Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун и сродни производи во вторник треба да се најде на владина седница, по што се очекува во најбрз можен рок да биде проследен во Собранието.
Премиерот Христијан Мицкоски на завршниот состанок со претставници од тутунската индустрија и угостителскиот сектор изјави дека законот ќе стапи во сила веднаш по неговото усвојување, со исклучок на одредбите што се однесуваат на адаптација на угостителските објекти, за кои ќе важи преоден рок од 12 месеци.
Според него, станува збор за компромисно решение изготвено низ инклузивен процес со сите засегнати страни, вклучително здруженија, производители, дистрибутери, хотелиери и угостители.
Претставниците на бизнис-секторот истакнаа дека законот е резултат на партнерски пристап и изразија благодарност што Владата предвидела едногодишен грејс период за адаптација на терасите во угостителските објекти.
Тие посочија дека овој период ќе овозможи постепено приспособување на новите правила со цел намалување на економските последици за секторот.
Законот, како што беше истакнато, ја затвора досегашната „сива зона“ во однос на пушењето на терасите и воведува прецизни критериуми за нивна организација и користење, како и построги контроли за негово спроведување.

Од бизнис-секторот нагласија поддршка за мерките за заштита на малолетниците од тутунски производи, но посочија дека регулативата треба да биде балансирана и усогласена со економската одржливост и европските практики, со цел да се избегне пораст на сивата економија.
Премиерот Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу порачаа дека очекуваат доследна примена на законот и дека нема да има повластени.
-Ако некој мисли дека ќе биде повластен, се лаже. Контролите ќе бидат ригорозни и санкциите ќе следат без исклучок – истакна Мицкоски.
Министерот Алиу додаде дека новиот закон воспоставува појасен систем на надзор со 14 инспекциски и надзорни органи со прецизно дефинирани надлежности, со цел подобра и поефикасна примена на терен.
-Постојниот закон е донесен во 1995 година и, иако досега е менуван девет пати, повеќе не одговара на современите предизвици. Денес покрај класичните цигари постојат и електронски цигари и несогорливи тутунски производи, кои бараат нова регулатива – рече Алиу.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата