со кого си фатила работа.“ Потоа се симнале со Мартин Саздов пред зградата за да ги почекаат. Под вакви околности, сурово и нечовечко постапување, Јованоски создал чувство на страв и безнадежноост, без да ги контролора своите постапки, Ивана скокала од станот со малолетното дете Катја, при што двете паднале на бетонска подлога, од што им се повредиле важни витални центри и од што двете починале. Иако ова дело е означено како наведување и помагање во самоубиство (член 128), ова дело има повеќе облици, а ставот 4, кој му се става на товар на обвинетиот, е посебен облик, односно, последицата, самоубиството, е сторено од небрежност, односно, обвинетитот не ја наведувал директно оштетената на самоубиство, туку со континуирано и интензивно сурово и нечовечко постапување создал состојба која довела до трагичната последица – објасни обвинителката.

Стојанче рече дека ги разбира првите две дела за кои е обвинет, ама третото дело не го разбира. Судијата му го прочита пак, па Стојанче рече дека го разбрал.

– Се чувствувам виновен за телесната повреда, за другото не. Таа мене ме изневеруваше, се работи за неверство – рече Стојанче.

Почна да плаче, рече дека никој не сака да го сослуша. Почна да липа и неразбирливо да зборува. Судијата го прекина и му објасни дека мора да се изјасни за сите три дела.

– Мартин Саздов ја наведе да се самоубие – рече и пак почна да плаче. Рече дека се чувствува виновен за првите две дела, а за третото не.

– Мартин ѝ се закануваше цело време, ѝ рече оди фрли се под воз, неговите зборови ги става во моја уста. Не можам да се смирам, Мартин Саздов ми го упропасти семејството – рече со тешко липтање Стојанче, видно вознемирен.

Зборуваше неразбирливо, судијата го испрати надвор да се напие вода и да се смири. Потоа судијата Ивица Стефановски му рече да се изјасни без плачење, и го праша дали дава признание за првите две кривични дела, а за третото не. Стојанче потврди.

Судијата прочита дека ги признал делата Телесна повреда и Загрзување на сигурноста, во време и на начин како што се опишани во обвинението, а дека не се чувствува виновен за Наведување на самоубиство и помагање на самоубиство.

– Судот, пред да ги прифати вашите признанија, треба да се увери дека ги давате со полна свест, дека ќе се донесе пресуда и ќе ви се изрече казна и нема да имате право во текот на постапката да давате докази за тие две дела. За овие две дела нема да се изведуваат докази. Оштетените ќе бараат надомест на штета. На вас ќе бидат трошоците за постапката – рече судијата.

– Свесен сум за правните последици. Доброволно и свесно го давам признанието за вина – рече Стојанче.

На прашање дали некој му се заканувал за да даде признание на вина, Стојанче потврди и рече дека му се заканувал Мартин Саздов. Тој рече дека никој не му ветил ништо за да признае вина.

На прашање дали неговата здравствена состојба влијае за признавање на вина, тој рече дека го држат во самица и дека не му е стабилна психичката состојба.

– Барав да одам на психијатар, ме внесоа еднаш и ме вратија. Сѐ уште ме држат во самица – рече Стојанче.

На прашање дали имал доволно време за средби со адвокатите за да ја подготви одбраната, тој негираше.

Јовановски рече дека испратил молба со барање да се спроведе редовна постапка, а не скратена, во која ќе се изведуваат докази, оти не можел да ја издржи неправдата што му е нанесена, како што рече, и бара да се брани.

– Останувам на молбата за редовна постапка, во која ќе се изведуваат докази за третото кривично дело. Молбата ја напишав со цел да се докаже дека за целата ситуација е виновен Мартин Саздов, кој за сите три дела ме наведуваше да ги сторам и имам докази. Да ја тепам сопругата и да ја загрозам. Тој ме натреа да ги оставам сами горе кога се качивме – рече Стојанче.

Судот констатира дека признанието на вина за двете кривични дела не е дадено доброволно и не ја прифати изјавата за признание на вина.

– Судот не го прифаќа признанието бидејќи обвинетиот наведе дека сведокот Мартин го присилувал и му се заканувал да даде изјава за признание за вина на кривичните дела – рече судијата Ивица Стефановски.

Сведочењето на мајката на Ивана ја открива садистичката природа на Стојанче

Во продолжение на денешното судење на осомничениот Стојанче Јовановски, сведочеше Љубица Стојановска, мајката на покојната Ивана Јовановска, која се самоуби заедно со својата малолетна ќерка скокајќи од зграда,

Јавниот обвинител постави прашање за тоа што се случило во август 2025 година.

– Катја остана кај нас во станот, а Ивана отиде во нивниот стан за да земе облека. Кога влегла, Стојанче бил таму, не заминал на работа. Според нејзините зборови, настанала некој вид борба, тој сакал да ѝ ги земе телефоните, да види дали со некого контактирала. Таа имаше модринки и црвенило на вратот, ја давел. Некакао успеала да излезе од станот. Ми се јави мајката на Мартин Саздов, другарот на Стојанче, ми рече дека Ивана била нападната од сопругот и некако успеала да излезе од станот. Таа ме советуваше да пријавам во полиција, затоа што физички била нападната Ивана и не знаеле каде е сега. Јас се јавив во полициска станица Карпош и кажав дека мојата ќерка е нападната од нејзиниот сопруг и не знам каде е сега. Им ја кажав адресата и им го дадов телефонскиот број на Ивана. Полицијата ми кажа да дојдам во полициска станица. Отидов заедно со внуката Катја. Во меѓувреме полицијата стапила во контакт со Ивана и ѝ кажале да дојде со станицата. Се сретнавме таму и тогаш ги видов модринките и црвениото на вратот и отоците од што ја стегал на вратот. Тогаш ја повика инспектор Горан на разговор во посебна просторија, а јас останав со внуката во ходникот. Дојде една службеничка од станицата, во цивил, ја качија горе Катја, ѝ дадоа мала брошура како полицијата треба да постапува. Таа се симна и ме праша дали Катја на нешто е алергична за да ѝ понудат нешто да јаде, да се напие кока-кола. Околу половина час ја задржаа, службеничката ми кажа дека убаво разговарале со Катја, не ја оптоварувавме, зборувавме за полицијата, за правилно однесување и сл. Потоа зборуваме и ние две, разговорот траеше саат ипол. Ивана излезе со инспекторот, кажаа дека е направен записник, а утре Ивана да дојде да го потпише. Си отидовме во нашиот стан. Утредента мојата Ивана не отиде да потпише, од страв. Мамо, ќе помине, рече. Се ќе се среди. Со тоа што веќе сопругот се јави на адвокатот, кој се вика Горан да покрене бракоразводна парница за Ивана од Стојанче. Ивана се согласи. Не сакаше дополнителни нервози, сакаше едноставно, тоа да се заврши мирно и без проблеми, а Катја да биде со неа. Потоа, по неколку дена откако почна бракоразвидната постапка Ивана отиде до Центарот за социјални работи.

Обвинителот тука потпраша – Рековте дека ви се јавила мајката на Мартин Саздов. Во каков однос беа Ивана и Мартин?

– Мартин му е колега во пожарна и другар на Стојанче, така и Ивана се запознала со него. Излегувале заедно, со Стојанче и Мартин. Катја ги викаше Саздо, велеше Саздо е добар. Јас сум му благодарна на Мартин, затоа што во август 2025, кога биле на свадба на братучетка на Стојанче во Штип и Ивана сакала порано да се вратат. На враќање, јас така знам, оти требало ноќе да се враќаат, Ивана го згрешила вклучувањето на патот, па се скарале, Стојанче ги избркал од колата Катја и Ивана на автопат, ја удирал, ја клоцал. После Катја ми призна дека и неа ја удрил. Па си заминал со колата и ги оставил на автопат. Ивана се јавила на свекрвата дека е оставена на автопат и побарала да дојде да ја земе. Таа рекла дека ја боли стомак и не може да дојде. Па се јавила на свекорот, исто и тој ѝ рекол не можам да дојдам. Мојот син, пак, беше на одмор, па се јавила на Мартин Саздов, кој живее во автокоманда и тој отишол да ги земе од автопат и ги однел кај него дома. Им благодарам на Мартин и на неговите мајка и татко што ја прибрале. Сабајлето околу 7 ми се јави Ивана, ми побара резервен клуч од станот, јас го имав, оти одев кај нив кога одеа на одмор, за да влезе во станот. Рече дека ќе дојде сестрата на Мартин и јас нејзе ѝ го дадов клучот. Ивана влегла во станот, си зела некои работи, облека и дојде кај нас дома. Му рече на татко ѝ, тато, веќе не можам да издржам. Татко ѝ виде дека има модрици и ѝ рече ова е твоја куќа, колку сакаш остани.

Обвинителот потоа праша како Катја го опишала тоа што се случило на автопатот?

– Катја беше искрено дете и покрај сите проблеми имаше љубов кон татко ѝ. Никогаш за него не рекла лош збор. За случката рече: тато не избрка од кола на автопат и ја удираше мама со клоци, мама беше легната, ја шутираше. Дури и нејзе ја удрил, ама како, колку, не знам. Мартин Саздов ми рече дека Стојанче му рекол дека двете ги натепал.

Обвинителот праша: Дали ви покажуваше Катја како Стојанче ја тепал Ивана?

– Катја клекнуваше, ги ставаше рацете пред лице и кажуваше дека Ивана така клекнувала кога Стојанче ја тепал. Додека беа разделени Ивана и Стојанче, Катја ми кажа, бабо тета Ивана е доба, сестрата на Стојанче исто се вика Ивана, па како може сестрата да е добра, а братот да е лош? Еден ден имаше голем снег, ми рече, може ли денеска да не одам во школо. Беше во патичња, отидовме во блиската продавница ѝ купи чизми за сег, беше пресреќна. Правевме снешковци, ми рече, бабо овој снешко е за тато, овој е за мама, јас ги правам, а ова е за дедо Боже и направи снешко со крст.

Јавниот обвинител праша што се случувало во периодот кога Ивана останала кај родителите дома и почнала бракоразводната парница.

– Ивана беше под голем стрес, секогаш кога ќе ѝ се јавеше Стојанче ѝ трепереше гласот. Таа не се делеше од Катја. Стојанче ќе се јавеше да ја земе Катја, таа ќе се симнеше, ќе почекаше Стојанче да ја земе Катја и седеше доле пред зграда на клупа, во грч, во страв, кога Катја ќе биде вратена и дали ќе ја врати. Отиде во Центар за социјални грижи и праша дали мора да ја дава на видување. Таа секогаш му ја даваше на видување, кога и да побараше. Во ЦСР праша дали може да одредат термин за видување, ѝ рекле не, додека судски не се разведе бракот. Еден ден, кога ја земаше Катја, јас и Ивана бевме заедно, таа ни рече, бабо, мамо, знаете ли дека тато има една друга жена и едно мало машко дете, со нас шетаат во кола? Додаде, мамо таа јадеше нешто во кола и направи трошки, а тато не рече ништо, ништо, а ние да бевме, мамо, нас ќе не избркаше од кола. Кога одеше Ивана со тротинет, не ѝ дозволуваше Ивана да го стави тротинетот во гепек, за да не го извалка гепекот.

Рековте дека Ивана била во грч додека Катја била со таткото. Дали се плашеше од нешто, праша обвинителот.

– Се плашеше дека нема да ѝ ја врати. Ќе речеше, нема нито да ѝ направи, тој ѝ е татко и јас немам право да му бранам да ја гледа. Но, беше во грч дали ќе ја врати.

Колку често доаѓаше Стојанче да ја земе Катја, праша обвинителот.

– Некогаш ќе кажеше ќе дојдам за 10 минти, па немаше да дојде да ја земе. Некогаш и ќе ја земеше. Секогаш сме внимавале да легне на време, оти оди во училиште. Стојанче кога ја земаше, ја носеше нешто да јадат и да ѝ купи нешто, а претходно ништо не ѝ купуваше. Ивана делеше од уста за да ѝ купува на Катја. Можеше да поминат и десетина дена од едно до друго видување, не ја земаше секоја недела. Кога Катја тргна во школо, на учителките им беше пренесено дека родителите се разведуваат, а детето претрпело многу работи, па да не направи некаков испад, ама Катја никогаш не пројавила агресивност кон другарчињата.

Обвинителот ја праша мајката на Ивана за каков татко го смета Стојанче.

– Кога се роди Катја, јас им покажав како се капе бебето, па си тераа заедно со Ивана. Како растеше Катја, понекогаш му велеше не татенце, како да сакаше да ја удри, ама успеваше да се контролира. Искрено, не беше пожртвуван родител. На почетокот да, ама потоа не. Знаеше да отспие, да си оди на тренинзи, а детето бара љубов, да прошетаат и сл. Понекогаш излегуваа, ама ретко.

Колку време остана Ивана кај вас, праша обвинителот.

– Од август 2025, после настанот во Штип, а остана до Свети Никола, наша домашна слава. Тогаш замина во нивниот стан, кај Стојанче и не се врати повеќе кај нас. Тој ден беше со Стојанче, ми се јави да се симнам пред зграда да ја земам Катја, не ни излезе од кола, не смеее ни да ме погледне, ја прашав дали ќе се врати, таа само ги крена рацете. Од Стојанче добив еден поглед полн со омраза. Потоа од медиумите дознав дека била тепана на самиот ден на славата, таа не ми кажа.

Обвинителот праша што се сучувало откако Ивана се вратила во нејзиниот стан со Стојанче.

– Малку се гледавме, малку доаѓаше кај нас. Се јавуваше да ја земеме Катја. Еднаш двапати јас ја земав Катја од школо и ја носев до нивниот стан. Ќе ми речеше Ивана, мамо пушти ја по лифт, ама мене ми беше страв. Ѝ велев не, јас ќе одам со лифтот и ја носев до нивниот спрат. Ивана Или ќе ме чекаше пред лифтот или пред вратата од станот. Катја ќе излезеше од лифтот, јас си одев дома.

Дали доаѓаше Ивана кај вас дома отако се врати да живее со Стојанче, праша обвинителот.

– На многу кратко, колку да ја земе Катја. Ќе слушнев дека на телефон му кажува на Стојане со тресење, еве сум кај моите и веднаш си одеше. На 14 јануари месев баница. Стојанче беше на работа, ги замоливме да дојдат, да направиме ритуал со паричка. Паричката се падна кај син ми, а јас имав паричка во раката и ѝ реков, види Катја има и за тебе. Сите беа пресреќни. Стојанче се јави на телефон. После тоа Ивана го замоли брат ѝ веднаш да ја однесе дома оти Стојанче може да се јави на вибер на камера и да види дека не е дома, туку дека е кај нас.

Дали Стојанче беше љубоморен, дали ја контролораше Ивана, праша обвинителот.

– Да, постојано беше на телефон, ја бараше. Кога Катја требаше да оди на родендени кај другарчиња, Ивана мене ме тераше да ја носам во игротеките, велеше – јас не можам да ја носам, ќе си имам проблем со Стојанче, оти таму ќе има мајки, татковци …

Обвинителот праша во каков однос била Ивана со свекрвата Цветанка, мајката на Стојанче.

– На мојата Ивана сум ѝ велела дека и тие се родители, дека и тие се дедо и баба на Катја, да ги посетува, да оди на родендени. Мајката на Стојанче знаеше да ѝ помогне, кога ќе добиеше некој бокс Ивана, знаеше да ја однесе во болница. Мајката на Стојанче знаеше да ја земе Катја, да дојдат до пред мојата зграда, да ја однесеме до школо, до Песталоци, не оставаше пред школото и да си оди на работа. Имаа добар однос. Знам дека одела Катја на преспивање кај нив, последен пат во февруари. Катја тогаш ѝ рече на баба Цеце, така ја викаше, бабо, знаеш што ми рече тато, имате ли вие памет кај отидовте? Тоа беше една недела пред да се случи ова на 2 март.

Што се случуваше кога Ивана беше хоспитализирана на клиника, праша обвинителот.

– После паричката на 14 јануари, Ивана ми се јави на 15 јануари, рече дека воопшто не ѝ е добро, ќе дојде Цветанка ќе ме носи на лекар. Тоа беше попладне накај 6 саатот. Прашав дали да дојдам и јас. Ивана рече не, ќе завршиме, а Катја ќе ја чува Стојанче. Моето срце не издржа, се спремив и пред нив стасав на Ургентен на Клиника. Дојдоа и Ивана и Цветанка, а со нив беше и Катја. Ја прашав Ивана зошто дошла и Катја, рече дека Стојанче си излегол и немало кому да ја остави. Ивана имаше болки на стомакот, нагон за повраќање, не пратија на Инфективно, ама јас работев 35 години на ортопедија, на анестезија и замолив во Ургентен добро да ја прегледаат, ја пратија на гастро, ѝ направија ехо, им беше сомнително, акутен абдомен, нешто акутно, треба итно да се реагира. Ѝ рекоа – имаш темпирана бомба, мора да лежиш во болница. Па бевме на гинеколог, гинеколошки сѐ беше добро, направивме лабораторија, имаше високи вредности, еден млад лекар ѝ рече дали можете да одите со овие резултати во „8 Септември“, реков не, јас сум работела тука, ако може тука да биде хосптитализирана. Ја хоспитализираа околу 1 часот ноќе, почнаа со терапија, па јас го викнав син ми да ме земе. Одев да ја видам секој ден, нејзе секогаш ѝ беше во мисла Катја како е.

Што рекоа лекарите, од што се болките, праша обвинителот.

– Лекарите рекоа дека од удар се прави хематом внатре во абдоменот, а кога хематомот се разградува тоа е многу акутно. Советуваа да остане, рекоа некогаш може да се минути во прашање да мора да ја отвараат и да интервенираат.

Обвинителот праша каде била Катја во тие денови.

– Ивана беше 4 дена во болница. Еден или два дена сестра му на Стојанче остана кај нив дома за да ја чува Катја и да ја носи во школо. Претпоследниот ден ја зедов од школо, купив нешто за јадење за Катја и за Стојанче, а Цветанка ја однесе Катја кај Стојанче дома. Последниот ден отидов со сестра ми во болница и дознав дека Стојанче ја турнал Ивана по скали. Отидов, беше празната соба, дојдоа Ивана и главната сестра, прашавме што е работата. Нѐ внесоа со Ивана во една соба, дојде и полиција. Кажаа дека Стојанче бил на посета, излегле на влезот на одделот, се расправале, сакал да ѝ ги земе телефоните за да види со кого комуницира. Самата Катја кажа дека Стојанче ја турнал, а ги видел и еден болничар. Ја турнал по скали пред Катја. Болничарот се стрчал да ја прифати Ивана и веднаш ја снимиле дали има скршеница, а Катја ја прибрале сестрите. Катја им рекла на сестрите дека во претходниот ден Стојанче ја заклучил и отишол да вежба. Ја прашале дали сака да јаде, рекла дека досега јадела само тоа што ѝ го купила баба ѝ, претходниот ден. Била гладна. Додека биле зафатени со Ивана, Стојанче се вратил во болницата, ја зел Катја и избегал. Ивана беше многу исплашена, дојдоа од социјално, Ивана само велеше Катја да ја најдете. Стојанче беше недостапен на телефон, полицијата го бараше. По еден саат се јави Цветанка, рече дека Катја е со Стојанче. Тогаш Ивана се смири. Другиот ден бараше на своја одговорност да ја напушти болницата, иако ситуацијата со стомакот не ѝ беше средена. Ја однесовме со сестра ми Ивана во нивниот стан, Ивана пред врата ни рече да си одиме, ако е Стојанче дома да не направи проблем.

Во понатамошниот исказ мајката Љубица рече дека нејзиниот сега покоен сопруг се посомневал дека Стојанче шмрка дрога, но Ивана негирала. Таа рече дека пред Нова година дознале дека полицијата го фатила Стојанче на Партизанска со дрога, марихуана и хероин, но Ивана не кажала им кажала за тоа.

Љубица додаде дека Ивана им раскажувала на родителите дека Стојанче имал тешко детство, со семејно насилство.

Внуката Катја ѝ кажувала на мајката на Ивана што гледала дома

Мајката на покојната Ивана Јовановска, Љубица Стојановска, сведочеше денеска за насилството од обвинетиот сопруг Стојанче Јовановски, што го трпела нејзината ќерка во бракот.

На прашање на обвинителката Адела Бојчевиќ во какви односи биле Ивана и обвинетиот, мајката на Ивана рече:

– Во почетокот беа под кирија, јас како мајка им се наоѓав да им помогнам. Тој работеше во достава на храна, а ќерка ми работеше во бутикот „Масимо Дути“. Ќерка ми сакаше да имаат свој стан. Секогаш беше со позитивна мисла за сопругот, велеше „Мамо, има зрело размислување, добар е, имал тешко детство, ама ќе биде сѐ во ред“. Малку се знаеја, 2-3 месци пред бракот. Таа остана бремена. Јас претходно не знаев ништо за врската. Во тој период таа ми кажа дека требало да има некое судење за Стојанче. Ние како родители помогнавме да се заврши работата да добие условно. Потоа успеаја да уплатат за станот. Почетокот им беше убав. Јас ретко го ословував со име, па и до крај, секогаш со „сине, синко“. Се радувавме, средуваа стан, никогаш мојата Ивана не кажуваше за проблеми. Некогаш ќе видев модринка на рацете, еднаш имаше модро око, рече дека паднала од тротинет. Кога Катја имаше 2 години, во август ми се јави зетот во 1 ноќе, извинете на изразот, ми рече „Тетка Љубица, дојди да си ја земеш ќерката, Ивана“. Стасав за 10 мунути до нивниот стан. Тој беше премногу нервозен, шеташе, зборуваше.

Во овој момент судијата го опомена обвинетитот да молчи додека друг дава исказ и дека следниот пат ќе го отстрани од судницата.

– Тоа беше во 2021 година. Му реков: „Кажи синко, што е работата“. Ивана беше вознемирена, ја гушкаше Катја, седеше на лежајот во дневната. Стојанче ми рече еден збор, не можам да го повторам во јавноста, го кажав на обвинителката и на адвокатката. Беше многу револтиран и покажуваше долу – рече Љубица.

Тогаш дошла полиција, го извадила Стојанче надвор во ходник да поразговараат.

– Еден полицаец беше со нас во собата. Ивана беше многу исплашена. Тој ја удираше со боксови. Катја ѝ беше во рацете. Пак тргна да ја удри, јас застанав помеѓу нив. Ивана беше исплашена, велеше „Сѐ нека земе и стан и сѐ, само ќерката нека ми ја остави“ – рече мајката.

Откако завршил разговорот со полицајците, тие рекле „Ајде, смирете се“ и си отишле. Стојанче ѝ понудил на мајката да ја однесе дома, а таа одбила.

– Ивана секогаш се плашеше да не ѝ ја земе Катја. Таа работеше во приватна фирма, а благодарение на мене зетот доби работа. На мојата ќерка секогаш на прво место ѝ беше Катја. Кога се земаше станот, прво беше на нејзино име, таа редовно го плаќаше кредитот. По некое време го запишаа пола-пола сопственост, најверојатно на барање на Стојанче. До последниот момент Ивана го плаќаше кредитот, а плаќаше и сметки – рече таа.

На прашањето дали Ивана ѝ кажувала дека има проблеми и дали таа нешто забележувала, мајакат Љубица рече:

– Забележував модринки, велеше дека се удрила, дека лесно ѝ излегуваат модринки. Кога доаѓаше кај нас секогаш беше под стрес, беше под контрола од Стојанче, тој ѝ се јавуваше да провери каде е. Таа велеше: „Еве сум, кај моите“. Имаше модрици по рацете, нозете, на два пати окото ѝ беше модро. Се сомневав дека Стојанче ја тепа, ама таа не ми признаваше. Ќе биде сѐ во ред, ми велеше. Јас никогаш не го прашав зетот за тоа. Сметав дека тие сами ќе си решат меѓу себе – рече мајката.

Но затоа ќерката Катја зборувала за тоа што се случувало дома.

– Катја ми кажуваше „Бабо јас ќе ти кажам, а ти не ѝ кажувај на мама. Мама знаеше да клекне доле, со скрстени раце да се брани, а тато ја шутираше, ја удираше.“ Мојата Катја, мала 6 години, ги користеше погрдните зборови што тој ги кажувал „дрољо…“ – рече Љубица.

– Дали Стојанче некогаш бил насилен кон вас? – праша обвинителката.

– Пред Нова година направив благи работи за внуката и салата што ја сака ќерка ми, зедов такси и отидов пред нивната зграда. Ивана ме чекаше, ми помогна да ги изнесем работите. Таа се тресеше, се плашеше за мене, и викаше: Мамо, бегај, ќе дојде сега Стојанче, те молам бегај да не ти направи нешто“. Набрзина ѝ го дадов тоа што го носев и тргнав накај автобуска пешки и слушнав глас од зет ми, хистерично викање. Мислам дека тогаш да останев, а требаше да останам, ама ајде, да не правам проблем, и слушнав некое викање насочено кон мене, некоја закана и од страв почнав да бегам. Бев исплашена да не му направи нешто на моето дете. Потоа Ивана ми кажа дека благото и салатата ги фрлил во контејнер – рече таа.

Мајката рече дека го пријавила Стојанче во полиција во август лани. Ивана во тој период престојувала кај неа.

По ова судијата Ивица Стефановски даде пауза од 15 минути.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk