Една четвртина од учениците на возраст од 15 до 16 години во земјава се коцкале за пари во последните 12 месеци, или 34 отсто од момчињата и 16 отсто од девојчињата. Младинската група на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА Млади, заедно со Иницијативата „Фрли ја коцката!“, по повод Меѓународниот ден на младите преку герила акција во Скопје го изразија својот револт од сè поголемата присутност и нормализација на коцкањето и обложувањето во секојдневието на младите во кое казина, обложувалници, онлајн платформи и реклами што ветуваат брза добивка се лесно достапни.
Тие побараа доследна примена на регулативата и контрола на оддалеченоста на коцкарниците и обложувалниците од училиштата, строга контрола на рекламирањето на игрите на среќа, особено на интернет, социјалните мрежи и во содржини насочени кон младите, ефикасна проверка на возраста и заштита на малолетниците при онлајн коцкање, финансиска писменост, превенција од зависности и ментално здравје да станат реален дел од образованието и бесплатни, доверливи и младински пријателски услуги за советување и поддршка за младите кои се соочуваат со проблематично коцкање.
„Според националното истражување ЕСПАД 2024, 25% од учениците на возраст од 15 до 16 години во Северна Македонија се коцкале за пари во последните 12 месеци – 34% од момчињата и 16% од девојчињата. Уште позагрижувачки, меѓу учениците кои се коцкаат, уделот на проблематично коцкање се зголемил од 4,5% во 2019 на 7,6% во 2024 година. Ова се случува во земја во која младинската невработеност кај лицата од 15 до 29 години изнесувала 23,6%, а според Студијата за млади на Фондацијата „Фридрих Еберт“, 45,3% од вработените млади не работат во професијата за која се образувале. Дури 67,7% од младите имаат одреден степен на желба за иселување, најчесто поради подобар животен стандард, повисоки плати, корупцијата и подобрите можности за вработување, посочуваат организациите.
Тие сметаат дека во вакви услови, илузијата дека финансиската несигурност може да се реши со тикет, слот или онлајн облог не е безопасна забава, а коцкањето го гледаат како како прашање на јавно здравје, ментално здравје, финансиска писменост и заштита на младите.
Светската здравствена организација предупредува дека штетите поврзани со коцкањето можат да вклучуваат финансиски тешкотии и долгови, нарушени семејни и социјални односи, стигма, депресија, анксиозност и зголемена суицидалност. Особено загрижува што овие ризици се преклопуваат со веќе сериозните предизвици со менталното здравје кај младите и тешко достапните услуги за психолошка поддршка. Истражувањето на Универзитетската клиника за психијатрија – Скопје, спроведено во контекст на КОВИД-19 пандемијата, покажа дека речиси 30% од испитаните адолесценти имале умерени до тешки депресивни симптоми, а 42,1% умерени до тешки симптоми на анксиозност.
Иако Собранието ги изгласа измените на Законот за игрите на среќа со кои се предвидува објектите да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта, на терен сè уште казината и кладилниците ги заземаат тротоарите директно наспроти школските дворови и градинките.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата