logo
logo
logo

Фондација Божиновски ги презентираше резултатите од иницијативата „Прва уметничка бригада“ со колективна порака

Vecer | 09.06.2026

Фондација Божиновски ги презентираше резултатите од иницијативата „Прва уметничка бригада“ со колективна порака

Пред Центарот за култура во Битола се одржа завршниот настан на иницијативата „Прва уметничка бригада“, реализирана од Фондација Божиновски Битола во соработка со Центар за култура Битола и ЗГ Солак.

Фондација Божиновски ги презентираше резултатите од иницијативата „Прва уметничка бригада“ со колективна порака дека младите не сакаат да заминуваат – младите сакаат услови за достоинствен живот

Настанот ги заокружи неколкумесечните активности во кои учествуваа 47 млади од Битола и околните рурални средини. Преку уметност, граѓански активизам и интервенции во јавен простор, тие ги отворија прашањата што најдиректно влијаат врз нивниот живот и иднина потврдувајќи дека младите имаат што да кажат кога ќе добијат простор, поддршка и доверба.

Во рамки на проектот беа формирани два тима. Првиот, под менторство на драматургот Билјана Крајчевска, преку Театар на слики ги создаде интервенциите „Билет за дома“, „Дозвола за дишење чист воздух“ и „Е па чао“, посветени на јавниот превоз, загадувањето и иселувањето. Вториот тим, под менторство на уметницата Љубица Мешкова Солаковска, изработи десет READY MADE скулптури преку кои ги обработи темите на загадувањето, влијанието на медиумите, дигиталниот идентитет, зависноста од технологијата, иселувањето, губењето на вредностите и предизвиците со кои се соочуваат младите во современото општество.

Преку јавни поставки и презентации во Битола и руралните средини, младите ги споделија своите пораки со заедницата и институциите и уште еднаш потврдија дека кога младите ги именуваат проблемите, повеќе нема простор за игнорирање. Потребни се конкретни политики, мерки и акции.

„Прва уметничка бригада“ покажа дека уметноста не е само средство за креативно изразување, туку и моќна алатка за граѓанско учество, критичко размислување и општествена промена. Проектот остави зад себе нова генерација млади луѓе кои научија како својот став да го претворат во порака, а пораката во акција.

Фондација Божиновски останува посветена на создавање можности за младите уметници и поддршка на иницијативи кои ја поврзуваат културата со развојот на заедницата, охрабрувајќи ги младите активно да учествуваат во обликувањето на својата иднина.

Проектот е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој" на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.

(Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.)

„Проектот „Култура за развој“ го поддржува независниот културен сектор во Република Македонија, користејќи ја културата и уметностите за поттикнување критичко размислување за општествените прашања важни за локалните заедници. Целта е да се стимулира поотворено и демократско општество преку јакнење на социјалната кохезија, демократските процеси и општествениот дијалог, како и преку охрабрување на соработката меѓу културните институции. Проектот „Култура за развој“ е поддржан од Владата на Швајцарија, а се имплементира од страна на Хратефакт Фонд од крајот на 2024 година до крајот на 2028 година. “

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk