Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска се обрати на промоцијата на кандидатите за градоначалници на партијата за локалните избори.
Истакна дека за нив, со почнувањето на изборната кампања, почнува и нов испит.

-Една кампања е обид да се преточат визијата и идеите во зборови, симболи и дела што ќе стигнат до секое срце. Но, кампањата не смее да биде театар на празни ветувања, таа треба да биде мост помеѓу вистината и надежта, да ја покаже искрената намера, а не да ја замаглува со илузии. Таа е момент на убедување, но и момент на огледало, таму се гледа и народот и човекот кој се кандидира и нивната меѓусебна искреност. Очекувањата секогаш се високи. Народот очекува подобар живот, сигурност, правдина и перспектива. Но, во суштина, тој очекува нешто уште подлабоко, достоинство, човечност. Да не биде излажан, да не биде третиран како средство, туку како цел за чија благосостојба мора да се работи одговорно. И мојот однос во политиката секогаш бил искрен, со срце и со чест кон работите, истакна Мицкоски.

Порача, да не забораваат дека под титулата и протоколот има исто срце што чука, исто семејство што го чека, исто достоинство како секој друг.

-Да бидеме со народот, но и да бидеме водени од неговата волја и неговата болка за која мора да помогнеме. Да бидеме човек кој знае дека моќта е минлива, но делото и доблеста остануваат. И во животот е многу важно да се направи вистинскиот избор. Животот се состои впрочем од правење избори. Денес, не бараме аплауз за ветувањата, туку доверба за работа. Зашто вистинската награда не е во аплаузите, туку во животот што ќе го направиме подобар.

И кога ќе дојде денот на одлука, и ќе стоиш со пенкалото во рака пред ливчето, ќе знаеш дека одговорот го носиш во себе. Во срцето. Во погледот. Во улицата. Во промената што веќе почна. Во најдоброто што допрва доаѓа, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната промоција на на кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ се осврна на тоа што направија градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ за тие три години додека централна власт беше СДСМ.
„Во изминативе 4 години, од кои цели три години беа со жесток отпор и кочница од централната власт, заедно градоначаниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, изградија и реконструира улици, булевари, патишта во вкупна должина од над 770 километри во вкупна вредност од околу 100 милиони евра. Направени се речиси 47 километри нови водоводи, изградени се канализации од должина од речиси од 91 километар. Изградени или во завршна фаза на градење се 7 пазари од затворен тип, 12 пречистителни станици“, соопшти Мицкоски.
Мицкоски посочи дека во делот на образованието реконструирани и модернизирани се повеќе од 400 училишта и дека се потавени фотоволтаици на поголем број на училиштата.
„За учениците обезбедена е бесплатна храна за децата од 1 до 5 одделение и обезбедено е бесплатно летување за децата од социјално загрозените семејства во голем број на општини, со доградба и реконструкција на училиштатата се воведе и еднодневна сменска настава. Реконструирани и модернизирани се повеќе 70 детски градинки, а новоизградени се неколку десетици градинки за оваа цел се инвестирани повеќе од една милијарда денари. Завршени или во завршна фаза се 274 спортски игралишта или детски рекреативни терени“, вели Мицкоски.
Мицкоски заклучи дека претстои многу работа, многу труд, „но денес со чист образ стојам пред сите вас“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата