logo
logo
logo

Македонија игра значајна улога во заштитата на БЕЗБЕДНОСТА НА ЗАПАДЕН БАЛКАН

Vecer | 03.03.2026

Македонија игра значајна улога во заштитата на БЕЗБЕДНОСТА НА ЗАПАДЕН БАЛКАН

Денешните сложени безбедносни околности бараат будност, подготвеност, јакнење на активностите на инструментите за рано предупредување и посилни и одржливи инвестиции во одбранбените капацитети. Македонија е верен сојузник на НАТО и придонесува за безбедноста на целиот регион, нагласија на заедничката прес-конференција претседателката Гордана Сиљановска Давкова и генералниот секретар на НАТО Марк Руте, кој е во официјална посета на земјава.

-Во овој момент, затоа е и генералниот секретар на НАТО тука, неопходно е во рамки на НАТО да се надминуваат разликите, или да се усогласуваат разликите за да се обезбеди кохезија врз основа на заедничките вредности и принципи врз кое е втемелено НАТО, потенцира претседателката Сиљановска Давкова.

Таа изрази уверување дека НАТО не е само воен сојуз туку заедница на споделена одговорност, но и најважно – на заедничка визија и ние продолжуваме да бидеме одговорна членка на Алијансата.

-Како кредибилен сојузник ние го спроведуваме планот на инвестиции во одбраната. Потенцирам дека не се во прашање проценти и бројки туку инвестиција во заедничката одбрана и безбедност. Активно придонесуваме кон одбранбената позиција на НАТО и со тоа демонстрираме дека безбедноста е заедничка одговорност, рече претседателката.

Сиљановска Давкова истакна дека најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е неговата итна и целосна интеграција во ЕУ, и поради тоа, како што рече, очекува на претстојниот самит на НАТО во Анкара особено внимание да биде посветено на безбедносната состојба на Западен Балкан со оглед на актуелните предизвици.

– Мора да ставиме крај на вештачките причини и причините од идентитетски карактер за членство во ЕУ и да се фокусираме на копенхашките критериуми. Најголемата инвестиција и гаранција не само за нашата безбедност туку и за безбедноста на Европа во целина е нашето членство и членствот на Западен Балкан во ЕУ, нагласи претседателката.

Марк Руте подвлече дека С. Македонија е верен сојузник на НАТО и придонесува за безбедноста на источната страна на алијансата.

-С. Македонија дава повеќе од 2 проценти за одбраната од својот БДП, ова е огромен напредок и земјата дава свои заложби за да се постигне до 5 проценти како што беше ветено. Мораме да ги зголемиме придонесите кон одбраната и целосно да ги опремиме активностите на НАТО, сакам да ја поздравам поддршката на С. Македонија за Украина, рече Руте.

Тој истакна дека мора да соработуваме за да ја поддржиме нашата заедничка безбедност и Северна Македонија игра значајна улога во заштитатат на безбедноста на Западен Балкан.

-Нашата посветеност кон регионалната стабилност е јасна, нема да дозволиме да се појави безбедносен вакуум. НАТО се посветува кон заштита на сите свои сојузници од каде и да доаѓаат предизвиците. Знам дека можеме да сметаме на С. Македонија да го одигра својот дел, потенцира Руте на заедничката прес-конференција со Сиљановска Давкова.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk