logo
logo
logo

Тошковски за ЛАЖНИТЕ БОЛЕДУВАЊА И РЕФОРМИ КАЈ НАЧАЛНИЦИТЕ И ШЕФОВИТЕ

Vecer | 24.03.2026

Тошковски за ЛАЖНИТЕ БОЛЕДУВАЊА И РЕФОРМИ КАЈ НАЧАЛНИЦИТЕ И ШЕФОВИТЕ

Новата систематизација во МВР драматично ја редуцира раководната структура и ја заснова на професионални, а не етнички критериуми – истакна денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на почетокот на кампањата на ОБСЕ за подигнување на јавната свест за ризиците од злоупотребата на мало и лесно оружје, при што одговараше на новинарски прашања поврзани, меѓу другото и со најавената нова систематизација во Министерството за внатрешни работи и случаите на злоупотреба на боледувања.

Тошковски истакна дека новата систематизација произлегува од усвоените Закони за внатрешни работи и за полиција, кои налагаат реорганизација согласно новите законски правила.

Клучната измена е значително намалување на бројот на раководни позиции, началници, заменици, помошници. Првичните проценки се дека раководната структура се намалува за над 30 проценти, мислам дека точната бројка е околу 37–38 отсто. Повеќе нема да имаме функции само за да постојат, туку конкретни позиции со јасни одговорности и стандарди, истакна министерот.

Тој нагласи дека систематизацијата, како и законите и подзаконските акти, немаат етнички предзнак и дека сите кои ги исполнуваат критериумите образование, искуство, постигнувања и професионални способности, ќе можат да конкурираат за раководните места.

Лично познавам голем број професионалци Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, секако и Македонци, кои може да бидат дел од идната раководна структура. Убеден сум дека ќе има претставници на сите заедници кои ги исполнуваат професионалните стандарди, додаде Тошковски.

Во однсо на боледувањата во МВР, Тошковски рече дека процентот на боледувања во полицијата е фрапантен и дека истрагата продолжува. По негово барање, внатрешната контрола во МВР отворила истрага, а во процесот е вклучен и ФЗО.

Според министерот одговорноста за издавањето боледување не е кај полицискиот службеник, туку кај докторот кој го издал ако немало основ.

Во текот на вчерашниот ден од медиумите и јас бев запознаен дека Фондот констатирал конкретни пропусти кај лекарите. И тоа не кај еден, туку кај повеќе. По случаен избор биле одбрани одреден број случаи каде што согласно она што го видов, секој четврти или секој петти од контролираните има индиции дека го злоупотребувал боледувањето.

Значи, тоа е катастрофа вака како процент, истакна Тошковски.

Тој додаде дека истрагата на внатрешна контрола е во тек и ќе биде целосно завршена.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk