По најавата на лидерот од опозициската СДСМ Венко Филипче дека следната недела во Собранието ќе иницира лидерска средба по пожарот во Кочани, денеска од Владата велат дека кај нив нема стасано официјално барање, ниту пак иницицијатива од СДСМ, но дека Владата и премиерот се отворени за секаков предлог и иницијатива која има за цел да помогне.
– Не е пристигнато официјално барање до Владата, ниту пак има иницијатива од СДСМ. Забележани се само најави од медиуми. Вакви сериозни ситуации налагаат сериозен пристап. Владата и премиерот се отворени за секаков предлог и иницијатива која има за цел да помогне – велат од Владата за МИА.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче кој синоќа гостуваше на Донаторската вечер за помош на семејствата на настраданите и повредените во пожарот во Кочани организирана од ТВ Канал 5, најави дека идната недела во Собранието ќе ги повика на средба лидерите на најголемите политички партии на кои ќе им го презентира неговиот план – што тој смета дека е обврска да се направи за државата бидејќи, рече, „очигледно е дека конвенционалните начини на водење на политика, на политичка борба, не даваат доволно брзо резултати“.
„Следната недела јас ќе повикам на лидерска средба во Собранието, со лидерите на најголемите политички партии, на кои што сакам да го презентирам мојот план што јас мислам дека ние треба и имаме обврска да направиме за државата. Да се направи тоа што суштински треба, вистински реформи во правосудството, да се направи тоа што суштински треба за да се промени здравствениот систем, да почне изградбата на Клиничкиот центар. Да се направат суштински промени во системот на образование, да се дуплираат примањата на наставниците, да се осигураме дека нашите деца ќе имаат добра едукација. Да се направи дефинитивна промена во системот на јавна администрација, гледаме дека и покрај тоа што начелно има превработеност има сегменти каде што работници фалат“, рече Филипче.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата