logo
logo
logo

Македонија плати највисока цена за НАТО, и не влезе во ЕУ. ТРЕБА ЛИ НОВО ПЛАЌАЊЕ - ЗА ВЕТУВАЊЕ?!

Vecer | 01.04.2026

Македонија плати највисока цена за НАТО, и не влезе во ЕУ. ТРЕБА ЛИ НОВО ПЛАЌАЊЕ - ЗА ВЕТУВАЊЕ?!

Македонија пред шест години формално беше прогласена за нова членка на НАТО, најмоќната воено-политичка организација во светот, откако ја плати највисоката цена во историјата на надворешните односи со промената на името во Северна Македонија по принципот „ерга омнес“, или за севкупна домашна и меѓународна употреба.

Иако државата беше блокирана со децении, сепак американската надворешна политика силно посакуваше една словенска и источноевропска земја да се приклучи на алијансата, но можен ли е таков пробив и за блокираното членство во ЕУ?

Еден од клучните моменти за решителноста на Стејт департментот на САД да ја поведе постапката за НАТО беше одговорот на обвинувањето на американските демократи дека Русија се вмешала во претседателските избори во 2016 година на кои победи Доналд Трамп во неговиот прв мандат.

Тогаш беше поведена истрага за наводните врски на Трамп со Русија преку специјалниот јавен обвинител, а сега покоен Роберт Мулер. Стејт департментот кој го водеше најпрвин Рекс Тилерсон, а потоа и Мајк Помпео го поставија како приоритет проширувањето на НАТО и испратија порака дека штом земја како Македонија која е мнозински словенска и православна, тогаш претседателството на Трамп е „строго“ поставено кон Путин и Русија.

Исто така во текот на кампањата главниот центар за т.н. лажни вести кои го промовираа Доналд Трамп беше лоциран во Велес, па дури и Хилари Клинтон ги обвини младите Македонци дека влијаеле на исходот од изборите, посочувајќи дека биле инспирирани од руските ботовски и трол фарми кои ги ширеа потоа содржините преку таргетираните Фејсбук групи, создавајќи изборен инеженеринг.

Секако, за проектот да биде возможен најпрво требаше да се реши спорот за името кој го наметна јужниот сосед Грција, а останатото како што се вели, е веќе историја по потпишувањето на контроверзниот Преспански договор.

Денес, дури и со потпишан Договор за добрососедство со Бугарија и натаму Македонија не може да се зачлени во ЕУ, иако тогашната дипломатија тврдеше дека сите спорови се надминати, пред да стигне ветото најпрво од Франција, а потоа и од источниот сосед, Пишува порталот Фактор во својата анализа.

Европско бирократско слепило и пинџур дипломатија

Еврокомесарката за проширување Марта Кос, која инаку е Словенка и некогаш живеала во иста држава со нас Македонците, со контроверзниот настап при посетата на Скопје, покажа колку евробирократите не го гледаат суштинскиот проблем за македонското членство во ЕУ.

Говорот за „пинџурот и гравчето“ покажа дека дури и една Словенка која треба да ги познава подобро македонските прилики, е целосно заслепена за перспективите на Македонија и дека Брисел не размислува во скоро време да ги отвори вратите за полноправно членство.

Македонската влада се обидува да направи дипломатски напредок барајќи дополнителни гаранции дека внесувањето на Бугарите во Уставот на РСМ ќе биде последниот услов и последниот грандиозен македонски потег на „попуштање“ на непринципиелните барања на соседите. Но, засега нема никаков официјален сигнал од Брисел дека навистина ова ќе биде „последната уставна промена“.

Замрзнати конфликти и реформи: Како ќе изгледа новата ЕУ?

Војната на Блискиот Исток ќе го одложи решавањето на украинската криза која во овој момент повеќе наликува на замрзнат конфликт, без јасни напори за ставање крај на војната која Русија ја почна во 2022 година.

Во меѓувреме големите европски сили не може да се договорат како да ја реформираат Европската унија, а уште помалку се подготвени да примат нови членки од т.н. Западен Балкан или од најисточните предели - Молдавија, Грузија, Украина.

Настрана реформите и исполнувањето на критериумите од Копенхаген, одлуката за проширувањето ќе биде политичка, и најверојатно во пакет ќе бидат примени одеднаш повеќе држави. Во спротивно фрагментирањето на европското пристапување на земјите од Балканот може дополнително да ја влоши стабилноста на регионот и да активира нови меѓусоседски спорови, а со тоа и нови барања, особено кон Македонија.

Јамб во најава или стратешко трпение

Тестирањето на бриселските тврдења за „последниот македонски услов“ може да се направи со уставни измени за внес на Бугарите, но со одредба за укинување на уставната промена доколку не дојде до одблокирање на македонското членство во ЕУ и отстранување на ветото.

Од друга страна треба внимателно да се следат геополитичките сигнали кои сега се многу непредвидливи и неочекувани, бидејќи најмалку што и е потребно на македонската држава е ново самопонижување без добивање целосна интеграција во меѓународните институции каде повеќе нема да ни стои над врат заканата од вето и блокади од соседите со нови барања кои го уништуваат националниот идентитет.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk