БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ: Има и од лошо - полошо
За евроинтеграциите
За визијата на Макрон, иднината на Европа
За договорите од Преспа и Бугарија
За НАТО и САД
За “Отворен Балкан“
За амбасадорите на Република Македонија
Поранешниот претседател Бранко Црвенковски, имаше интересно излагање на дебата во организација на Советот на амбасадори на тема „Предизвиците на македонската надворешна политика“.
Тој, како што рече, се осврна на сериозни предизвици за нашата надворешна политика.
„Имајќи предвид дека се наоѓаме на помалку од еден месец од јунскиот самит на ЕУ, ќе почнам со процесот на евроинтеграција на Република Македонија.
Притоа можеби ќе се изненадите, но на дежурното прашање во нашата јавност да „се биде или не“, а тоа е добивање на датум за преговори и бугарското вето, ќе се осврнам нешто подоцна. Не за да го релативизирам или намалам неговото огромно значење, туку за да и него го третираме имајќи го предвид поширокиот контекст и големата слика на кои, по мое мислење не посветуваме доволно внимание.
За да бидам појасен на што мислам ќе дадам еден пример. Неодамна бевме сведоци како во нашата јавност повеќе време, значење и анализи се посветија на изјавата на Каракачанов отколку на изјавата на Претседателот Макрон во која тој најави како ја гледа иднината на ЕУ, но и на Европскиот континент во целина.
Се однесуваме како да е почетокот на преговорите цел сама за себе, а не само една етапа од долг процес со сериозни предизвици и неизвесен крај, кој нема да зависи само од нашите резултати и достигнувања туку и од плановите и интересите на постојните, посебно најмоќните членки на Унијата.
Дозволете мала ретроспектива.
Од зачетоците и формирањето на сојуз од 6 држави – основачи во 1958 година историјата на проширувањето на Унијата бележи осум циклуси на прием на нови членки.
Во долг временски период на процесот на проширување се гледаше како на стратегија која ќе овозможи траен мир, стабилност и економски просперитет на европскиот континент. Ентузијазмот кон овој пристап кулминираше во 2004-та година кога дури 10 држави одеднаш го стекнаа статусот на полноправни членки.
Од тој момент наваму динамиката на проширување забавува, а посебно после приемот на Романија и Бугарија во 2007-ма.
Последниот прием е во 2013 на само една држава, Република Хрватска. Во последниве 10-на години скептицизмот кон проширувањето во рамки на ЕУ, посебно кај т.н „стари членки“ постојано расте.
Испитувањата на јавното мнение покажуваат дека процентот на противење на понатамошното проширување, но и процентот на незадоволство од европската бирократија е во пораст.
Во одделни земји-членки се појавија политички партии и движења на кои главните програмски определби им се засноваат на евро-скептицизмот.
Најдрастичен пример е Велика Британија која во 2016-та на референдум донесе одлука и по долги и мачни преговори во 2020 година ја напушти Унијата.
На што се должат ваквите промени? Се разбира дека има повеќе причини, а во оваа прилика ќе наведам само неколку:
1. Негативните искуства со приемот на Романија и Бугарија и неподелената оценка дека тоа била избрзана одлука и дека прием на недоволно подготвени држави им создава нови проблеми на веќе постојаните членки.
2. Непочитувањето од страна на одделни земји членки на основните принципи и начела на кои се заснова самата ЕУ како што се на пример почитувањето на човековите права и слободи, независноста на судството, слободата на медиумите и слично.
Сведоци сме и тоа во подолг временски период на тензичните односи помеѓу Брисел и Полска, помеѓу Брисел и Унгарија...
Се смета дека со зголемувањето на бројот на земји-членки на Унијата ризикот од такви и слични ситуации ќе биде уште поголем.
3. Што е по мое мислење најважна и најголема причина: праксата покажа дека Европската унија со веќе постојните 27 држави-членки и со консензуалниот начин на одлучување за најважните прашања е премногу комплицирана и недоволно функционална и ефикасна во своето делување.
Ситуацијата во која било која членка може да го спречи спроведувањето на волјата на сите останати претставува сериозен проблем.
Процесот на долги усогласувања и барање на компромис прифатлив за сите одзема многу време и што е уште полошо често пати резултира со половични решенија.
Европската унија во целина, со својот политички економски и воен потенцијал со право има амбиција да биде глобален фактор на светската сцена, рамо до рамо со САД, Кина и Русија.
Во самата Унија, а посебно кај нејзините најмоќни и највлијателни членки созреана е свеста дека ваква каква што е, без сериозни реформи, таа цел не може да ја оствари.
Какви ќе бидат тие реформи, колку долго ќе траат и како ќе се одразат на процесот на проширување во овој момент е тешко да се предвиди.
Можеме да слушнеме различни идеи, од типот на укинување на правото на вето и замена со квалификувано мнозинство во одлучувањето, за Европа на концентрични кругови, Европа со различни брзини и слично, но јавно обелоденет заокружен концепт по кој ќе се постапува се уште не е презентриран.
Во тој контест треба да се гледа и на иницијативата на Претседателот Макрон за создавања на Европска политичка заедница која би ги опфатила европските држави нечленки и која би овозможила еден вид на интегрираност и без полноправно членство.
Оттука сметам дека е неопходно, не напуштајќи ја определбата од највисок приоритет за што е можно побрзо отпочнување на преговoрите за придружување со крајна цел- полноправно членство во Унијата, да изготвиме национална стратегија за дејствување и при други можни сценарија со кои би можеле да се соочиме и без наша волја и спротивно на нашите желби.
Сите земји од Западен Балкан се премногу мали за да можат да влијаат на глобалните процеси. Но она што можеме и мораме да го направиме е да го предвидуваме развојот на настаните и да се обидеме негативните последици од тие процеси максимално да ги амортизираме, а евентуалните позитивни ефекти максимално да ги валоризираме.
Сега дозволете да се задржам на, како што ја нареков, дежурната тема во нашата јавност-добивање на датум за почеток на преговорите и бугарското вето.
И повторно една кратка ретроспектива.Република Македонија кандидатскиот статус за членство во ЕУ го стекна во 2005-та година, а првата препорака за почеток на преговорите со Унијата, Европската комисија ја даде во октомври 2009-та година.
За жал, заради грчкото вето цели десет години Република Македонија не можеше да ги отпочне преговорите.
Ни беше најавено, па дури и гарантирано дека со Преспанскиот договор таа пречка дефинитивно ќе биде надмината. Но, за жал тоа не се случи.
Во 2019-та година, и покрај повторената позитивна препорака од страна на комисијата одлука за доделување на датум за почеток на преговорите не беше донесена, најпрво во јуни заради воздржаноста на Германија (со образложение дека Бундестагот нема донесено таква одлука), а потоа во октомври заради инсистирањето на Франција на воведување на нова методологија за водење на преговорите за придружување. Потоа следеше ветото на Бугарија кое како што стојат работите ќе се повтори и на претстојниот јунски самит на ЕУ.
Во секој случај јас не би ставил знак на еднаквост помеѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија од најмалку една причина.
Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање.
Договорот со Бугарија, не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен.
Односите со Грција по потпишувањето на Преспанскиот договор се неспоредливо подобри отколку пред договорот.
Сосема спротивно, односите со Бугарија се неспоредливо полоши по, отколку пред потпишувањето на договорот.
Или да бидам директен.
Потпишувањето на договорот за пријателство и соработка со Бугарија со таква содржина, посебно со формулацијата за „заедничка историја“ и формирањето на мешовитата историска комисија со мандат да арбитрира околу историските настани и личности беше голема грешка.
Тезата која се пласираше во јавноста дека за националниот идентитет не преговараме, а за историјата ќе се договориме, во самата своја основа е апсурдна.
Секој и сечиј национален идентитет е резултат на историски процес кој се потпира на одредени историски меѓници, настани и личности.
Ако тие меѓници ви бидат одземени и прогласени за туѓи, од националниот идентитет не останува ништо освен празна реторика.
Книга со корици и празни листови.
Јас не тврдам дека и без договорот, Бугарија немаше да стави вето.
Но, во тој случај барем не ќе можеше да го користи аргументот кој постојано го повторува дека Македонија не ги исполнува превземените договорни обврски.
Позициите презентирани од страна на официјални претставници на Република Бугарија се такви што не оставаат простор за било каков оптимизам. Да се потсетиме само на изјавата на Претседателот Радев дадена за време на неговата посета на Берлин: „нема да дозволиме македонизмот да влезе во ЕУ.“
Е па ние од „македонизмот“ниту можеме ниту смееме да се откажеме.
Имајќи ги во предвид огромните и непомирливи разлики меѓу позициите и „црвените линии“ на двете страни единствено можно решение, според мене, за овој спор е, јас би го нарекол „асиметрично“ толкување на историјата и идентитетските прашања, кои произлегуваат од неа, односно секоја страна да си го задржи правото на сопствено видување и притоа тоа да не претставува никаква пречка во билатералните и мултилатералните односи.
Дали и кога, е такво нешто можно јас не знам. Но она што сигурно го знам е дека треба веднаш да се прекине со праксата присутна во последните 4-5 години на лесно и без основа подигање на очекувањата дека решението е на повидок и само што не се случило.
Големи, а нереализирани очекувања водат кон големи разочарувања.
Македонската јавност и македонското општество во целина треба да се подготви, и од страна на власта и од страна на опозицијата, дека блокадата од страна на Бугарија може да потрае во подолг временски период и дека заради тоа нема да ги почнеме преговорите со Европската унија.
Тоа за Македонија се разбира не едобро, но никако не смее да се доживее како национална трагедија која ќе не парализира.
Напротив, треба да претставува поттик да почнеме многу посериозно и поодговорно да си ги средуваме работите дома.
Јас отсекогаш верував и јавно сум соопштувал дека за нас процесот на преговори за придружување на Унијата е исто толку ако не и поважен од самиот чин на стекнување полноправно членство.
Зошто? Затоа што во изминативе 30-тина години независност на Македонија се покажа дека за жал, не постои доволно силно изразена политичка волја (значи не капацитет, не потенцијал, туку волја) да спроведеме било која суштинска реформа ако не постои поттик односно притисок од надвор.
Низ процесот на преговори ние би биле внесени во еден режим на перманентно исполнување на одредени критериуми и стандарди во различни области со сериозен мониторинг на исполнетото од страна на Европската комисија.
Со други зборови процесот „би не приморал“ побрзо и поквалитетно да го реформираме нашето општество во сите области.
Но, ако тоа не е можно од причини на кои ние не можеме да влијаеме, како што е во случајов со бугарското вето, тогаш ќе мора да изнајдеме сопствени сили и јасно консензуално изразена политичка волја и решеност истите тие промени да ги спроведеме, не затоа што Брисел тоа го бара од нас, туку затоа што тоа ни е потребно нам, на нашите граѓани, за да живееме подобро, во подемократска, економски поуспешна, во правно посигурна, поправедна држава.
Никој не не спречува и без преговори да ги спроведуваме неопходните реформи, да водиме бескомпромисна битка против криминалот и корупција, да создадеме независно и ефикасно судство во кое ќе се верува, да ги подигнеме стандардите во екологијата, образованието, здравството.
Но, тоа е веќе друга тема на која би можел да говорам во некоја друга прилика, веројатно и пред друг аудиториум.
Имајќи го во предвид поширокиот контекст за кој говорев претходно, би сакал да се осврнам на уште еден момент.
Во јуни ни претстои стратешкиот дијалог за продлабочување на партнерството со САД.
Тајмингот не е воопшто случајно избран од страна на Вашингтон, како што не беше случајно избран ни моментот на потпишување на Договорот за стратешко партнерство во 2008-ма година. Тогаш после ветото на Грција за членство во НАТО, а сега после ветото на Бугарија за почеток на преговорите со ЕУ.
Тоа е јасна порака од страна на Вашингтон и тоа во вакви критични моменти дека зад стабилноста, безбедноста и евро-атлантските аспирации на Македонија стојат САД.
Се разбира тоа не може да биде соодветна замена за почетокот на преговорите, меѓутоа во секој случај претставува јасен став на поддршка кој треба да се почитува.
Некој ќе рече дека е тоа само симболичен гест. Јас не се согласувам со тоа, но дури и да е така, вие како поранешни амбасадори знаете дека во меѓународната политика симболиката има големо значење, посебно кога доаѓа од најмоќната држава во светот.
Почитувани дами и господа,
Во изминативе 2,5 години светот се соочи со глобална криза предизвикана од Ковид пандемијата. Природата го предизвика човештвото. Вирусот наспроти човечките достигнувања, медицината, технологијата, науката во целина.
Но во исто време тоа беше тест и за хуманоста, взаемната солидарност, почитување на цивилизациските вредности.
За жал, мора да се признае дека не секогаш тој тест беше успешно положен. Често пати бевме сведоци на национален егоизам, беспоштедна битка за респиратори, вакцини, лекарства...
Пандемијата сеуште трае, заради неа се уште се губат човечки животи ширум планетата, но тоа веќе не е најголемиот проблем на земјината топка.
За жал, денес сме соочени со нова глобална криза чија ескалација би предизвикала неспоредливо потешки последици по човештвото. Овојпат причинител не е природата, туку човечкиот фактор.
Денес, во XXI век повторно на тлото на Европа се води војна со сите ужаси кои таа со себе ги носи. Сведоци сме на илјадници изгубени животи, милиони бегалци, до темел разорени градови.
Во јавноста како никогаш после Кубанската криза толку често се слушаат изјави од високи официјални лица за нуклеарното оружје и услови под кои тоа евентуално би се активирало.
И сето тоа се изјавува со смирен тон како да се работи само за уште една војна во историјата на човештвото, а не дека тоа би била последна војна после која ниту историја ниту самото човештво повеќе не би постоеле.
Руската инвазија на Украина заслужува најостра осуда.
За ова крвопролевање, за ова страотно уништување и целосна деструкција не може да се најде оправдување во никакви безбедносни, историски или геостратешки аргументи.
Добро е што Македонија тоа го направи без било какви дилеми и калкулации. Не само заради нашата обврска како членка на НАТО и претендент за членство во ЕУ, туку уште повеќе заради почитување на основните цивилизациски вредности и принципи и сопственото место во историјата.
Кога и како оваа војна ќе заврши никој со сигурност не може да предвиди.
Но едно е сосема јасно.
По оваа војна светот нема да биде ист како оној пред неа.
По мое мислење, за жал, барем во еден подолг период тоа сигурно нема да биде подобар свет.
Ни претстои една нова студена војна, со постојано затегнати и тензични односи со сите последици кои што од тоа ќе произлезат на безбедносен, политички и економски план.
Во последно време многумина го споменуваат токму Западниот Балкан како регион каде би можело да се појават испровоцирани безбедносни инциденти како рефлексија на војната во Украина.
Имајќи ја во предвид нашата историја тој ризик, без разлика колку е мал, никако не смее да се потцени.
Но, во исто време сум длабоко убеден дека тоа што ќе се случува во нашиот регион во најголема мера зависи од нас самите и од одлуките кои што ние ги носиме, а не од желбите и активностите на нечии странски служби.
Во тој контекст би сакал да го истакнам значењето од регионалната соработка.
Со проблемите на планот на безбедноста, енергетската криза, недостатокот на храна и нарушените економски текови, полесно ќе се справуваме и последиците ќе бидат помали доколку земјите од нашиот регион ја унапредат меѓусебната регионална соработка.
Суетите мора да бидат ставени на страна.
Не е битно низ која или чија иницијатива таа соработка ќе се остварува. (Берлински процес, Отворен Балкан или нешто трето).
Лично, моите симпатии се насочени кон „Отворен Балкан“, не затоа што Македонија беше еден од иницијаторите, туку пред се затоа што таа иницијатива произлезе изворно, од самиот регион и со самото тоа заслужува дополнителна почит и поддршка.
Почитувани дами и господа,
Дозволете на крајот да упатам една остра критика кон сите институции кои според Уставот на нашата држава се задолжени за креирање и водење на нашата надворешна политика, а се однесува за односот кон нашата дипломатска мрежа.
Постојано од сите институционални нивоа, и од власта и од опозицијата, се повторува дека САД се нашиот најважен стратешки партнер. Се истакнува во чие време бил потпишан Договорот за стратешко партнерство или пак во чие време ќе се води стратешкиот дијалог за продлабочување на партнерството, а се со цел во јавноста да се освојат одредени политички поени.
И сега погледнете го следниот апсурд.
Македонија во Вашингтон нема свој амбасадор цели 4,5 години.
Тоа е апсолутно неодговорно и недозволиво.
Но, има и од лошо-полошо.
Република Македонија си дозволи во два наврати да предложи кандидати кои од страна на САД не беа прифатени.
Ова е прв таков случај во историјата на независна и суверена македонска држава и тоа баш во однос на најмоќната, највлијателната држава во светот, во исто време и наш како што велиме најважен стратешки партнер.
Штетата која со вакви неодговорни постапки се нанесува на угледот на Република Македонија е огромна.
За ситуацијата да биде уште покатастрофална во подолг временски период имаше уште десетина земји каде ние немавме свој амбасадор.
Денес ситуацијата е следна: во Кина, постојана членка на Советот за безбедност и светска веле-сила немаме амбасадор 3 години.
Белград-4 години, а уште празни се и амбасадите во Брисел, Анкара, Тел Авив, Каиро, Бразилија...
Сведоци сме на постојани препукувања меѓу власта и опозицијата кој е одговорен за ваквата состојба, но сакам да ги потсетам и едните и другите дека последиците од овој неодговорен однос нема да ги сноси ниту само власта, ниту само опозицијата, туку државата Република Македонија во целина.
Ценети присутни,
Се обидов, во што е можно пократки црти, да се осврнам на најважните прашања или како што стои во насловот на денешната трибина-предизвици на македонската надворешна политика. Ова се моите лични видувања врз основа на информациите и сознанијата кои ми биле достапни.
Со задоволство би ги слушнал и вашите коментари и согледувања, а доколку имате и некои дополнителни прашања упатени кон мене ви стојам на располагање."
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата