Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека и во Македонија расте бројот на туристи, односно бројот на ноќевања остварени во некои од домашните капацитети.
Бројките откриваат дека во текот на 2024 година во Македонија биле реализирани 3.297.732 ноќевања, додека во текот на 2025 година имало 3.323.210 ноќевања, при што бил забележан благ раст од 0,8 проценти. Сепак се поставува прашањето што може да се стори за дополнително да се зголемат посетите од странство
Македонија во изминатите неколку години бележи значителен раст на бројот на посетители од странство, но и натаму се поставува прашањето како можеме да привлечеме поголем број туристи, особено пред почетокот на летната сезона.
Министерството за транспорт објави десетина нови авио линии како и реконструкција на еродромот во Охрид што е значителен придонес кон потенцијалот за туризам. Аеродромот во Скопје, и официјално, е меѓу најефикасните во регионот. Но, владата може да создаде услови, а пречекот на туристите и ангажманот околу нивното задоволство е на приватниот сектор и локалната самоуправа.

Дали Македонците имаат локална култура која е подобна за туризам? Тоа прашање е клучот за понатамошен развој на туризмот. Уредена локална инфраструктура, чисти и функционални ресторани, хотели и апртмани, историски места и споменици кои се подготвени и афирмирани за туристичка псоета, луѓе кои се професионално обучени за прием и тертман на туристите... се елементи кои носат и задржуваат туристи. Секој од нас може да го даде одговор на ова прашање од сопствено искуство.
Автопат, аеродром, струја, вода, законски услови... кои ги обезбедува владата се во развој но, туристите очекуваат најмногу од приваниот сектор кој врши сместување, презентација на туристичките места, услуги во угостителството и забавата, од граѓаните кои ги среќава кога ќе дојде и нивниот однос кон туристите.
Туризмологот Зоран Николовски за „Нова Македонија“ потенцира оти нашата земја бележи раст на бројот на туристи секоја година, но истакнува дека недостигаат одредени чекори за дополнителен развој.

– Македонија генерално секоја година оди во нагорна линија во туризмот. Секојдневно има голем број на чартер-автобуси што неколку дена престојуваат во поразвиените туристички места.
Генерално фали развојна стратегија, дислокација на туристичката понуда, но и институционална поврзаност во вертикална и хоризонтална линија.
Од она што го гледаме, сега се прават напори повторно да му се посвети внимание на туризмот. Сепак, споредбата со дестинации како Франција, Италија или Грција е невозможна. Тоа се високоразвиени турдестинации, пред сѐ, со таканаречениот стационарен туризам на море, кој го развивале со децении, па и векови. Македонија, за жал, сѐ уште лута што ќе понуди на некој одреден пазар.
Потребно е внимание на туристичкиот пазар, развоен дестинациски менаџмент за одреден производ и поголема промоција. За жал, сѐ уште немаме бренд во туризмот, нешто што мора веднаш да се направи – потенцира Николовски.
Во однос на авионската поврзаност и колку таа може да помогне во привлекување повеќе туристи, соговорникот укажува дека иако имаме добра поврзаност последниве години, сепак, таа е повеќе насочена кон извозен туризам. Поточно, ова е можност и шанса што е финансиски поприфатлива за нашите граѓани да прошетаат и да ги посетат светските туристички дестинации.
– Авиосообраќајот доста помогна во развојот на туризмот во државата. Поврзани сме со одредени дестинации, но тие дестинации се повеќе за извозен туризам, не за увозен. Ако ги погледнеме летовите, ќе видиме дека имаме многу летови до градови како Неапол, Венеција, Милано, Барселона. Што ви покажува тоа? Ние одиме натаму, не доаѓаат доволно жители од тие градови кај нас. И тоа е добро за нашите граѓани, а за туризмот кај нас? Ако веќе спонзорираме летови, нека бидат врзани во интерес и за домашниот туризам. Но, сепак, генерално, ако сакаме да се развива туризмот, мора да го развиваме дестинацискиот менаџмент – нагласува Николовски.
Туризмот носи големи финансиски приливи

Македонија, која нема море и ски центри во туристичката понуда, а тоа се и најпривлечните места за туристите, мора да бара други содржини со кои ќе привлекува туристи.
Србија, Унгарија или Чешка, кои исто така немаат море развиваат понуда со тема и локалитети од историско значење, бањски, селски етно и спортски туризам. Турција, и покрај богатствто на стандардна туристичка понуда, развива и медицински туризам, привлекување туристи заинтересирани за стоматолошки услуги и козметичка (пластична) хирургија за лица од регионот и од Европа.
Тоа е веќе ангажман на приватниот сектор кој се уште нема фокус на странците и маркетинг кој тоа би го реализирал и создавал брендови за таква понуда.
Истражување од Светскиот совет за патувања и туризам предвидува дека секторот ќе порасне за околу 3,2 отсто на глобално ниво во 2026 година – 0,8 проценти од поширокиот глобален економски раст, прогнозиран на 2,4 отсто.
Бројот на преноќувања во Грција, Австрија, Хрватска, Германија и Холандија, што ги заокружуваат десетте најпосетени земји, сугерира дека добар дел од европскиот туризам останува сезонски и популарен на места што имаат солидна инфраструктура за посетителите.

Шпанија и Италија, заедно со Грција и Хрватска, се добро познати по нивното топло време во лето и во полугодишните сезони, како и по одморалиштата, рестораните и туристичките атракции.
И покрај протестите против прекумерниот туризам, особено во Шпанија и Италија, убавите плажи и историските локалитети продолжуваат да привлекуваат посетители од странство. Во Франција, Париз не е единствен во привлекувањето огромен број туристи. Во лето, патниците се упатуваат кон француската ривиера и Прованса, додека во постудените месеци, љубителите на зимските спортови одат на поклонение во Алпите.
Рангирањето исто така открива дека не само големите земји привлекуваат голем број туристи. Австрија, омилена зимска дестинација, пречека речиси 100 милиони туристи во 2025 година, додека Хрватска истата година имаше повеќе од 85 милиони посетители, многумина поради нејзиниот живописен јадрански брег
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата