logo
logo
logo

МИЦКОСКИ ГО НАРЕЧЕ СДСМ „ЛЕВИЦА ОД АЛИ ЕКСПРЕС“ Тоа што вие го оставивте во енергетскиот сектор, катаклизма е комплимент

Vecer | 25.12.2025

МИЦКОСКИ ГО НАРЕЧЕ СДСМ „ЛЕВИЦА ОД АЛИ ЕКСПРЕС“ Тоа што вие го оставивте во енергетскиот сектор, катаклизма е комплимент

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на собраниската седница на која се поставуваат пратенички прашања, упати остри зборови кон опозициската СДСМ, обвинувајќи го нејзиниот лидер Венко Филипче дека сака партијата да биде „Левица од Али експрес“. Оваа реакција на Мицкоски дојде откако Филипче излезе на говорница и го постави прашањето зошто поскапела струјата за граѓаните, истовремено изнесувајќи неколку ставови за неуспешното владеење на власта во изминатата година иполовина, меѓу другото прашањата за мигрантите, зафгадувањето, платите, цените  и тн. 

„Интересна пи-ар стратегија, договорена од новите пи-ар стратези: Навистина чудни соопштенија испраќате секое сабајле, но претпоставувам така тие ви викаат, па мислите дека тоа е начинот на кој ќе бидете ‘Левица од Али експрес’ и мислите дека на тој начин како СДСМ ќе привлечете внимание“, одговори Мицкоски, додавајќи дека ќе „почне отпозади“, односно од прашањето (за зголемување на цената на струјата), по што ќе ги коментира и другите тези од настапот на Филипче, кои тој ги „растура како пердуви“ од собраниската говорница.

„Зошто поскапување на струјата? Ова прашање, господине Филипче можеби најдобро ќе ви го одговори новиот член на вашиот Извршен комитет, господинот Бислимоски кој што е брат на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски“, рече Мицкоски, додавајќи дека Регулаторната комисија „по закон, по устав, е независно тело“ како и дека не знае зошто нему му го поставуваат ова прашање.

Инаку, Филипче во својот настап рече дека има само едно прашање (за поскапување на струјата), но пред да го постави, изнесе неколку забелешки, како тоа дека Мицкоски ги нарече „талог на општеството“ сите што ја критикуваат владата.

„Знам дека сакате да зборувате за убави работи, веројатно тоа се случува за мала група луѓе околу власта и не за сите граѓани“, рече Филипче додавајќи дека мислел да праша за мигрантите, но дека власта донела резолуција која што е противуставна и со која што се забранува слободата на изразување и на говор, заканувајќи се со кривични постапки како во времето на Третиот рајх.

„Само тоа што ќе каже власта, само тоа е вистината. Како Ванчо Михајлов да го пишувал овој документ“, рече Филипче, додавајќи дека сакал, но нема да праша и за реформите во правосудството, бидејќи е очигледно што се случува, ниту за Алта банка бидејќи како што рече, „јасни се релациите со Србија и со сестринската партија СНС, како и дека со „Вучиќ како да сте браќа, така се однесувате и таков пи-ар имате“. Тој посочи дека нема да праша ни за блиските луѓе кои што земаат тендери , за загадениот воздух, ниту за тоа зошто нема зголемување на платите…

„Имам едно прашање. Зошто сега мора да има поскапување на струјата за граѓаните која што ќе повлече и други поскапувања кои што до сега не направивте ништо да ги исконтролирате. Зошто по една и пол година или речиси две години Влада не направивте ништо да го зајакнете енергетскиот сектор и производството на струја, зошто не произведуваме со максималниот капацитет и наместо тоа увезуваме струја и сега се прогласи кризна состојба“, праша Филипче.

Во одговор на прашањето Мицкоски рече дека повеќе од 50 луѓе кои што го уништувале тоа што било оставено кога тој (Мицкоски) бил директор на тогашно ЕЛЕМ се или под истрага или се водат судски процеси, а поранешниот директор и висок поранешен функционер на СДСМ е во бегство.

„Тоа што вие го оставивте во енергетскиот сектор, катаклизма е комплимент“, рече меѓу другото Мицкоски.

Во реакцијата по настапот на премиерот, Филипче рече дека Мицкоски во делот на енергетиката одговорил индиректно.

„Ако во нашиот период на владеење со огромна криза и кога цената на струјата беше пет или шест пати поскапа, се успеа да се исконтролира, наместо сега да поевтини, ако сте имале толку капацитет да го менаџирате системот, сте требале и во овие година и пол да го направите и граѓаните да немаат дополнителен трошок. Нема оправдување, не знам како не разбирате“, рече Филипче додавајќи дека спиновите за тоа кој е виновен не поминуваат и дека ако има криминалци тие треба да одговараат.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk