Автопатот Охрид - Кичево, долг околу 58 километри е најтешка градежна задача која Македонија ја имала и има од своето осамостојување пред се заради природните ограничувања со планини и камени подлоги, па се до технологиите во градежништвото кои за такви предизвици се употребуваат а Македонија со тие и такви градителски задачи досега немала искуство.
Градбата се соочува со над 15 масивни свлечишта на теренот. Претходната влада на СДСМ/ДУИ за 7 години власт не успеа, и покрај бомбастичните најави на тогашниот премиер Заев и министерката Шеќеринсжка дека во 2021 автопатот ќе биде пуштен во употреба, да реши ни половина од автопатот па во февруари 2024 во интервју за Радио слободна Европа тогашниот директор Ејуп Рустеми, соочен со немоќ да најде решенија, изјави дека “автопатот е лош проект па не ни требало да почне да се гради“.
Нивниот наследник, премиерот од СДСМ Димитар Ковачевски, во 2023-та изјави дека патот е готов 75% но, тие проценти ни оддалеку не одговараа на вистинската состојба на терен и тоа беше само уште еден спин за лажно претставување на “успесите“ на владата на ДУИ и СДСМ.
Кога гради влада на ВМРО ДПМНЕ и трошоците и динамиката се поинакви.
Владата на ВМРО ДПМНЕ, традиционална ориентирана кон градба на инфрструктури и странски инвестиции преку Собранието во октомври 2013 донесе посебен закон за овој проект и за изградба на автопатот Скопје – Свети Николе – Штип, голем проект кој е во функција.
Автопатот Скопје – Свети Николе – Штип, во должина од 50 километри, кој исто така го градеше Синохидро, е пуштен е практично завршен до крајот на 2017-та пред смена на власта, а по поставување на сигнализацијата и пратечката опрема во употреба е од 2019. Автопатот чинеше 44 милиони евра помалку од предвидената вредност во договорот за изградба, со што и државата помалку се задолжи кај кинеската Ексим банка.
Неколку месеци по пуштање во градба на автопатот Скопје-Свети Николе-Штип , во февруари 2014, тогашниот премиер Никола Груевски, кој ја предводеше владата на ВМРО ДПМНЕ, објави старт на изградбата на автопат од Кичево до Охрид во должина од 57 километри.

Изградбата требаше да чини 375 милиони евра. Но, по доаѓањето на власт на коалицијата СДСМ/ДУИ одеднаш тие констатираа дека со тие пари не може да се доврши автопатот па со пет анекси и нови кредити ги зголемија трошоците за нови 250 милиони евра и крајната цена излезе над 600 милиони евра! Државниот завод за ревизија во 2022 година анализирајќи колку од заемите и кредите што ги зела држава се искористени, се осврнува и на автопатот Кичево – Охрид. До крајот на 2021 биле повлечени околу 382 милиони долари од кредитната линија за автопатот. А дополнително за камати и провизии отишле уште 38 милиони долари. Практично, Владата СДСМ/ДУИ ја потрошила целата предвидена инвестиција за половина завршена работа!
Патем, тие најавија дека ќе биде завршен до 2021 година. Парите ги потрошија, 2021-та одамна е замината, а автопатот - го нема. Особено ги нема сложените и тешки делници. Разликата во пари и ефикасност кога гради влада на ВМРО ДПМНЕ и влада на СДСМ/ДУИ е очигледна, а последиците и трошоците одат на терет на граѓаните.
Практично, СДСМ/ДУИ со автопатот Охрид-Кичево го направија истото што и со Клиничката болница во Штип. Ги потрошија парите за инвестицијата почната од претходната влада на ВМРО ДПМНЕ, остана гола карабина, и додадоа плус 20-тина проценти нови трошоци, и не ја завршија туку оставија друга влада да ја сработи задачата.
Автопатот ќе го биде, во сигурни раце е

Според Здружението за градежништво при Стопанска комора на Македонија во градбата учествуваат од 70-100 македонски компании во разни фази, и над 1.500 работници. Годинава особено градбата се фокусира на најтешките делници, свлечишта и камени површини кои се решаваат со уривање делови од планини и изграба на најсложени системи за запирање на свлечиштата и обезбедување на трасата. Тоа се решава со најнови технологии, стабилизација на 16 косини, од кои 14 ќе се обезбедат со таканаречени галерии од армиран бетон, некои од технологиите за прв пар применети не само во Македонија, туку и во регионот.
Интензивно работиме на рехабилитација на превојот Пресека и очекувам до месец февруари целиот патен правец да биде завршен и да ја подигнеме безбедноста во сообраќајот, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Вицепремиерот Николоски, заедно со директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски, пратеникот Ѓорѓи Сајкоски и градоначалниците од Кичево и Дебрца извршија увид на градежните работи на превојот Пресека.
Тој потенцира дека се работи за проект за рехабилитација на 15 километри патен правец, што е од огромно значење за подобрување на безбедноста во патувањето и ќе го олесни поврзувањето на главниот град со Охрид и Струга.

“Се работи на 11 километри кои целосно се рехабилитираат. Можам да кажам дека во однос на рехабилитацијата на патниот превој Пресека, кој што претставува главна артерија, не само за спојување на Кичево со Охрид и Струга, туку генерално и за спојување на Скопје со Струга и Охрид, се работи со одлична динамика и до февруари месец би требало целиот патен правец да е завршен, што многу ќе помогне додека не се пушти целиот автопат Охрид-Кичево, побезбедно и побрзо да се патува, имајќи предвид дека патниот превој Пресека беше во една навистина катастрофална состојба”- изјави вицепремиерот Николоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата