logo
logo
logo

МАЛ ИНТЕРЕС ЗА „ЖЕШКОТО СТОЛЧЕ“ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КРИВИЧНИОТ СУД

Vecer | 12.05.2026

МАЛ ИНТЕРЕС ЗА „ЖЕШКОТО СТОЛЧЕ“ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КРИВИЧНИОТ СУД

Мала е заинтересираноста на судиите за клучната позиција во најголемиот суд во Македонија – само двајца кандидати се во трката за претседател на Кривичниот суд Скопје, судиите Ивица Стефановски и Даниела Димовска, актуелна вршителка на должноста.

Во досегашната постапка за избор, двајцата имаат речиси идентичен број на бодови. Димовска има 200, а Стефановски 199.

Тричлена комисија од Судскиот совет денеска спроведе интервју со кандидатите. Меѓу другото, одговараа на прашања како ќе ги заштитат судиите доколку пријават политички притисоци.

Стефановски и Димовска ги претставија своите програми, а претседателот на комисијата Ивица Николовски соопшти дека сумираните оценки ќе ги достават пред Судскиот совет, по што ќе следи јавно гласање за избор.

Актуелната в.д. претседателка Димовска, тврди дека за 40 проценти ќе го скрати времето на судските процеси, а сака да имплементира и електронска достава до адвокатите, за да нема доцнење или одложување на рочиштата. Најавува поголема транспарентност и отвореност на Судот кон новинарите и кон јавноста.

– Јас сум на оваа позиција 10 месеци и сметам дека треба да се постават индикатори што ќе мерат резултати. Горда сум на моите колеги – предметите за семејно насилство ги завршуваме во просек за 4 месеци… Судиите, особено во Кривичниот суд, работат вредно. Во 8 часот сите се на работа, со огромен број предмети. Но, за жал, ние сме многу видливи само кога има негативни вести. Само еден коруптивен случај ја руши довербата во сите нас. Нам ни е преку глава од тие 2 проценти – рече Димовска.

Судијата Стефановски, познат во јавноста по предметите за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и за насилилникот од Карпош, Стојанче Јовановски, рече дека ќе се залага за поголема ажурност, скратување на траењето на постапките, транспаретноста и за меѓучовечките односи. Голем проблем за Стефановски е тоа што има нерамномерно распределување на предметите.

– Сметам дека треба да им се даде приоритет на старите предмети и да се намали времето меѓу рочиштата. Тука има простор за поенергичен и за посериозен пристап кон ажурноста. Системот АКМИС е стар повеќе од 20 години и не препознава сложен или едноставен предмет. Затоа распределбата не овозможува еднаков товар кај судиите и некои се преоптоварени – рече Стефановски.

Од Судскиот совет велат дека ова е одлична можност да се запознаат кандидатите за претседател. Во врска со малата заинтересираност на конкурсот велат дека не секој добар судија може да биде и добар менаџер.

– Целта е преку изброт на овој претседател да дојде до подобра организација и да се остави зборот „долгата правда не е правда“ – рече претседателот на комисијата Николовски.

Членовите на Судскиот совет ќе направат рангирање, по што кандидатите ќе имаат право и на приговори до Управниот суд. Доколку нема забелешки, ќе гласаат Димовска или Стефановски да биде нов претседател на Кривичниот суд.

Огласот за претседател на Кривичен беше објавен пред 10 месеци.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk