Судскиот процес за страотниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, кој однесе 63 животи, денеска продолжува во импровизираната судница во затворот „Идризово“. Фокусот на денешното рочиште е ставен на изведување материјални докази од страна на Обвинителството, со што започнува клучната фаза во која ќе се презентираат наодите од обдукциите на жртвите.
Тимот од 15 обвинители најави дека по исцрпувањето на вербалните докази и сослушувањето на преживеаните и сведоците, на ред доаѓаат медицинските вештачења кои треба прецизно да ги утврдат причините за смртта. Се очекува пред судот да се појави и главното вешто лице кое ќе одговори на сите нејаснотии што ја брануваат јавноста по трагедијата од 16 март 2025 година. Од Обвинителството предупредуваат дека е можно исклучување на јавноста за време на презентацијата на најчувствителните докази, со цел да се зачува достоинството на жртвите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата