logo
logo
logo

Афера мазут: “Најлошото не е кога лагата се кажува, туку кога вистината повеќе не се бара.“

Vecer | 12.05.2026

Афера мазут: “Најлошото не е кога лагата се кажува, туку кога вистината повеќе не се бара.“

„Најопасната состојба во едно општество не е кога лагата се кажува, туку кога вистината повеќе не се бара.“

(интерпретација на мислата на Hannah Arendt)

Ова не е приказна за мазут. Ова е приказна за систем што се откажува од вистината токму тогаш кога треба најгласно да ја изговори.

Истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино започна како еден од најтешките случаи во јавноста, со сомнежи за злоупотреби, милионски договори, перење пари, притвори и политички поврзани бизниси. Заврши со формула што звучи како административна белешка: „нема доволно докази“.

Но зад тие три збора не стои правна чистота, туку празнина што ја голта довербата.

Кога ќе вложиш година дена истрага, кога ќе потрошиш јавни пари, кога ќе мобилизираш институции, и ќе завршиш со ништо, тогаш проблемот не е во доказите, туку во оние што не успеале да ги изградат, задржат или одбранат.

Во оваа слика, централниот проблем не е ниту мазутот, ниту договорите. Централниот проблем е обвинителството.

Под раководство на Ислам Абази, наместо правен удар, јавноста доби стерилно објаснување. Наместо расчистување, расчистување на одговорноста. Наместо правда, затворање.

И тука веќе не станува збор за правна техника, туку за суштинско прашање: дали вистината беше барана до крај, или беше оттурната таму каде што е најудобно да остане, во фиока?

Во нормален систем, бегството е аларм.

Во овој систем, бегството е игнорирана реалност.

Васко Ковачевски – „Колбасо“, човек кој бил на врвот на енергетскиот систем, е недостапен за органите.

И тоа не ја отвора истрагата, туку коегзистира со нејзино затворање.

Тоа е моментот кога јавноста престанува да верува.

Затоа што ако некој бега, а предметот се затвора, тогаш не станува збор за недостиг на докази, туку за недостиг на волја.

Парадоксот станува уште подлабок со аргументот дека немало штета, напротив, имало корист.

Струјата била поевтина, системот не паднал, рестрикции немало.

Но правото не се темели на резултат, туку на постапка.

Ако утре некој ја заобиколи процедурата и притоа „заштеди“ пари, дали тоа го прави невин? Ако ова стане принцип, тогаш секој сомнителен договор може да се оправда со крајниот биланс. Тоа не е право, тоа е преседан што го урива правниот поредок.

Овој случај не е празен затоа што нема обвинение. Празен е затоа што има премногу прашања без одговор.

Како предмет од 167 милиони евра станува правно ништо?

Како луѓе што биле во притвор стануваат целосно чисти?

Како сомнителни трансакции стануваат нормална деловна практика?

И најважно, како институција што треба да гони организиран криминал, заклучува дека криминал нема?

Дополнителна тежина дава изјавата на државниот обвинител Ненад Савевски дека предметот не бил соодветно рефериран. Тоа значи дека проблемот не е само во одлуката, туку и во системската неусогласеност.

Таму каде што нема координација, нема ни одговорност,а таму каде што нема одговорност, се раѓа сомнеж.

Во исто време, Христијан Мицкоски со месеци, и како опозиционер и како премиер, јавно предупредуваше, отвораше прашања и инсистираше на одговорност, вклучително и за можната еколошка и здравствена штета.

Но обвинителството не најде ништо.

И тука доаѓа најопасниот момент: отсуството на доказ се претставува како доказ дека проблем не постои, а тоа не е правда, тоа е удобна конструкција.

Затоа оваа приказна не завршува со затворањето на предметот.

Тука почнува.

Затоа што кога ќе се затвори случај од 167 милиони евра без вистински епилог, не се затвора само предмет, се затвора довербата,а кога довербата ќе се изгуби, секоја следна истрага, секое следно обвинение, секоја следна одлука ќе изгледа како сценарио, а не како правда.

И тука лежи најголемата опасност.

Не во тоа дали некој ќе биде осуден или ослободен, туку во тоа што граѓаните веќе не веруваат дека вистината воопшто се бара,а систем во кој вистината не се бара, не е само слаб систем, туку опасен систем.

Затоа што во таков систем, сè може да се затвори.

Освен сомнежот.

Слободан Томиќ, новинар

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk