По зачестените случаи на меѓуврсничко насилство во училиштата, министерката за образование и наука Весна Јаневска, денеска најави дека иницира да се направат измени во Законот за образование со кои ќе се предвиди казна за родителот чиешто дете врши насилство во училиште.
– Во моментот разговараме со пратениците за да се формулира таа измена во законот, рече Јаневска.
Таа појасни дека агресијата на децата не произлегува од училиштето, туку од дома, дека носењето ножеви и други опасни предмети во училиштето, исто така доаѓаат од дома, а не од образовните установи, па затоа ги повика родителите на одговорност и внимателност.
– Ладното оружје децата не го наоѓаат во училиште, ладното оружје го наоѓаат надвор. Оттука, неопходна е соработка со сите сектори кои се засегнати, но ги повикувам и молам родителите да посветат внимание на своите деца. Целата држава што и да направи, ако не се вклучат родителите, не може да постигнеме успех, изјави Јаневска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата