Јавниот обвинител Ненад Савески изјави дека останува на принципиелниот став да не коментира политички изјави, но нагласи дека комуникацијата со извршната власт, вклучително и контактите со премиерот, не ја смета за спорна и потенцира дека таа не влијае врз независноста во одлучувањето.
Во контекст на зголемените јавни критики и изјави од политичкиот врв за работата на обвинителството, Савески истакна дека очекувањата за резултати се легитимни, но дека самостојноста на институцијата е загарантирана со Устав и закони. Паралелно, информира дека истрагата за случајот со шпионажа во кабинетот на претседателката е во завршна фаза, додека предметот „Мазут“ е во постапка пред Вишото јавно обвинителство, од каде се очекува одлука во законски предвидениот рок.
– Сè уште стојам на ставот дека нема да коментирам изјави на политичари, вклучително и функционери, или конкретно претседателот на Владата. Меѓутоа, како што кажав и претходно, секој има право да ги изнесува своите ставови, а ние имаме обврска да ги исполниме очекувањата и да дадеме резултати, што е сосема природно, изјави Савески
Во однос на актуелните предмети, Савески информира дека истрагата за случајот со шпионажа во кабинетот на претседателката е во завршна фаза.
– Она што е најново е дека имаше состанок со истражителите, односно со истражителите од МВР и тимот на истражители кој работи на овој случај во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Имаше координативен состанок на кој присуствував и јас. Се изготви план за понатамошни истражни дејствија. Според информациите со кои имав увид, како од надлежниот јавен обвинител, така и од истражителите, истражните дејствија се во завршна фаза, така што сметам дека во скоро време ќе има јавнообвинителска одлука во врска со тој случај – рече тој, додавајќи дека видеоснимките се предадени и се предмет на анализа.
За предметот „Мазут“, пак, посочи дека моментално е во Вишото јавно обвинителство Скопје.
– Последниот податок што го имам е дека предметот веќе е предаден – и како физички предмет – од страна на Обвинителството за гонење организиран криминал до Вишото јавно обвинителство Скопје. Релативниот рок од 30 дена сè уште тече, така што очекувам дека во разумен рок, кој му е потребен на надлежниот виш јавен обвинител, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука и јавноста ќе биде соодветно информирана – посочи тој во изјава за медиуми по денешната седница на Советот на јавни обвинители.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата