logo
logo
logo

Бектеши: Зајакнатата соработка во рамките на ЦЕФТА, чекор кон целосно интегрирање во пазарот на ЕУ

Vecer | 16.12.2021

Бектеши: Зајакнатата соработка во рамките на ЦЕФТА, чекор кон целосно интегрирање во пазарот на ЕУ

На прес-конференцијата беа сумирани резултатите и достигнувањата од едногодишното претседавање на земјава со ЦЕФТА во текот на 2021 година. Бектеши во своето обраќање истакна дека овогодишната цел на Македонија како држава, но и како претседавач на ЦЕФТА, беше да ја продлабочат регионалната соработка меѓу челнките на организацијата и тоа е постигнато до одредено ниво.
– Сите технички работи веќе се усвоени и реализирани. За жал, одредени одлуки не се донесени, но тоа не е по вина на сите странки на Секретаријатот на ЦЕФТА, вели Бектеши и појасни дека се работи за политичка волја од држави, кои поради други причини не усвојуваат вакви важни одлуки, што ќе придонесат во продлабочување на соработката.
Како главен и многу важен дел тој го посочи идентификувањето на сите нетарифни бариери, се со цел да се укинат и да се олесни трговијата.
– Веќе е направен систем во делот на споделување, електронски информации на странките на ЦЕФТА, а секако дека Република Молдавија би требало да работи заедно со нас и во усвојување на одлуката во делот на „Протоколот 7“, каде е предвидено решавање на спорови меѓу државите кои се членки на ЦЕФТА, додаде министерот.
Емир Ѓикиќ, директор на Секретаријатот на ЦЕФТА на завршната прес-конференција истакна дека трговијата во регионот постојано се зголемува благодарение на ЦЕФТА – трговскиот договор. кој им помага на своите членки и го трасира патот кон ЕУ во насока на креирање единствен пазар. Според него, една година по Софискиот самит, под водство на Македонија, се започнати процесите на преговори со земјите од Европската Унија за проширување на зелените ленти во насока кон ЕУ членките.
– Северна Македонија доби позитивен одговор од грчките власти и ние се надеваме дека првиот договор меѓу државите ќе биде на почетокот од 2022 година. Им овозможивме на странките да спроведат дел од активностите поврзани со управување со ризик, спроведување заеднички акции за управување на ризици каде што сите страни се присутни и ги проверуваат истите работи што им овозможува пократко време на економските оператори да ги поминат границите отколку што е тоа случај сега. Имаме мерила мерки за времето на чекање и се стремиме да го намалиме тоа време за 30 проценти во споредба со времето пред пандемијата. За жал, можевме веројатно повеќе да направиме. Се надевавме дека оваа ќе биде година по пандемијата, дека ќе претставува економски бум по пандемијата. За жал, сè уште ја имаме пандемијата и се надеваме дека таа ќе помине и наредната година ќе постигнеме многу повеќе, рече Ѓикиќ.
Трговските договори за 2022, додаде тој, се преговараат од сите страни и ќе им овозможат на малите и средните претпријатија да ја прошират својата трговија во рамките на регионот.
– Работиме со туроператорите и туристичките агенции за да имаме прв договор за меѓусебно признавање каде компанија која е регистрирана во една од членките на ЦЕФТА да се прифаќа и во сите земја на ЦЕФТА. Ова се мерки кои им се потребни на трговските оператори за да бидат поконкурентни во регионот, а со цел да се подготват да влезат на единствениот пазар е новиот Економско инвестициски план кој ни овозможува постигнувањата во рамки на ЦЕФТА да бидат признаени од страна на ЕУ. Овој пристап ќе биде овозможен во претстојниот приод за пристапување во ЕУ. Што побрзо го направиме ова, толку поконкурентен ќе ни стане регионот и толку побрзо ќе се приклучиме кон ЕУ. Сè уште сме тука, веќе 15 години за жал, доцниме и треба сериозно да се зафатиме со оваа работа и да се обидеме да обезбедиме поттикнување на процесите за да ја постигнеме целта на сите нас, а тоа е пристапување во ЕУ, рече Ѓикиќ
Бектеши ја истакна одличната соработка што ја имале со Секретаријатот и најави дека ќе продолжат да соработуваат во таа насока, се со цел да се придонесе за зголемување на конкурентноста и стандардот на живеење на граѓаните од Македонија, но и на сите земји членки на ЦЕФТА. Во претходните четири дена Скопје беше домаќин на „Неделата на ЦЕФТА“, на која присуствуваа над 300 учесници од седумте членки на оваа организација. Оваа година во фокус беше имплементацијата на Акцискиот план за Заедничкиот регионален пазар и промовирање на напорите за подобрување на движењето на стоки и услуги на ЦЕФТА пазарите. Со поддршка на Европската комисија и Регионалниот совет за соработка беа преземени се сериозни чекори за приближување кон заедничкиот европски пазар Клучните достигнувања според ЦЕФТА Договорот за 2021 година се промена на правилата за потекло на стоките, што влијаеше на поголема флексибилност и донесе дополнителни придобивки за стопанството. Завршена е и одлуката за електронска трговија во рамките на ЦЕФТА, а постигната е и одлуката за признавање на програми за овластен економски оператор (ОЕО) и професионални квалификации кои се усогласени на експертско ниво. Значителен напредок е постигнат и во преговорите поврзани со Дополнителниот протокол 7, кој е механизам за решавање спорови и Одлука за отстранување на работните дозволи за лицата кои нудат услуги и трансфери внатре во компанијата. Во ЦЕФТА Договорот за 2021 се вели дека е постигнато и проширување на зелените ленти на сите премини во рамките на ЦЕФТА, што овозможува побрз и побезбеден проток на основните стоки. Отворен е нов портал на кој се прикажуваат податоци поврзани со зелените ленти и времето на чекање на премините, што ќе придонесе за уште подобра контрола на трговските политики. Започнат е дијалог за проширување на иницијативата и на соседните земји-членки на ЕУ. Лансирана е платформата за електронска размена на податоци SEED+. Платформата ќе ја поддржи размената на сертификати неопходни за премин на стоки, како што се електронските сертификати, со цел да се воспостави „трговија без хартија“. Исто така, SEED+ ќе придонесе за побрза размена на податоци од неусогласени пратки за земјоделски производи, со цел целосна заштита на потрошувачите Спроведени беа и три пилот-проекти на Заеднички царински активности поврзани со празни камиони, нелегална трговија со тутун и трговска марка за интелектуална сопственост како чекор кон воспоставување на Стратегијата за управување со царински ризик. Македонија го предава претседавањето со ЦЕФТА на Молдавија, која ќе ја има оваа улога во 2022 година, со ветување дека ќе продолжи да работи на промовирање амбициозни планови поврзани со трговијата.  

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk