По силното невреме кое го зафати главниот град и предизвика големи штети, при што беа уништени голем број зелени површини и дрвја, Град Скопје денеска започна акција за обновување на зеленилото. Во рамки на акцијата, во градскиот парк беа засадени 60 нови дрвја.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека по вчерашната голема акција за расчистување, денес почнува садењето на 60 нови садници јавор и јасен.
„Но, ние не дозволуваме последиците да останат слика на нашиот град! По вчерашната голема акција за расчистување, уште денес започнавме со засадување на 60 нови садници јавор и јасен. Тие ќе донесат повеќе сенка, почист воздух и нов живот во зелената структура на паркот. И ова е само почеток! Градскиот парк ќе го облагородиме со уште повеќе дрвја, зеленило и нови содржини. На местото на секое паднато дрво ќе никне нова надеж, а паркот ќе биде уште позелен, поубав и подостоен за скопјани“, напиша на својот ФБ профил градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Од градот додаваат дека нивните екипи продолжуваат со санирање на штетите низ целиот град.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата