logo
logo
logo

Западен Балкан заедно во ЕУ – ВИНСКАТА ПРИКАЗНА УБАВО ГО ОТСЛИКУВА ДУХОТ НА СОРАБОТКАТА НА БАЛКАНОТ

Vecer | 17.12.2025

Западен Балкан заедно во ЕУ – ВИНСКАТА ПРИКАЗНА УБАВО ГО ОТСЛИКУВА ДУХОТ НА СОРАБОТКАТА НА БАЛКАНОТ

Муцунски од Брисел порача дека Западен Балкан треба истовремено да чекори кон Европската Унија, без разлики и без држави што би останале изолирани. Неговото обраќање на настанот „Здравица за добрите соседи: Еве колку се добри Западните Балканци…“, под покровителство на еврокомесарката Марта Кос, беше насочено кон заедништвото како единствено одржливо решение за регионот.

Муцунски истакна дека пристапниот процес не смее да создава нови поделби, ниту да дозволи одредени земји да напредуваат, а други да заостануваат.

– Тоа не мора да се случи во исто време. Знам дека системот не функционира така, но треба да бидеме таму заедно. Ниедна држава во регионот не треба да биде изолирана од полноправно членство во ЕУ и од нас зависи да работиме врз основа на стандарди, врз основа на критериуми и да гледаме кон иднината. Помалку да гледаме кон минатото, а повеќе кон иднината, бидејќи иднината е она што може да нè обедини, истакна Муцунски.

Настанот во Брисел беше посветен на културното богатство и европската перспектива на регионот, со особен акцент на традицијата на виното. Во тој контекст, Муцунски посочи дека винската приказна убаво го отсликува духот на соработката на Балканот.

– Ние сме исклучително горди што многу од земјите во регионот го нарекуваат виното свое, а барем дел од процентот на грозје во нивното вино е македонско. Нема да ги именувам земјите во моментов за никој да не се навреди, бидејќи тоа секогаш е малку ризично во нашиот регион, но она што тоа го покажува е дека кога работиме заедно можеме да го направиме најдобриот производ. Производот што сите го сакаат и производот што е вистински европски, нагласи Муцунски.

Еврокомесарката Кос, пак, потсети дека Европската Унија не смее да ја гледа интеграцијата на Западниот Балкан само низ бројки, поглавја и технички мерки.

– Моите кандидати за членство се повеќе од само трчање по преговорите, по исполнување обврски, постојано велење да… Вистинската цел на оваа вечер е да покажеме дека ние сме луѓе и треба подобро да се познаваме, рече Кос, нагласувајќи дека регионот е познат по гостопримството, што силно се чувствува и на вакви настани.

Таа додаде дека државите од Западниот Балкан вложуваат огромна страст и енергија во пристапниот процес.

– Мислам дека понекогаш треба да им кажеме: Не мора да го правите тоа. Вие сте Европејци. Вие сте дел од нас. Она што го правиме сега е формалност и тоа ми дава енергија да работам со вас, рече Кос, најавувајќи дека ќе се залага регионот да стане попознат меѓу земјите членки. Таа откри дека по завршување на техничките преговори за членство со секоја држава, ќе го искачи нејзиниот највисок врв – во македонскиот случај, тоа е Кораб.

Албанскиот премиер Еди Рама, домаќин на настанот во новите простории на Мисијата на Албанија при ЕУ, додаде доза хумор во целата вечер.

– Еднаш некој ме праша како се справувам со сите тие работи. Реков: Им велам да, за сè што ќе ми кажат… Тоа е лудо. На ЕУ и велите те сакам, а ЕУ ви вели: Во ред, но што е со вашата усогласеност. Вие велите: Но, те сакам, а Европа вели: Добро, но има некои критериуми, рече Рама, сугерирајќи ја апсурдноста на долгите процедури.

Во здравицата на крајот, Рама додаде дека Балканот и Европа веќе се испреплетени.

– Ние станавме толку многу Европејци, што овде веќе не знаете кој е Балканец, кој е од ЕУ. Тоа е добро за оние од ЕУ. Добро е за нив да личат на нас.

Вечерта заврши со порака дека интеграцијата не е само формален процес, туку заедничка визија заснована на вредности, култура и меѓусоседска блискост – токму она што, според говорниците, може да го приближи регионот побрзо и поуспешно кон ЕУ.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk