Незаштитени косини, непредвидени клучки и натпатници при изградбата на патот Кичево-Охрид, незавршена експропријација, дисклокација на објекти и водови на делниците Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани се само дел од проблемите со кои се соочила Владата по преземањето на надлежностите. Оттогаш, велат надлежните, напорно и интензивно се работи на решавање на проблемите со косините и свлечиштата за што ќе се градат 14 галерии.
Рокот за изградба на автопатот Кичево-Охрид останува ист без разлика на проблемите и се очекува тој да биде завршен до крајот на 2026 година и во првиот квартал од наредната да биде целосно функционален. Поради тоа што минатата Влада не сработила ништо за изградбата на автопатот Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани рокот ќе биде пролонгиран за 2029 година, кога отприлика се очекува да се заврши и делницата Букојчани-Кичево во должина од 11 километри.
Кога ќе се завршат сите автопатски делници се очекува скратување на патот од Скопје до Охрид за дваесеттина километри, но, многу повеќе ќе се скрати времетраењето на патување и тогаш ова растојание ќе се поминува за еден час и петнаесеттина-дваесет минути, беше истакнато на неодамнешниот увид во изградбата на делниците направен од страна на премиерот Христијан Мицкоски заедно со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на ЈПДП Коце Трајановски.
Поврзувањето е стратешко позиционирање и цел на Владата, нагласуваат и додаваат дека коридорите 8 и 10 се стратешки за државата од многу аспекти и затоа тоа е нивен најголем приоритет.
Иако, изградбата на автопатот Кичево - Охрид е почната одамна, оваа Влада, беше истакнато, затекнала многу лоша состојба со незаштитени косини, непредвидена заштитна ограда, непредвидени клучки и натпатници...
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата