Тоа што се најавуваше, дека бугарска компанија влегува во бизнисот со коцкање во Македонија, се остварува. Додека се чека на инвестиции како фабриката за електрични возила во Тетово, добиваме инвестиции во коцкање.
Најголемата бугарска компанија за онлајн обложување Телематик Интерактив Бугарија на 14 декември ја извести бугарската берза дека ќе приредува онлајн обложување во Македонија преку потпишан договор со АД Државна лотарија за заедничко трговско друштво. Оваа информација е објавена на бугарската берза, додека од „Државната лотарија“ се уште нема информации во јавност на кои и на колку компании ќе им се овозможи приредување на игри на среќа од ваков тип, пренесе Фактор.
„Ве известуваме дека компанијата 77 БИТС БСЦ ДОО Битола (друштво со ограничена одговорност), регистрирано според законодавството на Република Северна Македонија, во која „Телематик интерактивна Бугарија“ АД поседува 50 проценти од капиталот, доби тендер за добивање право на извршување онлајн обложувачка активност организирана од Државна лотарија на Република Северна Македонија.
Во согласност со барањата на локалното законодавство, помеѓу 77 БИТС БСЦ ДОО Битола и Акционерското друштво за приредување игри на среќа АД - Скопје, беше потпишан договор според кој двете страни ќе основаат трговско друштво, кое ќе врши онлајн обложувачки активности во Република Северна Македонија“, соопшти „Телематик“ во својата информација до берзата.
Единствено претходно што беше познато во јавноста како информација за оваа активност на државата, доаѓаше од Асоцијацијата на обложувалници, од каде сметаа дека ова право на приредување на онлајн обложување треба да им се даде и на нив „а не да се монополизира исклучиво за три странски компании“.
Најголемата бугарска компанија за онлајн обложување Телематик Интерактив Бугарија во октомври со бизнис одлука влезе во Македонија преку преземање на удели од веќе постоечка фирма во нашата земја.
Артан Груби им се закани на домашните обложувалници со измените на Законото за игри на среќа и нивно оддалечување од училиштата во радиус од 500 метри.
„Решени сме да ја демонополизираме секоја индустрија, особено криминалните монополи на соживот и камуфлираните. Ниту една кампања спонзорирана од валкани пари од монополот што ги држи опструкторите во заложништво нема да не спречи во нашата решеност да им ја одземеме коцката на нашите деца, да го демонополизираме и либерализираме пазарот и да ги зголемиме приходите во буџетот!“, порача Груби.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата