logo
logo
logo

ЌЕ ПАДНЕ ЛИ ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИ? Уставниот суд го доби мислењето од Венецијанската комисија (ДЕТАЛИ)

Vecer | 31.03.2026

ЌЕ ПАДНЕ ЛИ ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИ? Уставниот суд го доби мислењето од Венецијанската комисија (ДЕТАЛИ)

Уставниот суд попладнево соопшти дека го добил мислењето од Венецијанската Комисија во врска со предметите во коишто се оспорени одредби од Законот за употреба на јазиците.

Во воведот од Заедничко мислење amicus curiae на Венецијанската комисија и Генералниот директорат за демократија и човечко достоинство за меѓународните и европските стандарди за употребата на малцинските јазици во јавниот живот и во судските постапки се наведува дека „со допис од 20 ноември 2024 година, претседателот на Уставниот суд на Македонија побара мислење amicus curiae од Венецијанската комисија во контекст на предмет што е во постапка пред Судот, а што се однесува на уставноста на Законот за употреба на јазиците, што Собранието го усвоило во март 2018 година.

-Уставниот суд побара Венецијанската комисија да одговори на следниве прашања: 

1. Кои се меѓународните и европските стандарди за употреба на малцинските јазици во јавниот живот, односно во државните органи и јавните институции: 

• На централно ниво (особено во однос на критериумите за употреба на јазиците на малцинствата на целата територија на државата); 

• На локално ниво (во единиците на локалната самоуправа). 

2. Кои се меѓународните и европските стандарди за употреба на јазиците во постапките пред судовите и во судството воопшто? 

3. Во согласност со сопствената пракса, Венецијанската комисија одлучи да го подготви ова мислење заедно со Генералниот директорат за демократија и човечко достоинство („DGII“). 

4. Во својство на известители за мислењето се г-а Вероника Билкова, г. Мартин Кујер, г. Јан Веларс и г. Матија Зеба (експерт при „DGII“). 

5. Ова заедничко мислење amicus curiae е подготвено врз основа на коментарите на известителите. На 13 март 2025 година, Поткомисијата за основни права, недискриминација и заштита на националните малцинства на состанок го разгледа нацртот на мислењето amicus curiae. Венецијанската комисија го усвои на 142 Пленарна седница (Венеција, 14-15 март 2025 година), стои во Заедничкото мислење од Венецијанската комисија и Генералниот директорат за демократија и човечко достоинство (DGII)  при Советот на Европа. 

Во дописот од Венецијанската комисиjа стои дека на барање на Уставниот суд, а во врска со предметите во коишто се оспорени одредби од Законот за употреба на јазиците, Венецијанската комисија и Генералниот директорат за демократија и човечко достоинство обезбедија „amicus curiae”, односно т.н. пријателско мислење.

6. Венецијанската комисија и „DGII“ ќе ги анализираат и ќе одговорат на прашањата што ги постави Уставниот суд на Северна Македонија во однос на меѓународните и европските стандарди што се применуваат при употребата на малцинските јазици во јавниот живот и во постапките пред судовите и судството воопшто. Бидејќи барањето се однесува на „меѓународни и европски стандарди“ (поим што не се ограничува единствено на правно обврзувачки стандарди, ниту на стандарди што се обврзувачки за Северна Македонија), ова заедничко мислење amicus curiae нема да се фокусира на особеностите за Северна Македонија, туку ќе ги презентира стандардите во општ контекст. Толкувањето на Уставот на Северна Македонија и примената во конкретниот случај остануваат исклучиво во надлежност на Уставниот суд. Според тоа, заедничкото мислење amicus curiae нема да ја оценува фактичката состојба во предметот што е во постапка пред Уставниот суд, ниту пак усогласеноста на Законот за употреба на јазиците со Уставот на Северна Македонија, или кој било друг усвоен или предлог-закон.

7. Венецијанската комисија потсетува дека и претходно има усвоено Мислење за Законот за употреба на јазиците на Северна Македонија.

...

10. Сепак, од перспектива на владеењето на правото, подеднакво е важно овие правни одредби да (можат да) се извршат во пракса. Венецијанската комисија и „DGII“ нагласуваат дека европските и меѓународните стандарди што се предмет на анализа во ова заедничко мислење amicus curiae не е само јасното утврдување на јазичните права на националните малцинства со законски норми. Соодветната примена на законот е суштински аспект на владеењето на правото.

...

15. Специфични (регионални) правни инструменти што воглавно се однесуваат на употребата на јазиците се Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа (Рамковната конвенција) и Европската повелба за регионални или малцински јазици (Повелбата). Венецијанската комисија забележува дека Северна Македонија е држава-страна на Рамковната конвенција, но дека е само потписничка на Повелбата.

16. Рамковната конвенција содржи сеопфатен сет на одредби што се насочени кон заштитата на правата на лицата припадници на национални малцинства, со посебен акцент на јазичните права во членовите 5, 9, 10, 11, 12 и 14. Употребата на терминот „рамковна“ во насловот ја нагласува флексибилноста што им се нуди на државите-страни во прилагодувањето на опширните одредби на Рамковната конвенција во конкретен, државен контекст преку соодветни национални закони и политики. Иако Рамковната конвенција не дава експлицитна дефиниција за поимот „национални малцинства“, повеќето држави-страни вовеле свои дефиниции при процесот на ратификација, при што некои исклучиле одредени групи или експлицитно ги навеле малцинствата кон кои се применува Рамковната Конвенција.

Во ова заедничко мислење amicus curiae нема да се навлегува во дефиницијата на терминот „национални малцинства“. Повелбата нуди пристап „à la carte“, што значи дека државите самостојно определуваат кои јазици ќе бидат опфатени и нивото на заштита што ќе им биде обезбеден. Таа е поделена на општи одредби, обврзувачки одредби што важат за сите регионални и малцински јазици на државата-членка и одредби што им овозможуваат на државите да изберат кои јазици ќе ги заштитат и кои конкретни одредби ќе ги спроведат (во области како што се образованието, судската и административната власт, јавните услуги, медиумите, како и културниот, економскиот и социјалниот живот).

17. Венецијанската комисија во минатото ги применувала овие општи и конкретни инструменти при анализа на законодавство за употребата на јазиците во повеќе држави, како што се Латвија, Украина и самата Северна Македонија.

18. На ниво на Европската унија, во член 2 од Договорот за Европската унија (TEU) се утврдува дека ЕУ се заснова на темелни вредности, како што се еднаквоста и почитувањето на човековите права, „вклучувајќи ги и правата на лицата припадници на малцинствата“. Овие вредности дополнително се зајакнати со Повелбата на ЕУ за основните права, во која иако не се предвидуваат експлицитни права за малцинствата, сепак се забранува дискриминација врз основа на етничко потекло, јазик, религија или припадност на национално малцинство, а и дополнително се потврдува дека ЕУ ја почитува културната, религиската и јазичната разновидност.

А. Прво прашање: Меѓународни и европски стандарди за употребата на малцинските јазици во јавниот живот

19. Првото прашање што го постави Уставниот суд се однесува на меѓународните и европските стандарди за употребата на малцинските јазици во јавниот живот, односно во државните органи и јавните институции на централно ниво (особено во однос на критериумите за употреба на малцинските јазици на целата територија на државата) и на локално ниво (единици на локалната самоуправа).

20. Според Повелбата, јавниот живот во најмала рака ги опфаќа следниве области: образование, судски постапки (види во продолжение), административни органи и јавни услуги, медиуми, културни активности и институции, економски и социјален живот.

Сепак, Венецијанската комисија и „DGII“ забележуваат дека барањето на Уставниот суд се ограничува на употребата на малцинските јазици во државните органи и јавните институции (ова ограничување ќе се испочитува во заедничкото мислење amicus curiae).

21. МПГПП и ЕКЧП не содржат за употребата на јазиците на малцинствата во јавниот живот. Правото да се користи неофицијален јазик во комуникација со јавните власти никогаш не било признаено како такво од страна на Судот во сопствената судска пракса. Член 27 од МПГПП на лицата припадници на национални малцинства им го гарантира правото „да го употребуваат сопствениот јазик“. Ова право се однесува и на приватната и на јавната употреба на јазикот. Ниту во МПГПП, ниту во Општиот коментар за член 2715 не се утврдуваат конкретни детали за примената.

22. Со член 10(1) од Рамковната конвенција се утврдува правото на секој припадник на национално малцинство „слободна и непречена употреба на сопствениот малцински јазик дома и на јавни места, усно и во пишана форма“.

Дополнително, со член 10(2) се предвидува дека „Во подрачја населени со припадници на националните малцинства по традиција или во значителен број, доколку таквите припадници тоа го побараат и доколку таквото барање одговора на реалната потреба, Страните ќе вложат напори, во рамките на можностите, да обезбедат услови за користење на малцинскиот јазик во односите меѓу тие припадници и административните власти“. Според Образложението за Рамковната конвенција, оваа одредба е со формулација „на голема флексибилност, оставајќи им простор за дискреционо одлучување на државите-страни“, поради финансиските, административните и техничките предизвици при спроведувањето на оваа одредба, со цел “да ѝ се овозможи на секоја држава да ги земе предвид сопствените и конкретни околности“. Сепак, Венецијанската комисија и „DGII“ нагласуваат дека државите мора да применуваат објективни критериуми и да го почитуваат принципот на недискриминација.

24. Венецијанската комисија и „DGII“ нагласуваат дека Тематскиот коментар бр. 3 на Советодавниот комитет предвидува дека можноста за употребата на малцинските јазици во комуникација со административните органи не може да се препушти исклучиво на дискреционото право на локалните власти. Затоа, треба да се воспостават јасни и транспарентни процедури за спроведување на употребата на малцинските јазици, вклучително и во писмена форма, со цел да се обезбеди рамноправно уживање на ова право. Главниот предизвик кај кој било нумерички пристап е утврдувањето на прагови коишто не се премногу високи. Венецијанската комисија и „DGII“ забележуваат, како пример, дека праговите од 20%, или повисоки, честопати претставуваат „непремостлива пречка за ефективен пристап до правата на припадниците на националните малцинства“, додека пониските прагови генерално биле поповолно прифаќани од страна на Советодавниот комитет, особено на локално ниво. Покрај тоа, за да се направи разлика помеѓу разновидни права и услуги, може да се применат различни прагови. Сепак, важно е да се напомене дека официјалната употреба на малцинските јазици може да се утврди и во области со релативно мала малцинска популација, под услов тие традиционално да бидат населени од таа група, да постои поднесено барање и да има реална потреба. Според Советодавниот комитет, „потреба“ не подразбира зависност од малцински јазик поради недоволно познавање на официјалниот јазик. „Заканата за функционалност на малцински јазик како средство за комуникација во одреден регион е доволно за да претставува „потреба“ во смисла на член 10(2) од Рамковната конвенција.“

25. Венецијанската комисија и „DGII“ нагласуваат дека Тематскиот коментар бр. 3 на Советодавниот комитет за јазичните права прави разлика меѓу комуникацијата со јавните органи на локално ниво и комуникацијата со јавните органи на централно ниво. Во однос на употребата на малцинските јазици во комуникацијата со административните органи на локално ниво, Советодавниот комитет ги охрабрува државите да обезбедат „максимална имплементација на можностите предвидени со закон“. „Властите треба да поддржат и активно да поттикнуваат вакви мерки преку создавање на средина што е погодна за употреба на малцинските јазици, вклучително и преку доделување на неопходни финансиски и човечки ресурси.

29. Обврските што се однесуваат на постапувањето на локалните и регионалните власти се применуваат „во однос на локалните и регионалните власти на чија територија бројот на жители што употребуваат регионален или малцински јазик е таков што ги оправдува [наведените] мерки“ (член 10(2)). На државите повторно им се препушта дискреционо право да утврдат кои области ќе бидат опфатени, врз основа на правични, објективни и еднакви критериуми. Сепак, Комитетот на експерти во повеќе наврати истакнал дека праговите од 20%, или повисоките, за локална употреба на малцинските јазици во јавниот живот не се во согласност со Повелбата. Овој пат, одредбите опфаќаат обврски за овозможување и/или поттикнување на употребата на регионалните или малцинските јазици во рамките на регионалната или локалната власт; можност за поднесување усни или писмени поднесоци за лицата што употребуваат регионални или малцински јазици; објавување на официјалните документи од страна на регионалните и локалните власти и на соодветните регионални или малцински јазици; употреба на регионалните или малцинските јазици од страна на регионалните власти во дебатите во нивните собранија, без да се исклучи употребата на официјалниот јазик(ци) на државата; употреба на регионалните или малцинските јазици од страна на локалните власти во дебатите во нивните собранија, без да се исклучи употребата на официјалниот јазик(ци) на државата; употреба или прифаќање, доколку е потребно во комбинација со називот на официјалниот јазик(ци), на традиционалните и точни форми на регионален или малцински јазик на називи на места.

30. Обврските што се однесуваат на постапувањето на телата што даваат јавни услуги се применуваат „на територијата на која се употребуваат регионални или малцински јазици, во функција со состојбата на секој јазик и во мера во која тоа е навистина можно“ (член 10(3)).

32. Следствено, во рамките на административните органи и јавните услуги, со членот 10 на секоја од државите им се препушта голема слобода да одлучуваат за употребата на регионалните и малцинските јазици. Регулативата секогаш мора да ја земе предвид конкретната ситуација, којашто во различни држави може значително да се разликува, а и за секој регионален или малцински јазик засебно.

Имајќи ја предвид оваа (институционална) структура на Повелбата, со која на државите им се овозможува самостојно да изберат различни нивоа на обврски, Венецијанската комисија и „DGII“ констатираат дека стандардите што произлегуваат од Повелбата во голема мера зависат од изборот што ќе го направат државите. Сепак, значајно е што Повелбата прави разлика помеѓу комуникација со јавните органи на локално ниво и комуникација со јавните органи на централно ниво. За разлика од формулацијата „во мера во која тоа е навистина можно“ што се користи во ставовите 1 и 3, условите од став 2, а особено обврската на страните да „овозможат и/или поттикнат“, се формулирани со цел да се земе предвид начелото на локална и регионална автономија. Венецијанската комисија и „DGII“ сметаат дека очекувањата можат да бидат разумно повисоки во однос на употребата на малцински јазик во комуникација со органите на локално ниво (во единиците во коишто бројот на жители што го употребуваат тој малцински јазик го оправдува преземањето мерки), имајќи предвид дека овие органи се најблиски до граѓаните. Слично на тоа, треба да се направи разлика помеѓу комуникација на јавните органи во поединечни предмети и комуникација на јавните органи во однос на општоприменливи текстови и формулари. Кај последната категорија, од властите може „разумно“ да се очекува да преземат повеќе мерки. Исто така, треба да се разграничи правото на лице што зборува малцински јазик да доставува информации до властите на тој јазик (што претставува помало оптоварување) и обврската на властите да одговорат на тој јазик (што претставува поголемо оптоварување).

33. Венецијанската комисија и „DGII“ потсетуваат „дека доделувањето на јазични права на лица подразбира преземање на позитивни обврски од страна на државата, која мора да обезбеди кадар за олеснување на јазичните услуги во администрацијата“. Европските и меѓународните стандарди што се разгледани погоре, не само што подразбираат дека јазичните права на лицата што се идентификуваат со националните малцинства треба да бидат утврдени со јасни законски норми, туку и дека мора да се гарантира конзистентна имплементација на законот во пракса - преку обезбедување на неопходните средства за вработување на јавни службеници со соодветни јазични вештини и/или ангажман на квалификувани толкувачи и преведувачи.

Б. Второ прашање: Меѓународни и европски стандарди за употребата на малцинските јазици во судските постапки и во судството

1. Стандарди што се применуваат за обвинет во кривична постапка

36. МПГПП и ЕКЧП го признаваат правото на секое лице кое е обвинето за кривично дело, во веднаш да биде известено за природата и причините за обвинението „на јазик што /тоа лице/ го разбира“ (член 14(3)(а) од МПГПП и член 6(3)(а) од ЕКЧП), како и правото да „има бесплатна помош од толкувач доколку не го разбира или не го зборува јазикот што се користи во судот“ (член 14(3)(ѓ) од МПГПП и член 6(3)(е) од ЕКЧП). Ова право се повторува и во Рамковната конвенција (член 10(3)), за кое во Образложението се наведува дека „не ги преминува гаранциите содржани во /ЕКЧП/“.39 Член 5(3) од ЕКЧП исто така предвидува дека „секој кој е уапсен, веднаш се известува, на јазик што го разбира, за причините за неговото апсење и за секое обвинение против него“.

37. Овие одредби од ЕКЧП, чија цел е да го гарантираат правото на правично судење на обвинетиот, се однесуваат на обвинет кој не го разбира или не го зборува јазикот што се користи во судот. Сепак, обвинет кој го разбира официјалниот јазик на државата не може да инсистира на услуги за толкување за да ја води својата одбрана на друг јазик, вклучително и на јазикот на етничкото малцинство на кое припаѓа.

39. Венецијанската комисија и „DGII“ сакаат да подвлечат дека правата загарантирани во член 14(3)(а) од МПГПП, член 6(3)(а) од ЕКЧП и член 10(3) од Рамковната конвенција не исклучуваат можност за обезбедување на пошироки јазични права во судските постапки, под услов да не се повредат други права загарантирани со меѓународните договори или со Уставот, како што е правото на правично судење (во разумен рок).

40. Венецијанската комисија и претходно има наведено дека „доделувањето на јазични права на лица подразбира преземање на позитивни обврски од страна на државата, која мора да обезбеди кадар за олеснување на јазичните услуги во судството“. Советодавниот комитет често забележува дека, и покрај постоењето на соодветни законски одредби, ова право не се спроведува конзистентно поради недоволни финансиски ресурси и/или недостиг на квалификувани толкувачи, особено за јазиците на помалите малцинства. Затоа, не е доволно да се донесат само соодветни законски одредби, туку неопходно е и да се обезбедат финансиски ресурси за ангажман на квалификувани преведувачи и толкувачи.

41. Од друга страна, член 9(1)(а) од Повелбата оди подалеку од стандардите утврдени во ЕКЧП.44 Со овозможување на пристапот „à la carte“, се предвидува дека државите-страни се обврзуваат „во однос на оние судски единици во кои бројот на жители што ги употребуваат регионалните или малцинските јазици ги оправдуваат долунаведените мерки“ и „под услов користењето на овие можности, судијата да не го смета како попречување за правилно спроведување на правдата“, да ги спроведуваат кривичните постапки на малцински јазик и/или да му дозволат на обвинетиот да го користи својот малцински јазик и/или да поднесува документи и барања на тој јазик. Дополнително, барањата и доказите, било писмени или усни, поднесени на регионален или малцински јазик, не треба да се сметаат за неприемливи. „Доколку е потребно“, судските органи треба да обезбедат бесплатни услуги за преведување и толкување.

42. Имајќи ја предвид севкупната структура на Повелбата и формулацијата што се користи во член 9 од Повелбата, Венецијанската комисија и „DGII“ сметаат дека е тешко да се дефинира прецизен стандард во овој поглед, а воедно истакнуваат дека одредбата „го одразува настојувањето (…) да се заштитат основните начела на судскиот систем, како што се еднаквоста на странките и избегнувањето на неоправдано одложување на судските постапки, а и заштита од можни злоупотреби на дадените можности за употреба на регионални или малцински јазици“.

...

2. Стандарди што се применуваат за странка во некривични постапки

45. Што се однесува до некривичните постапки, Советодавниот комитет само констатира дека ја поздравува гаранцијата на правото на толкување на малцински јазик во граѓанските и управните постапки согласно Рамковната конвенција.

46. Повелбата оди подалеку од оваа рамка, а член 9 (со кој се обезбедува пристап „à la carte“) поопширно ја регулира употребата на јазиците во судските постапки. Како што Венецијанската комисија и „DGII“ претходно имаа забележано, оваа одредба „ги содржи највисоките европски стандарди за употреба на малцинските јазици во судските постапки“.Особено, се предвидува дека државите-страни се обврзуваат „во однос на оние судски единици во кои бројот на жители што ги употребуваат регионалните или малцинските јазици ги оправдуваат долунаведените мерки“ и „под услов користењето на овие можности, судијата да не го смета како попречување за правилно спроведување на правдата“ да ги водат постапките на малцински јазик на барање на една од странките, и/или да му дозволат на тужителот/тужената страна да го користи својот малцински јазик доколку тој/таа лично се појави пред судот, и/или да поднесува документи и докази на тој јазик. Овие обврски можат да се исполнат или со директна употреба на регионалните или малцинските јазици или преку ангажирање на толкувачи и преведувачи (без дополнителни трошоци за засегнатите лица).

Овој документ го објавуваме во целост, оригиналниот документ на англиски јазик, заедно со преводите на македонски и на албански јазик.

Во продолжение се заклучоците на Венецијанската комисија 

48. Со допис од 20 ноември 2024 година, Претседателот на Уставниот суд на Македонија побара мислење amicus curiae за две прашања што се однесуваат на европските и меѓународните стандарди за употребата на малцинските јазици во јавниот живот и во судските постапки. Имајќи предвид дека поставените прашања се разгледуваат во апстрактна форма, заедничкото мислење amicus curiae не е насочено кон особеностите на Македонија, туку ги презентира стандардите на општ начин. Бидејќи барањето се однесува на „меѓународни и европски стандарди“ (поим што не се ограничува единствено на правно обврзувачки стандарди, ниту на стандарди што се обврзувачки за Северна Македонија), ова заедничко мислење amicus curiae нема да се фокусира на особеностите за Македонија, туку ќе ги презентира стандардите во општ контекст. Во одговор на прашањата што ги постави Уставниот суд на Северна Македонија, Венецијанската комисија и „DGII“ дојдоа до следниве заклучоци:   

49. Европските и меѓународните стандарди коишто беа разгледани треба да се сметаат за „минимални стандарди“. Покрај тоа, овие стандарди не се само јасно утврдување на јазичните право со законски норми, туку и дека мора да се гарантира конзистентна имплементација на законот во пракса преку обезбедување на неопходните средства. Соодветното спроведување на законите е суштински аспект на владеењето на правото. Државите се должни да ги сносат последиците од нивните избори во однос на политиките за малцинските јазици, ако се има предвид дека им е препуштена слобода на одлучување.   

50. Венецијанската комисија и „DGII“ сакаат да потенцираат дека државите мора да применуваат објективни критериуми и да го почитуваат начелото на недискриминација, а воедно и да обезбедат консултации со малцинските групи. Иако со Рамковната конвенција се поттикнуваат мерките што треба да се преземат на локално ниво во однос на комуникацијата со употреба на малцински јазик со административните органи, со Повелбата на државите им се овозможува да изберат различни нивоа на дополнителни обврски, земајќи ги предвид големите разлики во фактичката состојба на регионалните или малцинските јазици. Во секој случај, ова треба да се проследи со обврска да се обезбедат соодветни ресурси, а и да се преземат соодветни административни мерки за да се овозможи ефективна примена. 

51. Венецијанската комисија и „DGII“ сметаат дека е тешко да се даде исцрпна листа на европските и меѓународните стандарди коишто се применуваат при употребата на малцинските јазици во јавниот живот, ако се земат предвид различните ситуации што произлегуваат од состојбата на ратификација на соодветните инструменти, како и врз основа на слободата на проценка што им се препушта на државите преку пристапот „à la carte“, со кој им се овозможува да ги земат предвид особеностите на нивната фактичка состојба, во соопствените правни системи. Венецијанската комисија и „DGII“ сметаат дека очекувањата разумно можат да бидат повисоки во однос на употребата на малцински јазик при комуникација со властите на локално ниво (во област каде што бројот на жители што го употребуваат тој малцински јазик оправдува преземање мерки), имајќи предвид дека тоа се јавните власти најблиски до граѓаните. Слично на тоа, треба да се направи разлика помеѓу комуникацијата на јавните власти во поединечни предмети и комуникацијата на јавните власти во однос на општо применливи текстови и формулари. Кај последната категорија, од властите може „разумно“ да се очекува да преземат повеќе мерки. Исто така, треба да се разграничи правото на лице што зборува малцински јазик да доставува информации до властите на тој јазик (што претставува помало оптоварување) и обврската на властите да одговорат на тој јазик (што претставува поголемо оптоварување). 

52. Венецијанската комисија и „DGII“ заклучуваат дека државите мора да ги преземат сите неопходни мерки за да обезбедат целосна примена на правата што се однесуваат на малцинските јазици во судскиот систем и да обезбедат гаранции за правично судење, вклучително и во фаза на истражна и предистражна постапка, пред сè во контекст на кривичните постапки. Обврските што се однесуваат на кривичните постапки, чија цел е да се гарантира правото на правично судење на обвинетите, претставуваат основно јадро на регулативата за употребата на малцинските јазици во судството. Сепак, овие се минимални стандарди, а државите ништо не ги спречува да гарантираат пошироки јазични права во судските постапки, под услов тоа да не го попречува правилното спроведување на правдата. Доколку се направи таков избор, уште поважно е да се обезбедат доволно финансиски средства, со што ќе се овозможи имплементација на законските одредби.  

53. Венецијанската комисија и „DGII“ му остануваат на располагање на Уставниот суд на Македонија за понатамошна помош по ова прашање, стои во заклучоците.

Целосното мислење на Венецијанската комисија во оригиналниот документ на англиски јазик, заедно со преводите на македонски и на албански јазик се достапни на следните линкови:

https://ustavensud.mk/wp-content/uploads/2026/03/Amicus-Curiae-brief%D0%95N.pdf

https://ustavensud.mk/wp-content/uploads/2026/03/Amicus-Curiae-mk.pdf

https://ustavensud.mk/wp-content/uploads/2026/03/Amicus-currae-%D0%BF%D1%80%D0%B5%D0%B2%D0%BE%D0%B4-alb.pdf

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk