Оператори со храна свесно ги доведуваат во заблуда потрошувачите преку продажба на производи чиј состав не одговара на наведеното на самите декларации, покажаа најновите анализи на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Примероците со недозволени состојки, како растителни масти, се лоцирани главно во млечната и месната индустрија.
Гостувајќи во емисијата „Директно“ на телевизија Телма, Светлана Колариќ од АХВ информираше дека по налог на директорот на Агенцијата, во март биле спроведени засилени инспекции низ малопродажната мрежа во Скопје. Притоа, инспекторите зеле вкупно 91 мостра, поделени на 45 примери од млечни производи и млеко и 46 од сувомеснати производи.
Колариќ детално ги образложи резултатите кои покажале кршење на пропишаните стандарди кај храната.
Во делот на млечните производи, анализата покажа присуство на растителна маст. Тоа е строго забрането кај производите како што се млекото, сирењето, кашкавалот, павлаката и путерот, бидејќи тие имаат загарантирано име и точно се знае каков треба да биде нивниот состав – изјави Колариќ.
Дополнително, претставничката на АХВ посочи дека состојбата со месните производи е уште позагрижувачка, со оглед на тоа што кај нив се забележани значително поголеми отстапувања од пропишаниот квалитет.
Поради притисокот на јавноста, штом ќе се анализираат сите податоци, имињата на сите производители и оператори кои го прекршиле законот ќе бидат јавно објавени. Потрошувачот е секогаш во право и мора да биде информиран кога некој му ја нарушува довербата со лажни декларации – потенцираше таа.
Воедно, Колариќ ги отфрли обвинувањата дека Агенцијата застанува во заштита на производителите, посочувајќи ги минатите акции за уништување небезбедна храна и блокирање на сомнителни пратки на граничните премини.
Ако ги штитевме производителите, немаше да бидеме толку актуелни со откривање на небезбедна и неквалитетна храна. Нашата примарна цел е заштита на потрошувачите – заклучи Колариќ во своето гостување.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата